Достапни линкови

Еколошките мерки на РЕК Битола треба да завршат до 2026 година


Илустрација: Депонија во близина на РЕК Битола

Од 21 предвидена активност, четири се завршени, една мерка ќе се спроведе до крајот на годината, а шест се применуваат континуирано. Останатите мерки за подобра животна средина треба да се завршат до 2026 година.

Завршија формалните преговори на РЕК Битола со Министерството за животна средина на кои се усогласени сите мерки и рокови за комбинатот да добие А интегрираната еколошка дозвола.

Од 21 предвидена активност, четири се завршени, една мерка ќе се спроведе до крајот на годината, а шест се применуваат континуирано. Според ова, скоро половина од мерките за подобра животна средина кои се обврска за енергетскиот гигант да ги спроведе на дело, се применуваат. Останатите треба да се завршат до 2026 година.

Преземени се и мерки за спречување на распрашувањето од депонијата со пепел што беше горлив проблем години наназад. Од лани досега површините со непокриена пепел со земја се намалени за десетина пати.

„Пред сè со третманот на пепелта, покривањето на непокриените површини, кои беа остаток од претходното раководство за што се поднесени и кривични пријави за бившите раководители. Тие непокриени површини ги намаливме од 35 илјади квадратни метри на три до 4 илјади квадратни метри и во континуитет тоа се спроведува. Одлагањето на пепелта се прави согласно законските процедури, инсталиран е систем за прскање на пепелта во вредност од 25 милиони денари“, рече Васко Ковачевски, директор на РЕК „Битола“.

Меѓу мерките што се спроведуваат е и реконструкција на филтрите на блоковите. Во тек е меѓународен тендер за избор на фирма за набавка и инсталација на електростатски филтри на блоковите, кои за првпат ќе се реконструираат по 37 години од постоењето на РЕК Битола. ЕСМ ќе издвои 20,4 милиони евра сопствени средства за овој зафат со кој за петпати ќе се намалат емисиите на прашина од оџаците на РЕК Битола.

„Сегашните нормативи на филтрите поставени при изградбата на РЕК се со капацитет од зафатеност на прашина од 100 милиграми на метар кубен. Со реконструкцијата сакаме да ги задоволиме најстрогите европски критериуми до 20 милиграми на метар кубен, норматив кој во моментот можеби го немаат ни некои од соседните држави кои се членки на ЕУ. Целта е да овозможиме еколошки стандарди за нормално производство на електрична енергија од јаглен“, рече Ковачевски.

Ремонтните активности на трите блока веќе започнаа, а при изведувањето на капиталниот ремонт на Блокот 2 од август до ноември, азбестно-бетонските плочки кои се штетни ќе се заменат со еколошки материјали.

„За време на капиталниот ремонт на Блокот 2 ќе започне и санација на разладната кула на овој блок за што се предвидени шест милиони евра. На неа ќе се отстрани азбестната обвивка за што во тек е тендерската постапка за избор на изведувач. Со оваа активност, РЕК уште еднаш потврдува дека сериозно има намера да инвестира во проекти кои значат подобрување на еколошките перформанси. Азбестно-бетонските плочки што ќе се извадат ќе ги има повеќе од 3.000 тони и тие ќе се третираат соодветно Законот за отпад, а на нивно место ќе биде поставена еколошка пластика, која значително ќе го подобри амбиенталниот воздух во околината на РЕК и во околните општини“, рече Ковачевски.

Уште десетина мерки останува да бидат имплементирани најдоцна до 2026 година, до кога треба да се изгради и постројка за десулфуризација.

За првпат Државните електрани поднесоа барање до Министерството за животна средина за А интегрирана еколошка дозвола во 2007 година, но, обврските за исполнување на еколошките стандарди не се спроведуваа, па роковите во неколку наврти беа пролонгирани.

Сега, 12 години подоцна, постапката целосно се обновува, со утврдена динамика, а дел од активности веќе се спроведуваат.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG