Достапни линкови

Операција „Метла“ – Кои се најслабите карики?


Премиерот Зоран Заев и членовите на владата

Секое одолговлекување на најавената „Метла“ под изговор дека се прават анализи нема да биде добро, затоа што владата веќе треба да знае кои институции не ги исполниле очекувањата, велат аналитичарите.

Операцијата „Метла“, која ја најави премиерот Зоран Заев треба да биде брза и темелна, а не само „мачкање очи“ коментираат аналитичарите по најавите на премиерот Зоран Заев за „пролетно чистење“ во владата. Заев рече дека ниската излезност во првиот круг од претседателските избори ја сфатил како порака од граѓаните дека не се задоволни од работата на одредени функционери и за нив ќе „заигра метлата“, односно ќе мора да бидат сменети.

Џабир Дерала од невладината организација Цивил вели дека метлата мора да започне од оние кои земаат плата, а не одат на работа или и да одат, ништо не работат. Најголем број од овие се таканаречените „рамковни вработувања“, но има такви од сите етнички заедници, вели тој. Втора работа е расчистување со партиските војници од сите партии во администрацијата. Паралелно со тоа, владиниот кабинет треба да се намали за најмалку 40 отсто, и да бидат сменети најмалку половина од министрите, вели Дерала.

„Тоа што е важно е да влезе во клучните ресори кои се најчувствителни и таму исто така да направи сериозни кадровски промени. Тоа може да трае релативно кратко, а да даде брзи и сериозни ефекти. Најчувствителните ресори се оние кои се однесуваат на правдата воопшто, на безбедноста и на образованието. Тука може да го додадеме и ресорот здравство. Значи, или тие луѓе мора да почнат посериозно и побрзо и поефективно да работат, или треба да си одат“, вели Дерала.

Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас цивилис вели дека анализите во владата не треба допрва да се прават и не би требало да има одолговлекување, затоа што владата и досега треба да знае кои Министерства потфрлиле. Според него, работата добро си ја вршат Министерството за надворешни работи, Министерството за труд и социјала, Министерството за јавна администрација и Секретаријатот за европски прашања.

„Главното потфрлање беше во делот на капиталните инвестиции. Министерството за транспорт и врски како одговорно за истите во голем дел потфрли во очекувањата. Исто така воопшто не беше адресиран Законот за градежништво. Министерството за финансии и економија, исто така. Покрај зголемувањето на даноците, кое сериозно беше удар, како врз бизнисите, така и врз граѓаните, во другиот дел не успеа да ја рестартира економијата на најдобар начин. Министерството за екологија е апсолутно неприсутно, а загадувањето е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме. Реструктуирање на државниот инспекторат и инспекторатите генерално е нешто што е исклучително важно, така што некаде во овие ресори би ја видел најголемата одговорност“, вели Трошановски.

Министерот за култура Асаф Адеми вчера поднесе оставка на функцијата од здравствени причини. Тој стана министер пред точно една година, при првата мини реконструкција на владата. Тогаш од ресорот култура беше сменет Роберт Алаѓозовски, Бардул Даути од ДПА стана министер за странски инвестиции на местото на Рамиз Мерко од ДУИ кој стана градоначалник на Струга, а Рената Дескоска од ресорот образование беше префрлена во правда по оставката на дотогашниот министер Билен Салији. Министер за образивание стана Арбер Адеми.

Премиерот Зоран Заев, при прогласувањето на победата на Стево Пендаровски на претседателските избори, во неделата навечер рече дека еден од приоритетите на владата ќе биде „отстранување на слабостите во владеењето кои предизвикаа реакција кај јавноста“. Сите функционери мора да му служат на народот, од прв до последен, рече Заев. Одговарајќи на новинарски прашања ден по изборите, тој рече дека метлата ќе заигра и во извршната власт, но и внатре во СДСМ.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG