Достапни линкови

Метлата на премиерот најавена во април, ќе мете во јуни


Архивска фотографија- Актерот Драган Спасов Дац му дава метла на Зоран Заев на трибината во Карпош

Ароганцијата, неисполнувањето на очекувањата, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот се дел од критериумите кои премиерот Зоран Заев ги најави како клучни при ценењето за промените во владините структурите. Таканаречената операција "метла" тој ја најави за јуни.

Три недели поминаа откако премиерот Зоран Заев ја најави таканаречената метла за сите во владините структури кои не ја вршат работата добро. Таа најава беше веднаш по првиот круг претседателски избори. По вториот круг избори, пак, тој зема слободни денови, кои како што вели, сега на првиот работен ден по краткиот одмор, ги искористил со другарите, во странство, но и за концепирање на идните одлуки поврзани со реконструкцијата.

“Овој период ќе го искористам за конечни консултации, така што верувам дека во почетокот на јуни ќе излезам комплетно со промени во раководни структури на министерско ниво, во државните институции, а верувам дека некаде кон крајот на јуни ќе се пуштиме и по вертикала, односно во самите општини каде што државата е преставена со одредени државни институции”, рече Заев.

Ароганцијата и непотизмот- критериуми за „метлата“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:29 0:00

Според неговата најава ќе се менуваат министри, нивни заменици, директори, но сепак не презицираше за колкава бројка се работи. Тој, како партиски претседател, најави промени и во неговата партија СДСМ, наведувајќи ги и критериумите по кои ќе се правеле кадровските промени.

“Тоа се ароганцијата, неисполнувањето на одредени очекувања, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, тука е и непотизмот, антикорупциска тоа што го покажа...сите овие аспекти ќе бидат ќе бидат согледани”, рече премиерот.

Марко Трошановски од Институтот за демократија, пак, сугерира дека мора да постојат конкретен систем и критериуми за оцена и на јавната администрација, но и на носителите на високи функции, како министри за да се избегне впечатокот за политичка пресметка.

Според него, министрите кога ќе стапуваат на позицијата треба да поднесуваат акциски план кој би бил во согласност со стратегијата на институцијата и потоа да се цени нивната работа врз основа на реализираното. Што се однесува до анализата за оние што потфрлиле, Трошановски смета дека требала да биде готова и пред изборите, сепак додавајќи дека најавениот јуни за промени и не е така доцна.

“Но, мислам дека во меѓувреме се храни скепсата и разочараноста кај граѓанството за суштинска посветеност на реформите. Ако реконструкцијата се случи во јуни, па и во јули и се заснова на објективни критериуми и врз основа на заслуги и квалитет доведе нови кадри, тогаш ќе биде незначително дали се случила порано или покасно”, вели Трошановски.

Заев, следните петнаесетина дена покрај за промените во владините структури ги најави и како важни за интегративните процеси на земјава. Во контекст на добивањето на датум за почеток на преговори со Европската унија тој ја нагласи и важноста на решавањето на статусот на Специјалното јавно обвинителство и носењето на законот за безбедносни служби.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG