Достапни линкови

Природата е во голема неволја, време е за акција


Изложба на хербариуми, фаунариуми и аквариум, Скопје 2019

Биолошката разновидност на планетарно ниво се соочува со најголемата криза досега. Но се уште може да се забави стапката на исчезнување, а главната алатка е кај човекот.

Балканот е жешка точка за биолошка разновидност, тука има непропорционално висок степен на биодиверзитет. Истражувања покажале дека 60 отсто од територијата на Македонија може да ги задоволи условите на ЕУ или на конвенциите да биде прогласенa за заштитени подрачја, велат биолозите. Но интервенциите во природата го менуваат менито на животните, условите за размножување, со што многу лесно може да преминат во загрозени видови.

Студии покажуваат дека во земјава, која опфаќа само 0,26 отсто од површината на Европа, сепак живеат 64 отсто од сите видови птици во Европа, 33,66 високи растенија, 20 отсто цицачи, 25,2 отсто влечуги, 20,3 отсто водоземци и 14 видови слатководни риби. Во Македонија има 668 ендемични видови растенија и животни, кои растат и живеат само на овие простори.

Неодамна на меѓународна конференција „Хидроенергетски проекти и заштита на природата„ - предизвици и решенија, Методија Велевски - конзервациски биолог од Македонското еколошко друштво (МЕД) рече дека во тек е шестото масовно изумирање на организми. Според сознанијата на научниците, забрзано се намалува бројот на милијарди популации на цицачи, птици, влекачи и водоземци.

„Се претпоставува дека денес видовите исчезнуваат со побрзо темпо отколку брзината со која исчезнувале диносаурусите по ударот на астероидот пред околу 65 милиони години. Главен двигател допрва ќе бидат климатските промени“, вели Д-р Методија Велевски - конзервациски биолог од Македонското еколошко друштво (МЕД).

Македонија подготвува „црвени листи“

Меѓународната унија за заштита на природата користи алатка наречена „црвена листа на видови“, но биолозите креираат и регионални црвени листи. Во Македонија во моментов се подготвуваат две национални црвени листи: едната за одбрани видови растенија, а другата за водоземци и влекачи.

Велевски вели дека има многу ендемични видови инсекти, мекотели и риби коишто природно се ретки и се среќаваат само во една река или мал слив на река. Човечките интервенции во природата многу лесно ќе ги пренесат во категорија загрозени или критично загрозени, вели Велевски.

Пелистерската пастрмка е ендемична во регионот и живее во Кранска и Брајчинска Река и таа е загрозена според Меѓународната унија за заштита на природата. Се намалува бројот на Пелагониската пастрмка и речното ракче, а за многу видови се уште не се знае ништо, како Мавровската пастрмка која се уште не е оценета.

Египетскиот мршојадец е загрозен на глобално ниво, а во Македонија е критично загрозен. Велевски вели дека за 15 години неговата бројност е намалена од 40 на 15 парови и оти пред дваесет години имало 140 парови, делумно и поради изградбата на мали хидроелектрани, бидејќи како што објаснува Египетскиот мршојадец за гнездење одбира стрмни клисури и неговиот успех на размножување зависи од непристапноста во нив во радиус од два километра.

„Како се дозволи пристапот до клисурите успехот на гнездење на овој вид паѓа. Со малите хидроцентрали се истеруваат парови Моклиште , патот за клисурата Матка истера друг пар, па сега на ова ќе се доврзат други работи- автопатот Демир Капија , па магистралниот пат Раец, па фабриката за вода Кратово и така едно по едно доаѓа од 140 на 16 парови за 30 години’, вели Велевски.

А ако се изградеа хидроцентралите Бошков мост и Луково поле ќе му се земеше софрата на рисот, ако нивните живеалишта се потопеа под вода, ќе требаше да им се смени менито и рисот ќе требаше да лови риба, велат биолозите. Балканскиот рис освен на монетата од пет денари и на поштенска марка го има и во Националниот парк Маврово, но има едвај околу 40 единки, со што животното влегува во листата критично загрозени.

Преку игри учат за урбаниот биодиверзитет

Александра Цветковска–Ѓорѓиевска од Институтот за биологија на Природно-математички факултет, е дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај ! Реагирај“ на Македонското биолошко друштво и Институтот за комуникациски студии. Таа вели дека имало огромен интерес кај учениците за работилниците што тие ги организираат.

„Целна група ни се децата од училишна возраст, од второ до деветто одделение, сè со цел да ја поттикнеме јавната еколошка свест уште од најрана возраст. Учениците со будно внимание ги следеа и активно учествуваа во сите фази од предвидената програма. Ме радува што веќе имаат развиено еколошка свест, а со учеството во овие работилници, тие се чекор поблиску до природата, до живиот свет што секојдневно ги опкружува. Воедно, ветија дека и во иднина ќе внимаваат на средината околу нив и дека ќе ја пренесуваат позитивната еколошка мисла“, вели Цветковска – Ѓорѓиевска.

На работилница во Градскиот парк во Скопје беа изложени примероци од флората и фауната од повеќе градови од Македонија, а најмладите преку интерактивни активности и игри се запознаваа со природата.

Милош Милошевски и Иван Велигденов туку што завршија второ одделение. Тие велат дека на овие настани научиле дека луѓето не се единствените жители во градската средина и дека треба да ја чуваат животната средина.

„Видовме какви инсекти постојат. За да стане пеперутка прво има јајца, па станува гасеница, па пупа, и на крај станува пеперутка“, вели Милош.

„Научив дека не треба да се фрлаат отпадоци и дека не треба да се газат инсектите“, вели Иван.

Цветковска-Ѓорѓиевска вели дека кога ќе се спомне поимот урбана фауна, прва асоцијација на обичниот граѓанин се бубашвабите, мравките, стаорците, глувците, гулабите евентуално и по некоја змија, гуштер, жаба, но не е така.

„Градската средина ја опкружуваат организми, кои честопати се „невидливи“ за човековото око, а живеат во станишта кои се изложени на секојдневно нарушување и уништување, се разбира од страна на човекот “, вели Цветковска–Ѓорѓиевска.

Таа вели дека луѓето може многу да придонесат за зачувување на урбаниот биодиверзитет.

„Како главни мерки во зачувувањето на нивните природни живеалишта е да се регулира урбанизацијата, неконтролираната изградба на објекти, сечата на дрвјата и редукцијата на тревните површини... Урбанизацијата повлекува фрагментација на просторот што пак претставува мошне сериозен проблем. На животните им е потребен просторот да се движат и нормално да функционираат, тие не препознаваат вештачки граници, а со фрагментацијата, ние едноставно ги уништуваме нивните живеалишта, вели Александра Цветковска-Ѓорѓиевска, претставник од Македонското биолошко друштво, вработена на Институтот за биологија - Природно-математички факултет.

Дали човекот може да ја спраси природата?

Човештвото брзо го уништува природниот свет од кој зависи неговиот просперитет - и конечно, неговиот опстанок, предупредија неодамна Обединетите нации. Експертите наведуваат дека луѓето, на краток рок, не се изложени на ризик, но оти тоа не може да се каже и на подолг рок. Сепак, како што велат, време е за акција. А таа, според нив, ќе не чини поевтино од неактивноста.

Гоце Атанасов

Научниците во првиот извештај на Обединетите нации за биодиверзитетот објавија дека природата е во поголема неволја од кое било друго време во човечката историја. Досега исчезнале над милион видови растенија и животни. Што е уште полошо, губењето на видовите е за стотици пати побрзо отколку што било во минатото. Раководителот на истражувањето, британскиот научник и поранешен раководител во НАСА Роберт Ватсон вели дека ако продолжиме да произведуваме храна и енергија на ист начин како што правиме денес, ќе ја изгубиме биолошката разновидност и ќе ја смениме климата на Земјата.

„Значи, нема никакво сомневање, мораме да започнеме да ставаме акцент врз ослободување од штетни субвенции, промовирање на добри практики, одржлива потрошувачка и ефикасно да ја препознаеме важноста дека природата е посед кој треба да се води внимателно.“

Повеќе од половина милион видови на копно немаат доволно живеалишта за долгорочно преживување и веројатно ќе исчезнат, и тоа во наредниве децении, доколку не бидат обновени нивните живеалишта. Ни океаните не се подобри. Конкретно, околу три четвртини од површината на Земјата, две третини од океаните и 85 отсто од мочуриштата се сериозно променети или изгубени. Наодите не се само за зачувувањето на растенијата и животните, туку и за зачувувањето на светот кој на луѓето им станува се потежок за живеење. Од 18 измерливи начини на кои природата им помага на луѓето, 14 се во опаѓање, со исклучок на производството на храна и енергија. Во извештајот се утврдени надолни трендови во способноста на природата да обезбеди чист воздух и вода и добра почва. Извештајот проектира дека над 25 милиони километри нови патишта ќе бидат поплочени врз природата до 2050 година и тоа најмногу во земјите во развој. Авторите на извештајот идентификувале дека индустриското земјоделство и интензивниот риболов се исто така меѓу главните причини за истребување на видовите. Секако тука се и климатските промени предизвикани од користење на фосилните горива.

„Исто така, губењето на природните ресурси во некои делови на светот може да доведе до конфликт меѓу луѓето. Особено се погодени сиромашните бидејќи тие најмногу зависат од природните ресурси.“

Многу од најлошите ефекти може да бидат спречени со менување на начинот на кој одгледуваме храна, произведуваме енергија, се справуваме со климатските промени и располагаме со отпадот.

„Поединците можат да помогнат со едноставни промени во начинот на кој се хранат и ја користат енергијата“, вели Ватсон, додавајќи: дека тоа не значи да се стане вегетаријанец или веган, туку да се балансира месо, зеленчук и овошје, како и пешачење и велосипедизам.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG