Достапни линкови

ЕУ порачува дека недоволно се бориме за животната средина


Депонија на патот Арачиново - Куманово кај Никуштак.

Финасиски и административни ресурси се главната пречка за подобрување на квалитетот на воздухот, јавноста не учествува во носењето на одлуките, а целата земја е под зголемен ризик од поплави. Ова се дел од забелешките во новиот извештај на ЕК. Активисти оценуваат дека укажувањата се реални.

Законите во Македонија за спречување на аерозагадувањето се усогласени со европските, но воздухот во големите градови и натаму е загаден бидејќи е слаба имплементацијата на тие закони.

Вакви се заклучоците во Извештајот на Европската комисија од 2019 година за напредокот на земјата во областа на животната средина, каде е посочено дека главна пречка за спроведувањето на мерки за подобар квалитет на воздухот се недостатокот на административни и финансиски ресурси.

Европската комисија оценува дека во областа на животната средина, административните капацитети се слаби и недоволни како на централно, така и и на локално ниво.

Во документот е посочена подобрената соработка на власта со граѓанските организации, но се укажува на потреба од дополнителни напори за ефикасно вклучување на јавноста во процесите на донесување одлуки.

Законот за инпекциски надзор на животната средина се уште не е донесен, а не не се целосно усогласени и имплементирани директивите за криминал во врска со животната средина, истакнува ЕК.

Исто така е посочено дека земјата се уште го одложува интегрираниот систем за управување со отпад во услови на доготраен процес на поставување регионални структури, а укажува и на зголемени ризици за поплави скоро во сите делови на земјата.

Комисијата вели дека недостасува и одржливо и долгорочно финасисрање на заштитените подрачја од страна на централната власт.

„Она што Европската унија го наведува во извештајот е реално и на терен. Администрацијата, односно државата нема доволно капацитети за спроведување на законите, препораките и конвенциите кои ги има потпишано“, вели активистот Аријанит Џафери од граѓанската организација „Еко-герила“ во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Тој потенцира дека државата слабо напредува во оваа област, не ги почитува потпишаните меѓународни конвенции, како Архуската, но смета дека е позитивно тоа што со отворањето на Поглавјето 27, доколку земјата ги почне преговорите со ЕУ, земјата ќе добие услов дека мора да ги почитува законите.

„Еден голем проблем е тоа што студиите за влијание врз животната средина не се јавно достапни. Кога бараме студии или елаборати од инвеститори, Министерството за животна средина или други министерства кои се вклучени во ваков процес, одговараат дека тоа не е дозволено според договорите кои ги имаат потпишано страните. Тоа е голема забелешка од страна на ЕУ“, вели Џафери.

Во извештајот на ЕК се вели дека се уште не е донесен нов закон за индустриски емисии, но оти сепак процесот за издавање на интегрирани дозволи е подобрен во насока на квалитет и кванитет.

За климатските промени, се вели оти е почнат развојот на стратегија за акција за климата во согласност на Рамката на ЕУ 2030 и дека треба да продолжат напорите во имплементацијата на Прискииот договор. Но повторно се наведени слабите технички, институционални и административни капацитети.

За Поглавјето 27 заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули неодамна изјави дека исполнувањата на барањата од ова поглавје чинат стотици милиони евра и според него оваа област ќе има големо значење, бидејќи како што посочува, било која европска земја ќе може да го спречи патот на земјата со користење на деловите од животната средина.

Тој истакнува дека во процесот на преговорите, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе го користи искуството на Црна Гора, каде тимови од Македонија ќе наљудуваат како се одвиваат преговрите на таа земја.

„Ни треба стратегија, акционен план, бидејќи сметам дека тоа што го прави Црна Гора е добар пат и да видиме колку луѓе се потребни за да се добијат стандардите за одредена работа и колку чини, а потоа заеднички да ги бараме решенијата, не само во климатски промени, туку и во други сектори каде што ни фалат луѓе. Но тоа е еден хендикеп кој што постои во администрацијата“, вели Макрадули.

Џафери заклучува дека земјава има добри планови и стратегии, но заостанува нивно спроведување.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG