Достапни линкови

Членството во ЕУ ќе ги урне бариерите за македонскиот бизнис


Поле со пченица во Пелагонија
Поле со пченица во Пелагонија

Членството во ЕУ на Македонија ќе и овозможи отворен пазар, кој за секој бизнис ќе значи поголем пласман на производите како и олеснување на работата, велат упатените. Најголемата трговска размена на Македонија и е токму со земјите членки на ЕУ.

Членството во ЕУ е ветување и надеж за развој на македонската економија, велат упатените. Во првите шест месеци Македонија остварила најголема трговска размена со земјите членки на ЕУ, беше нагласено на дебатата „Зошто Европа“ која се одржа во Даут пашин амам на која се разговараше за придобивките од членството во европското семејство. На дебатата учествуваа германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас и неговиот македонски колега Никола Димитров. Токму на прво место во трговската размена со Македонија е Германија, на второ Грција, а на трето Британија. Двајцата министри се согласија дека ЕУ и е потребна на Македонија, но и Македонија и е потребна на ЕУ.

Странските пазари ќе се освојуваат побрзо

Но, што тоа би значело тоа за една фирма од земјава? Поранешниот претседател на Сојузот на стопански комори и Мирче Чекреџи вели дека цената за членство мора да се плати. Чекреџи, кој работи во фирма за печатење и е задолжен за корпоративната стратегија објаснува како ЕУ директно ќе влијае на нивната работа.

Кога би биле во ЕУ прво би немало никакви царински бариери, нема потреба од шпедитери, нема потреба од царински формалности. Системот на испорака, брза пошта и итн би се проширил и на наша територија и тоа би бил еден јак бенефит. Значи ние би можеле да почнеме да освојуваме многу полесно странски пазари. Втора работа. Денеска ако имате еден мал дефект на машините, Ви фали едно делче, ние користиме, мојата фирма, европски машини, во просек ни требаат 10 до 12 дена откако ќе го нарачаме додека стаса делчето. Од тие 10 до 12 дена, 6 до 7 дена ќе сме во некои царински испостави. Секаде во Европа ќе кренат телефон ќе го нарачаат и по ДХЛ ќе им стигне утредента. Тоа ќе се случи и во Македонија ќе се олесни многу бизнисот“, вели Чекреџи

Претседателот на Сојузот на земјоделци, Вељо Тантаров, кој произведува пченка и пченица вели дека и досега ЕУ била корисна во секторот со фондовите за развој на земјоделието. Но, тој ги обвинува сите досегашни власти и амбасадори кои не преземале мерки за пласман на земјоделските производи надвор од Македонија.

„Можеби не се искористени тие пари во другите сектори, а кај нас нема шанса да не се искористат. Тие работи во земјоделството се користат за набавка на земјоделска механизација, изградба на преработувачки објекти, наводнување, систем за наводнување“, вели Тантаров.

РСЕ: Значи сепак имате некаква корист од ЕУ во работата?

„Никој не може да рече дека не. Тој што ќе рече - не лаже и ќе го казни господ“, додава Тантаров.

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска неодамна изјави дека со членство во ЕУ пред домашните компании се отвора пазар од 500 милиони потрошувачи, Тоа, според неа, е една од најголемите развојни перспективи кои се отвораат за домашните компании.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG