Достапни линкови

Правдата селективна, а мирот привиден


Карикатурата „Резултат“ на Предраг Кораксиќ Коракс

За дел од случаите од висок профил нема правда. Некои избегаа, а некои не го ни видоа затворот од внатре. СЈО ги заврши само тривијалните случаи.

Речиси четири години од основањето на СЈО, мир има, но правдата остана само желба. Дури и оние малкумина што беа осудени во случаите на СЈО не го видоа затворот од внатре. Се добива впечаток дека обвинителството ги завршува само тривијалните случаи, додека оние за сериозен криминал, во кој се вмешани високи функционери од претходната власт, се развлекуваат до недоглед. За процеси против актуелни функционери, пак, воопшто не станува збор.

Уредникот на Сител, Драган Павловиќ Латас, вчера беше прогласен за невин во случајот Тревник на СЈО за бесправна изградба на викендичка во скопско Зелениково, што предизвика реакции во јавноста. Адвокатот Звонко Давидовиќ, пак, во гостувањето на ТВ24 вели дека поентата е СЈО да се занимава со големите случаи.

„СЈО не требаше да се бави со вакви предмети и не е за тоа формирано. Да се бавите со викендичката на Латас, со гаќите на Ивона или со некои други ситни работи кои се незаконити или противзаконити, па судот ќе донесе одлука. Со тоа требаше да се бави редовното обвинителство, а СЈО сериозно да си ја сфати работата и да го гони високиот криминал и високите функционери“, рече Давидовиќ.

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски ни изјави дека власта очекувала правдата да дојде сама по себе, без да се замерат со нивните претходници.

„Сите очекувавме, после падот на еден режим, дека ќе има правда и ќе има мир, но очигледно дека носителите на таа активност како да заборавија или како да не се снаоѓаат доволно, па испаѓа дека нема ни правда, нема ни мир. Сè додека не се совлада криминалот, сè додека не се совлада корупцијата, ниту ќе дојде правдата, ниту ќе дојде мирот, а бевме многу близу“, вели Ивановски.

Во случајот „27 април“ обвинетите пратеници од опозицијата добија амнестија и потоа гласаа за уставните измени за промена на името. Тоа беше претставено како национално помирување.

Дури и во извештајот на ГРЕКО за борба против корупцијата се наведува дека СЈО не гони случаи од висок профил или политички чувствителни случаи.

„Системот на кривична правда не е успешен во борбата против корупцијата. Иако Специјалното јавно обвинителство оформи предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво кои произлегуваа од скандалот со прислушување, обвинителите генерално не гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи. Се смета дека напредокот во оваа област силно зависи од тоа дали судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно“, се наведува во извештајот, во кој сепак се посочува дека од посетата на Евалуациониот тим на ГРЕКО имало позитивни случувања.

Една од пратеничките кои беа дел од „помирувањето“ е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска. Таа е на суд во случајот Тендери на СЈО за злоупотреба на функцијата при изградбата на Скопје 2014. Обвинителството завчера ја отфрли новата кривична пријава против неа од страна на Финансиската полиција за несовесно работење во службата од 2009 до 2017 година. Впечатокот во јавноста, според реакциите на социјалните мрежи, е дека во нејзиниот случај се работи за премолчана амнестија поради нејзиното гласање за уставните измени.

Синот на пратеничката Владанка Авировиќ, која е дел од групата опозициски пратеници кои гласаа за уставните измени, беше осуден во случајот Труст на СЈО на три години затвор. По „помирувањето“, Апелациониот суд му ја преиначи затворската казна во условна. Бизнисменот Сеад Кочан, кој е осуден на 4 години и осум месеци затвор во тој случај, треба да се јави на издржување на казната затвор на 17 јули.

Казната за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која беше осудена на четири години затвор во случајот Тенк на СЈО, е одложена до вонредно преиспитување на пресудата од страна на Врховниот суд. Тоа може да се одложува со години, како во случајот со поранешниот премиер Владо Бучковски, чија казна беше одложувана додека судот не му ја укина. Во истиот случај е осуден и поранешниот премиер Никола Груевски, но тој избега во Унгарија, каде што доби политички азил. Во овој случај правдата го стигна само поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој доби 4,5 години затвор.

Правосилни пресуди има и за новинарката Ивона Талевска, која беше осудена на условна казна за даночно затајување во случајот Тифани на СЈО, а условни казни добија и дел од обвинетите во случајот „Насилство во Центар“, кои признаа вина и се спогодија со обвинителството. Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Сашо Сајковски и Анета Стефановска добија меѓу 3 и 4,5 години затвор во случајот Титаник 2, но нивните пресуди не се правосилни.

СЈО го отвори случајот Империја за перење пари, во кој меѓу другите беа осомничени Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев, но Врховниот суд одлучи дека истекле законските 18 месеци во кои СЈО може да покрене обвинение.

Разврска не е на повидок за клучните случаи на СЈО како Тврдина-Таргет, Титаник или Талир.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG