Достапни линкови

Опции за старт на преговорите со ЕУ


Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние

Францускиот амбасадор Тимоние за РСЕ вели одлуката на Франција во октомври ќе зависи од тоа што дотогаш ќе испорача Владата. Кои се опциите? Дали Северна Македонија ќе се одвои од пакетот со Албанија на патот кон ЕУ?

„Франција не е кочничар за евроинтегративните процеси на Северна Македонија“, вели францускиот амбасадор во Скопје Кристијан Тимоние во неделното интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе биде објавено в недела. По изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека одбива секакво проширување на Европската унија, Тимоние вели дека тоа треба да се гледа во поинаков контекст, односно дека треба да се гледа како забелешка за одлучувачкиот процес во моментов, отколку како отпор, затоа што Макрон отсекогаш кажувал дека местото на земјите од Балканот е внатре, во обновена Европска унија.

Тимоние вели дека она што сега може и треба да се очекува е резултатите од спроведените владини агенди 3-6-9 и 18, по што во октомври ќе бидат отворени разговори за тоа дали земјата ги исполнила задачите за да може да почне преговори.

„Не можам да ви кажам какви ќе бидат тие заклучоци, затоа што за тоа ќе се разговара меѓу сите држави членки. Тука го имаме прашањето за Албанија, но и за Северна Македонија, и најверојатно ќе се водат разговори кои што ќе овозможат да се земат предвид и напредувањата, во различните земји. Напредоци кои што кај некои земји се загрижувачки, а кај некои се позитивни, па потоа државите членки ќе разговараат дали е дојден моментот за отворање на преговорите“, вели Тимоние.

Од друга страна, се отвора и прашањето какви опции ќе бидат во игра за стартување на преговорите со ЕУ. Дел од аналитичарите велат дека е возможно на маса да биде ставен предлог пред земјите членки за одвојување на Македонија од пакетот со Албанија поради критичниот развој на настаните по објавувањето на извештајот од Европската комисија.

Тешко е да се прогнозирираат можни сценарија, но тешко ќе биде и за Советот на Европа да не ја стави одлуката на дневен ред, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ. Таа додава дека најверојатно позитивно сценарио е дека ќе има одлука за Македонија само што не можеме да бидеме сигурни кога ќе биде датумот на првата меѓувладина седница и во каква преговарачка рамка ќе биде, односно дека не можеме да бидеме сигурни дека нема да следат нови услови околу владеење на право или слично.

„Никогаш не можеме да бидеме сигурни дека тоа нема да биде случај. Но, досега, велам клучен збор е досега, Советот нема основа, односно не може врз основа на препораката од Комисијата, да постави дополнителни услови за отворањето на преговорите“, вели Кацарска.

Кацарска додава дека доколку постои потреба од дополнителни услови тие можеби би биле насочени повеќе кон Албанија отколку кон Македонија, затоа што таму во изминатиов период има негативен развој на настаните.

„Пакетот на Македонија и Албанија сам по себе е ментална конструкција, дека двете земји се разгледуваат во исто време, меѓутоа за двете земји во земјите каде што има процедурите, одлуките се различни. Ние знаме дека случајот на Албанија е потежок, затоа што постои одлуката на холандскиот парламент која се противи на отворањето на преговорите и несомнено е дека кај земјите членки постои јавно сомневање дека Албанија е подготвена да ги почне преговорите“, вели Кацарска.

Тимоние вели дека одлуката на Франција во октомври ќе зависи од тоа што дотогаш ќе испорача Владата и дека засега не е донесен став по тоа прашање.

„Земјите ќе бидат вреднувани според сопствените заслуги. Некои од нив се уште имаат потешкотии кои што треба да ги решат меѓу себе. Потешкотии кои се од внатрешна природа, забележуваме со каква потешкотија соработуваат опозицијата и мнозинството во одредени земји“, вели Тимоние.

Тој објаснува дека секоја од земјите кои сакаат пристап во Унијата ќе биде вреднувана според своите заслуги и дека идејата на Франција не е да се блокира процесот на проширување туку да се осигура дека реформите не се само фасади.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG