Достапни линкови

Новите министри положија заклетва во Собранието


Мнозинството пратеници ги изгласаа владините предлози за нови министри. Дебатата за реконструкцијата на владата минува во знак на силни критики од опозицијата до власта и спротивни обвинувања до ВМРО-ДПМНЕ за нереформирана партија која го наследила Никола Груевски.

По дводневна жестока дебата пратениците од мнозинството ги изласаа предлозите за владината реконструкција. Позицијата министер за финансии останува празна, откако премиерот Зоран Заев вчера ја повлече кандидатурата, но ќе раководи со ресорот до избор на нов министер. По гласањето следуваше свечената изјава на новоименуваните министри. Потоа следуваше и краткотрајна дебата од десетина минути за новиот закон за поврат на ддв. На сето ова денеска во Собранието му претходеше жестока политичка расправа за успесите и неуспесите на оваа и претходната влада.

Сработете нешто, доста со гол популизам, вие сте “ќе” влада, најкорумпирана, нај недемократска и најнеспособна и донесовте двегодишна голгота на нашата мила Македонија, вие сте режим не на квадрат туку на куб, а политизираната полиција го штити режимот и криминалот. Вакви беа главните пораки кои ги упатија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на седницата за избор на пет нови министри незадоволни и од стработеното, но и од предлозите на премиерот Зоран Заев.

“Распишете избори согласно пржинскиот модел, ставете министер или вицепремиерот Кочо Анѓушев за технички премиер и да имаме избори во најскоро време. Граѓаните нека се изјаснат дали се за привидна реконструкција или за нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ”, рече координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.

Заев прво образложи зошто ги предлага -Трајан Димковски за прв човек на земјоделство, Горан Милевски за министер за локална самоуправа, Хусни Исмаили за министер за култура, Насер Нуредини за министер за животна средина и Садула Дураки за новото министерство за политички систем, но веднаш по експозето почнаа препукувањата меѓу власта и опозицијата.

Пратеникот Илија Димовски, побара да бидат реконструирани и други министри, особено како што нагласи министерот за здравство за кого рече дека “сите напади на владата во најголем дел одат по улогата на Венко Филипче”. Димовски праша и дали биле точни гласините оти Тевдовски е сменет поради тоа што не сакал да потпише кредит за новиот Клинички центар.

“Заврши таа работа. „Дојде живот“ стана главна зафрканција, мора да покажете реализација. Се фалевте Тевдовски ќе ви биде советник, а тој ви одговори чао аморе, се враќам на факултет. Точно ли е дека Тевдовски го тргнавте бидејќи не сакал да потпише кредит за новиот Клиничкиот центар, како што наголемо се зборува”праша Димовски.

На тоа реплицираше премиерот со одговор - срамота е прашањето дали Тевдовски бил сменет поради клиничкиот центар.

“Јавно има свои статуси дека е за целосно нов Клинички центар, за целосно нова локација а не овде на Водњанска каде што е густ сообраќајот и предизвикува проблеми”, рече Заев.

Реакција од премиерот, ама и од претседателот на Собранието Талат Џафери предизвика и говорот на Зијадин Села. Лидерот на Алијансата за Албанците зборуваше за селективна правда во случаите за убиството на Никола Саздовски и на Алмир Алиу. Убијците на Саздовски добија по 19 години, а на малиот Алмир 6 години затвор.

Имам чувство на горчина затоа што нема изедначена правда, не беше иста правдата за Алмир и за Саздо, се согласи со Села, премиерот Заев.

"Знам и чувствувам горчина затоа што немаше ист третман. Затоа, од овде упатувам јавна порака до судот судијата да се исправи пред правдата и да работи по словото на законот. Немам намера да интервенирам, но лично ќе се заинтересирам за Блерим Амеди. Секој има право на слободно изразување и протест, фрлав боја и платив казна 450 евра“, рече Заев.

За Адеми, Села рече дека го привеле само затоа што повикал на протест додавајќи дека државата се претворала во режим.

„Ако следен пат ги приведат и бараат организатор, јас ќе земам спреј и овде над вашата глава Џафери, ќе напишам ’Доле ДУИ!’ и ќе се пријавам за организатор на пишувањето графити“, рече Села.

На ова реплицираше собранискиот претседател Џафери.

„Мене само еднаш овде ми истурија вода на глава и јас тоа нема повеќе да го толерирам. Не си играјте со моето трпение!”, рече Џафери.

Пратениците од власта повикувајќи се на изјави од амбасадори, извештаи од странски организации и институции и од домашни фактори ја правдаа работата на владата и нејзините успеси.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG