Достапни линкови

Оптимизам од Самитот во Полска за датум за преговори есенва


Самитот во Полска заврши со зголемен оптимизам за проширување на Европската Унија, јавуваат новинските агенции. Германската канцеларка, Ангела Меркел, на прес конфренецијата изјави дека е оптимист за есенва во однос на можноста за пристапни преговори за Македонија.

Германската канцеларка Ангела Меркел на прес конференција по завршувањето на самитот во Полска за Западен Балкан изјави дека „стратегиски интерес на ЕУ“ е да го интегрира Западниот Балкан. Таа особено ја пофали „храброста“ на Северна Македонија во обидот да ги надмине проблемите со соседите како што е спорот за името со Грција изминатата година беше решено, новинската агенција Асошиетед прес.

„Тоа беше голем чекор напред. Ние со години го чекавме тој чекор и на сите нас ни олесна затоа што на некој начин се отвори патот кон НАТО и патот за отворање на преговорите за членство. Што се однесува до останатото методот на работа на ЕУ е поинаков и не станува збор за вршење на притисок кон другите, зборуваме за суверени и независни држави и секоја држава мора да донесе одговорни одлуки. Но јас со оптимизам гледам на есенва, изјави Меркел, јавува македонската телевизија Телма.

Таа на прес конференцијата во Познањ истакна дека го дели гледиштето на францускиот претседател Емануел Макрон дека работните механизми на ЕУ мора да се подобрат.

„Но, не го гледам тоа како напуштање на преговорите за пристапување“ вели Меркел.

Полска и Германија повикаа на континуиран напредок во преговорите за членство на земјите од Западен Балкан со надеж дека ќе пристапат кон Унијата, отфрлајќи ја француската позиција дека е потребно да сопре проширувањето додека ЕУ не ги реши внатрешните прашања, јавува Ројтерс.

Полскиот претседател Анджеј Дуда кој беше домаќин на Самитот денеска оцени дека изостанувањето на европски интеграции сигурно ќе го забави развојот и ќе предизвика нова дестабилизација на Балканот. Тој порача и дека Варшава ја поддржува политиката на проширување.

„Новите членки не носеа нови кризи, напротив носеа нови енергии, решенија, перспективи. Верувам дека тоа и сега е случај. Новите власти на ЕУ не треба да го спречуваат проширувањето. ЕУ треба да се отвори кон новите држави. Треба да се обврземе дека ЕУ е подготвена да прими нови членки“, посочи Дуда на отворањето на состанокот на шефови на влади на Западен Балкан во Познањ.

Премиерот Зоран Заев изјави дека државата е подготвена да ги преземе неопходните чекори за да ги убеди скептичните членки на Унијата за вредноста на проширувањето. Тој на маргините на самитот се сретна и со францускиот премиерЕдуар Филип.

Заев на средбата, како што соопшти владината прес-служба, порачал дека земјата ги исполнила сите реформски и политички очекувања, вклучувајќи ги и уставните промени за името и дека за испорачаното земјата очекува и исполнување на ветувањето на Европскиот Совет за почеток на преговорите во октомври.

„Таквата одлука ќе биде јасна порака и за другите во регионот дека вреди да се вложува во реформите и во унапредувањето на билатералните односи во регионот, како и во регионалната соработка. Ја поддржуваме дебатата за реформи во ЕУ, но убедени сме дека тој процес може да оди паралелно со процесот на преговори и за проширување со земјите од регионот“, нагласил Заев, се вели во владиното соопштение.

Могерини за датум за преговори за Северна Македонија во октомври
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:58 0:00

Претходно денеска досегашната шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини денеска за Радио Слободна Европа на Самитот во Познањ изјави дека ќе биде грешка доколку ЕУ не одреди датум за преговори за Северна Македонија и Албанија во октомври. Таа на прашањето за противењето на францускиот претседател Емануел Макронза проширувањето на ЕУ порача дека верува во процесот.

Заев по завршувањето на Самитот изјави дека се враќа дома со грант од 43 милиони евра за три проекти.

„ Едниот, во износ од 13 милиони евра, е интерконекторот меѓу Република Грција и Република Северна Македонија за снабдување со природен гас. Овој интерконектор е можеби најзначајниот енергетски проект во овој дел на Европа. Неговата реализација ќе значи можност, иднина, конкурентност, безбедност и сигурност при снабдувањето со природен гас. Државите од Западен Балкан до сега немаа можност за втор снабдувач. Со овој интерконектор РСМ ќе има можност за пристап до огромни количини природен гас- 3,5 пати поголеми количини од сегашниот капацитет, изјави премиерот.

За вториот проект, од околу 3 милиони евра се доделени за изградба на заедничкиот железнички граничен премин и патен пристап на Табановце на границата меѓу Србија иМакедонија, а околу 28 милиони евра и се доделени на Македонија за изградба на автопатот А4, отсек БЦ „Блаце“- Скопје, кој е дел од Коридорот 8.

Наредната година со Берлинскиот процес ќе заеднички ќе претседаваат Македонија и Бугарија. Ова е прв пат земја која што не е земја членка на ЕУ да претседава со овој процес за земјите од Западен Балкан, кој го иницираше Германија.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG