Достапни линкови

Загадениот воздух ќе ја затопли климата


Скопје: Топлотните бранови ќе се зголемат до 18 денови годишно во периодот 2026 – 2045, покажуваат истражувањата.

Во 2020 година Македонија ќе треба да стартува со имплементација на правилникот од Договорот од Париз за климатските промени, донесен на 24-та конференција за климатски промени во Катовице. Климата се менува и од загадениот воздух, а повеќе последици врз здравјето ќе трпат жителите во градовите.

Тоа значи дека Македонија ќе треба да ги зголеми обновливите извори на енергија со искористување на потенцијалот од сончевата енергија и енергијата од ветерот, но екологистите велат дека во Катовице бил донесен и заклучок дека земјите во своите национални документи за климата ќе треба да ги вметнат и областите здравје и човекови права.

„Ќе мора да направиме опсежни планови и мерки и да ги смениме нашите национални придонеси за клима, кои исто така истекуваат во 2020 година и ќе треба да ги менуваме, во насока да бидат поамбициозни во намалување на емисиите од стакленички гасови“, вели Елена Николовска од граѓанската организација „Еко-свест.“

Важен аспект во насока на климатските промени што неодамна го посочи Светската здравствена организација, е постоењето на недвосмислена врска меѓу загадувањето на воздухот и климатските промени.

Агенцијата за заштита на животната средина на САД наведува дека озонот во атмосферата ја загрева климата, а ПМ честичките имаат ефект на затоплување или ладење на климата. На пример црниот јаглерод, загадувач со честички од согорувањето, ја затоплува земјата, а честичките од сулфатите ја ладат атмосферата.

НАСА во една од најновите студии, пак, открива дека со секое зголемување на температурата на површината на океаните за еден степен целзиусов, ќе се формираат 21 процент повeќе бури.

Интензивирање на топлотните бранови во Скопје

Во Скопје изминативе години воздухот е екстремно загаден, особено во зимските периоди, а во Стратегијата за климатски промени – „Отпорно Скопје“ се вели дека топлотните бранови во градовите во иднина ќе бидат подолготрајни, со поинтензивни ефекти и недоволно ладењето и размена на воздухот во текот на ноќите.

„Иако повеќето здравствени последици веројатно ќе се појават во урбаните центри, малку се знае за можните ефекти од идните промени во изградената инфраструктура врз здравственото оптоварување поврзано со жештината“, се вели во Стратегијата.

Клучно за забавувањето на климатските промени е намалувањето на стакленичките гасови, на што треба да се фокусиираат и градовите, но во Стратегијата „Отпорно Скопје“ се вели дека најдоминантен удел од 75 проценти во стакленичките гасови „има секторот стационарна енергетика.“

„Вкупните емисии на стакленички гасови во градот Скопје изнесуваат 4948 kt CO2-eq(килотони јаглерод-диоксид) и 5343 kt CO2-eq во 2008, односно 2012 година со најдоминантен удел од 75 процент на секторот стационарна енергетика“, се вели во документот објавен во 2017 година.

Стационарната енергетика ги вклучува емисиите од производство на електрична енергија, потрошени горива во производствениот, градежниот и комерцијалниот сектор и други извори, како што се греењето во домаќинствата.

Како најголеми емитори во Скопје се идентификувани резиденцијални згради, производни индустрии и градежништво, патен транспорт, емисии од индустриските процеси, енергетските индустрии и депонирање на цврст отпад.

Во Скопје се повеќе се забележуваат топлотните бранови, а се помалку ладните. Најчесто се појавуваат кратките топлотни бранови со траење од шест дена, се вели во Стратегијата.

Сепак анализите на Светската здравствена организација покажуваат дека траењето на топлотните бранови во земјава ќе се зголеми до 18 денови годишно во периодот 2026 – 2045 година и до 60 денови годишно во периодот 2081 – 2100 година.

„На конференцијата во Катовице беше напоменато дека за успешно справување со последиците од климатските промени, е работа во која мора да бидат активно вклучени сите институции, бидејќи станува збор за област која опфаќа многу мерки. Беше напоменато неколку пати од меѓувладиниот канал за климатски промени дека состојбата на ситуацијата е повеќе од итна, се движиме кон глобално затоплување од 4 до 5 степени, а тоа е многу над 1,5 степен кон кој целевме во 2015 кога беше потпишан Парискиот договор“, вели Николовска.

Неопходна е поголема едукација за климатските промени

Според Третиот национален план за климатски промени, температурата во Македонија до 2025 година ќе се зголеми за 1.2 степени целзиусови, додека до 2100 година за 3.9 степени целзиусови, за разлика од врнежите кои во истиот период постепено ќе се намалуваат од 4 до 19 проценти.

Во август 2016 година во Скопје беше забележана максималната дневна количина на врнежи од 93 милиметри, во периодот од 1981 година наваму. Силните дождови предизвика поплави во кои загинаа 23 лица и материјални штети од околу 30 милиони евра.

Во овој период како екстремни временски настани се забележани и максимални дневни температури на воздухот, на пример, од 41.4 степени целзиусови во јуни 2007 година или 33.6 степени во октомври 2012 година.

Македонија го потпиша и го ратификуваше Договорот од Париз, кој предвидува вклучување и на градовите, регионите, бизнисите и граѓанското општество во реализацијата на националните придонеси кон промената на климата.

Николовска вели дека едукацијата на населението за климатските промени е неопходна мерка која државата треба да ја спроведе во партнерство со граѓанските организации.

Таа посочува дека во следните две години оваа на мерка мора да се стави поинтензивен акцент, во насока на поподготвеност за последиците од климатските промени и за поуспешно справување со нив.

Агенцијата за заштита на животната средина на САД наведува дека климатските промени имаат директни и индиректни влијанија врз здравјето на луѓето.

Влијание имаат поекстремните временски услови, топлотните бранови, ширењето на заразните болести и штетни влијанија на квалитетот на воздухот, кој во моментов е водечка еколошка причина за предвремана смрт.

Владата планира да спроведе 46 мерки до 2030 година

Во насока на тоа какви активности во моментов спроведува Македонија за остварувањето на обврските од Договорот од Париз, од Министерството за животна средина велат дека Владата го усвоила Вториот двогодишен ревидиран извештај за климатски промени.

Од таму посочуваат оти во извештајот е изработена проценка на потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови до 2030 година со примена на 46 мерки за ублажување на климатските промени.

„Анализираните мерки се издвоени од национални стратешки и плански документи и тоа 35 од секторот енергетика, 8 мерки се од секторот Земјоделство, шумарство и користење на земјиштето и 3 мерки од секторот отпад.“

Исто така, од Министерството велат оти во завршна фаза е изборот на консултантска компанија за изработка на Долгорочна стратегија и Закон за климатска акција, со поддршка на ИПА 2 средствата, но и дека државата има обврски согласно одлуките на Советот на министри на Енергетската заедница за мониторинг на емисиите на стакленички гасови од 2016.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG