Достапни линкови

Премиерот Заев "се откажа" од Министерството за финансии


Архивска фотографија- министрите Венко Филипче и Драган Тевдовски
Архивска фотографија- министрите Венко Филипче и Драган Тевдовски

Денеска претпладне во Собранието почнa седницата на која ќе се разрешат досегашни министри и на нивно место ќе дојдат нови. Ова е прва поголема реконструкција на владата откако неа ја раководи премиерот Зоран Заев.

Премиерот Зоран Заев во почетокот на денешната седница на која на дневен ред е реконструкцијата на владата го повлече предлогот во исто време тој да биде и министер за финансии. Заев појасни дека согласно овлатувастувањата со Законот за Влада, ќе раководи со Министерството за финансии, се до изборот на нов министер.

Образложувајќи го овој чекор, тој рече дека мора да се послушаат сугестиите на опозицијата, како и Антикорупциската комисија, која, според него, испратила сериозна порака.

“Уставот и Законот за Влада дозволуваат премиерот да биде и министер. Сепак, му дадов налог на кабинетот да ја повлече мојата кандидатура за министер за финансии. Согласно овлатувастувањата со Законот за Влада, ќе раководам со Министерството за финансии, се до изборот на нов министер”, рече премиерот Заев.

Државната комисија за спречување на корупцијата, денеска упати соопштение до Собранието, во кое укажува дека ќе преземе конкретни мерки согласно нејзiните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, доколку премиерот Зоран Заев би бил избран за министер за финансии.

Според документот кој го достави премиерот Заев до претседателот на Собранието Талат Џафери, разрешени на денешната седница треба да бидат Драган Тевдовски од министер за финансии, Љупчо Николовски од министер за земјоделство, Сухејл Фазлиу од позицијата министер за локална самоуправа, Садула Дураки од министер за животна средина, Зоран Шапуриќ од министер без ресор и Хазби Лика, кој исто така беше министер без ресор, но со задолжение за спроведување на Рамковниот договор.

Вчера Дураки до Заев поднесе писмена оставка од позицијата министер за животна средина бидејќи е предложен за министер за политички систем.

„Не би сакал да звучам нескромно, но многу мали и големи проекти спроведени од страна на Министерството, во време на моето раководење со истото, ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина. Сепак, морам да нагласам дека, за жал, во некои области од животната средина сè уште сме немоќни да направиме подобрување или одржување“, се вели во оставката објавена од Министерството за животна средина.

Откако овие функционери ќе бидат разрешени, за нови членови на Владата според предлогот на премиерот треба да бидат избрани: Зоран Заев кој ќе го води министерството за финансии, Трајан Димковски за прв човек на земјоделство, Горан Милевски за министер за локална самоуправа, Хусни Исмаили за министер за култура, Насер Нуредини за министер за животна средина и старо-новиот министер Дураки, кој останува во Владата, но сега ќе го води новото министерство за политички систем.

Неколку од овие решенија кои премиерот по два месеци преговори со коалиционите партнери и анализи ги обелодени викендов предизвикаа реакции во јавноста. Внимание предизвика неговата одлука тој да биде и министер за финансии, што од дел од јавноста се критикува како концентрација на моќ и се поставува прашањето дали квалитетно ќе може да се вршат две одговорни позиции во исто време.

Во интервју за Сител синоќа Заев рече дека не е точно оти не е задоволен од работата на Тевдовски.

„Се работи прво за министер или министерство кое што ги направи најголемите реформи или е поврзано со реформите што се случија во државата или дефинитивно преставува едно од тие што направија најмногу реформи. Тевдовски добро си ја вршеше работата, но сега на ред е една економска лекција во која јас морам да бидам вклучен. Влегувам комплет со цел свој кредибилитет за да одржиме економска лекција, уште позасилено“, изјави Заев.

Одлуката тој да биде и минестер предизвика критики и од ВМРО-ДПМНЕ кои се очекуваат да се чујат и на денешната собраниска седница.

“Заев се устоличи во султан и на премиерската позиција си ја придодаде и функцијата министер за финансии”, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашковска.

Критики во јавноста има и за ротацијата на Дураку во новото министерство поради претходните забелешки до него дека не ја врши работата добро како министер за животна средина. Тој по најавената таканаречена "метла", која Заев ја најави по првиот круг претседателски избори, беше меѓу најчесто споменуваните од граѓаните дека треба да биде реконструиран.

„Од петте министри на ДУИ во новиот состав, четворица се млади кадри под 40 години, сите школувани во европските држави. Дураку е искусен политичар којшто е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ чија улога е да го трансформира Секретаријатот за рамковен договор во Министерство за политички систем, а имајќи во предвид дека е дел од учесниците на подготвување на Рамковниот договор нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот договор“ кажа вицепремиерот Бујар Османи одговарајќи на прашање за Дураку.

Инаку ова всушност е прва реконструкција на владата откако Заев е премиер. По неа, како што најави и самиот, ќе следат смените во вториот и третиот ешалон на власта.

На денешната седница прва точка на дневен ред е продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти, па потоа следуваат точките за разрешување на членови на Владата, избор на членови на владата, четврта точка е предлог на закон за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, по скратена постапка и петта точка предлог на одлука за давање согласност на Статут на Универзитетот во Teтово.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG