Достапни линкови

Туск: Нема подготвеност за отпочнување на преговори во наредните денови


Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск со претседателот Стево Пендаровски

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск по средбата со претседателот Стево Пендаровски во Брисел изјави дека во изминатите две години Северна Македонија ги испорачала сите вистински политички сигнали кои ги очекувала ЕУ, при што централна тема на разговорите бил датумот за отпочнување преговори.

„Вие направивте се што се очекуваше од вас. Но, сакам да бидам искрен, не сите земји - членки се подготвени да ја донесат одлуката за отворање на преговорите во наредните денови. Јас лично верувам дека може да има само една одлука, да започнат преговорите во линија со препораката на Европската комисија и за Северна Македонија и за Албанија. Прашањето денес не е дали, туку кога. Јас сум претпазлив, бидејќи за постигнувањето на консензус меѓу сите 28 земји - членки на ЕУ е потребно повеќе време, отколку што јас би сакал. Но, нема сомнеж дека местото на вашата земји и целиот регион е во ЕУ“, рече Туск.

Пендаровски порача дека земјата станала светол пример во регионот преку донесувањето одлуки за тешки прашања, а притоа испорачани се и клучни реформи.

„Свесни сме дека се потребни уште реформи и се согласувам дека имаме слабости и оти ни престои уште многу работа. Но, морам да истакнам една балканска политичка реалност. Ние сме најефикасни тогаш кога пред нас имаме конкретни задачи, а преговорите за членство се најдобра реформска алатка“, рече тој.

Според Пендаровски, ЕУ во јуни треба да покаже визија за целиот регион со тоа што ќе и додели датум за преговори на земјата, односно граѓаните не бараат незаслужена награда, туку заслужена шанса за европска држава.

XS
SM
MD
LG