Достапни линкови

Пендаровски - Време е за граѓанско помирување


Пендаровски ја презеде претседателската функција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:00 0:00

Пендаровски ја презеде претседателската функција

Време е да ги залечиме отворени рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување затоа што немаме резервна татковина, рече новиот претседател Стево Пендаровски во инаугуративниот говор.

Граѓанското помирување ќе биде еден од главните приоритети на новиот претседател Стево Пендаровски. Во неговиот прв говор пред Собранието по положувањето на свечената заклетва, тој рече дека ќе биде претседател на сите граѓани. Речиси и да нема држава во Европа која е толку мала, а има толку поделби, особено политички, рече Пендаровски.

„Време е да ги залечиме отворени рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за својот политички рејтинг“, рече Пендаровски.

Тој рече дека ќе подаде рака за соработка кон опозицијата, и оти има обврска да ги штити правата и статусот на политичкото малцинство од евентуалното самоволие на мнозинството.

Новиот претседател смета дека во наредниот период има два приоритети од кои зависи иднината на државата – едниот е економскиот развој, а другиот е нулта толеранција за корупција, криминал и непотизам.

Тој рече дека е потребно помирување зашто енергијата и потенцијалот на општеството треба да се обединат околу стратешките интереси на земјата, како што се евроатлантските интеграции во кои ќе инсистира да бидат вклучени најголемите умови во земјата.

Добрите меѓуетнички односи и Рамковниот договор се столб на внатрешната стабилност на земјата, рече тој и ја посочи неопходноста од одлични односи со сите пет соседи и регионалната соработка. Како позитивен пример ги посочи договорите со Бугарија и со Грција.

Пендаровски најави поддршка за граѓанскиот сектор и креирање амбиент за слободна работа на медиуми, соработка со власта и опозицијата во промоцијата на старешини во АРМ и во реформата на безбедносните служби.

На свечената инаугурација во Собранието не присуствуваше премиерот Зоран Заев, кој е на одмор, и исправи видео честитка, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски не бил поканет на свеченоста.

На инаугурацијата присуствуваа досегашниот претседател Ѓорге Иванов и претходниот шеф на државата Бранко Црвенковски, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма, првите луѓе на највисоките институции на државата, како и гости од странство.

Тука беа претседателите на Албанија, Бугарија, Србија и на Косово, Илир Мета, Румен Радев, Хашим Тачи и Александар Вучиќ. На свеченоста присуствуваа и министрите за надворешни работи на Црна Гора и Грција, Срѓан Дармановиќ и Јоргос Катругалос, како и заменици министри за надворешни работи од Турција и Полска и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија.

Новиот претседател Стево Пендаровски се обраќа пред Собранието
Новиот претседател Стево Пендаровски се обраќа пред Собранието

По обраќањето во Собранието, Пендаровски пристигна во претседателската вила на Водно, каде го пречека досегашниот претседател Ѓорге Иванов. Претседателот беше свечено пречекан пред платото на Вила Водно, а потоа Иванов и Пендаровски одржаа тет-а тет средба. По средбата Пендаровски се запозна со членовите на кабинетот, а одржа и билатерални средби со државните од регионот кои дојдоа на неговата инаугурација.

Досегашниот претседател Ѓорге Иванов, на својотофицијален Фејсбук профил напиша дека со огромна чест, задоволство и одговорност ја извршувал функцијата Претседател на Република Македонија во изминатите 10 години.

„Од се срце му благодариме на македонскиот народ и на граѓаните за сета укажана доверба и поддршка. Останете во добро здравје и не заборавајте дека само сплотени, обединети и со меѓусебна почит ќе имаме просперитетна и успешна Македонија“, пишува Иванов.

Функциите доаѓаат и проаѓаат, но човечноста останува, порачува тој.

По говорот во Собранието пратеници дадоа изјави. Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека Пендаровски е избран од кредит и политичка хипотека и затоа до него ќе стигнат фактури за наплаќање.

„Таквото враќање на политичкиот кредит најмногу ќе ги разочара тие кои со доверба и големи очекувања гласале за Пендаровски. Од денес, СДСМ и ДУИ ја имаат апсолутната власт во државата, а апсолутната власт носи апсолутна одговорност“, рече Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката од СДСМ, Фросина Ременски рече дека очекува новиот претседател да ги потпише законите кои не ги потпиша Иванов, да ги води граѓаните напред и да биде коректив на власта.

„Со изборот на Пендаровски се заокружуваат демократските промени во нашата земја, режимот е целосно поразен. Се става крај на едно цело лошо извршување на мандатот, претседател на државата, заврши едно негативно поглавје од нашата историја обележано со молк за важните прашања, промовирање поделби помеѓу граѓаните, тензии, дискриминација и поддршка единствено на криминалните политики на режимот“, рече Ременски.

Ременски не коментираше за отсуството на Заев.

Од ДУИ велат дека Пендаровски треба да го предводи големото помирување што треба да претстои. Пратеникот Артан Груби запрашан за коментар за изјавата на Милошоски за испорачувањето фактури рече дека Пендаровски е нивни кандидат и нема што да му испорачуваат фактури на нивни кандидат. Груби запрашан за отсуството на Заев, рече дека за тоа треба да се праша премиерот и неговата партија, додавајќи дека претседателот на ДУИ бил присутен на седницата на инаугурација на заедничкиот кандидат.

Пратеникот Фадил Зендели од Беса рече дека го подржуваат Пендаровски, но дека како опозиција будно ќе ги следат неговите постапки.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG