Достапни линкови

Источна тројка на Путин за поход на Балканот


Русија бара сојузници против ЕУ и НАТО на Балканот?
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:53 0:00

Русија бара сојузници против ЕУ и НАТО на Балканот?

Дел од партиските елити од регионот ја плаќаат цената за своите политички кавги, хранејќи ја гладта на Москва за контрола на Балканот, предупредуваат експертите. Но, не е само Кремљ гладен за влијание во регионот. Експертите велат дека во игра се повеќе е и Турција, а молчешкум и Кина.

Додека Балканот сo сета сила се обидува да му се приклучи на Западот, справувајќи се со пропагандите, странските влијанија и игрите од сенка, рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган ги засилуваат меѓусебните врски, но и врските со Балканот, целејќи стратешки пресметано, Русија повеќе политички, Турција повеќе економски, анализираат политичките експерти.

Како што вели универзитетскиот професор и експерт за меѓународни односи, Алон Бен Меир, дел од партиските елити од регионот, кои лесно се манипулираат, ја плаќаат цената за своите политички кавги, хранејќи ја гладта на Москва за контрола на Балканот.

Но, не е само Кремљ гладен за влијание во регионот. Експертите велат дека во игра се повеќе е и Турција, а молчешкум и Кина.

Поткопување на геостратешките интереси на ЕУ

„Путин и Ердоган напорно работат на зајакнување на нивните врски со Балканот. Трговијата меѓу Турција и Западен Балкан драматично се зголеми од 430 милиони долари во 2002 година на три милијарди долари во 2016 година. Тука е и турската агенција за развој ТИКА која, на пример, реновираше стотици историски споменици во Косово, финансираше локални проекти и организираше големи настани дизајнирани за зајакнување на односите со Турција. Покрај тоа, земјите од Западен Балкан нудат ниски трошоци, што Русија може да го искористи за да преземе комбинација од политички и економски мерки за да ги поткопа геостратешките интереси на ЕУ“, вели Бен Меир, професор по меѓународни односи на Њујоршкиот универзитет во својата најнова анализа.

Според него, Русија има геостратешки интереси во Западен Балкан, не само поради словенската традиција, туку уште повеќе поради стратешко значење на регионот како транзитен пат за нејзиниот гас. Поради тоа, како што објави рускиот канал РТ на својот портал, Москва и нејзините партнери планираат зголемување на инвестициите во Србија, како појдовна точка.

„Енергетскиот сектор и понатаму е приоритет на руските инвестиции. Целта на Москва е да ги направи балканските земји зависни од рускиот гас, исто како и во Европа“, вели Лавдим Хамиди, главен и одговорен уредник на косовскиот весник „Зери“, кој неодамна ги истражуваше руските и турските капитални инвестиции на Балканот.

Скриени инвестиции за скриено влијание во Македонија?

Руските инвестиции во Македонија се многу помали од останатите балкански држави, околу 30 милиони евра. Според дел од економистите, тие се недоволни за политичко влијание, но според други имало и прикриени инвестиции за прикриено влијание. Сепак, претставници на руските инвестиции во Македонија, како и претставници на руско-македонските економски здруженија велат дека зад руските инвестиции нема никаква политика, туку само бизнис во интерес и на двете држави.

„Во Македонија се регистрирани 78 компании со најмалку 25 проценти акции во сопственост на руски ентитети или поединци, а дел од руското корпоративно влијание се канализира преку трети земји. Да успееја руските бизнисмени да ја преземат една од најголемите македонски енергетски компании, целосно ќе го контролираа енергетскиот пазар во Македонија “, стои во извештајот на Центарот за изучување на демократијата од Софија, насловен, „Рускиот економски печат во Македонија“.

„Имате многу индивидуални актери кои можат да бидат шпиони или руски руски бизнисмени, но можат да бидат и локални бизнисмени кои сакаат добра зделка со Русите. Има многу луѓе кои се обидуваат да направат работи за кои сметаат дека ќе помогнат во унапредувањето на агендата на Кремљ“, вели во интервју за РСЕ, Марк Галеоти, од Центарот за европска безбедност при Институтот за меѓународни односи во Прага.

За бизнисмените и Владата Турција е важен деловен партнер

Турските инвестиции во Македонија лани изнесувале 36 милиони евра и биле трети по големина, зад Обединетото Кралство и зад Германија. Според податоците на Стопанската комора на Македонија, вкупната трговска размена меѓу Турција и Македонија лани била 521,7 милиони американски долари, што е раст од 14,5 процент споредено со 2017 година.

Во Стопанската комора на Македонија велат дека во Турција гледаат сериозен економски партнер, што беше потенцирано и на последната средба на македонските и турските бизнисмени во Скопје.

„Македонија во Турција гледа сериозен партнер. Нашата земја станува членка на НАТО алијансата, а многу блиску сме и до европското семејство“, рече на средбата Антони Пешев, претседавач на Собранието на Стопанската комора на Македонија, а Билал Кара, претседателот на Македонско-турскиот деловен совет, додаде дека се креира мостот за воспоставување цврсти деловни односи меѓу двете земји.

Македонскиот министер за странски инвестиции Елвин Хасан, на последната средба со делегацијата на Деловниот совет Турција - Северна Македонија, ги коментираше и актуелни случувања поврзани со промената на името, интегрирањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, а во однос на ставовите на Анкара по тие прашања.

„Република Турција, од денот на независноста до денес, секогаш и пружала максимална и безрезервна поддршка на нашата земја, нема сомнеж дека пријателските односи меѓу овие две земји секогаш биле на највисоко ниво, а истото важи и за взаемната соработка во сите области”, рече министерот Хасан.

Претходно официјална Анкара соопшти дека ќе „продолжи да ја поддржува пријателска Македонија, нејзиниот просперитет и безбедност, како и нејзиното зачленување во ЕУ и НАТО“.

Ентина: Балканот во триаголникот Русија-Кина-Турција

Сепак дел од светските политички аналитичари имаат поинакво гледање од бизнисмените и од официјалните ставови на политичарите.

„Намерите и активностите ниту на Русија, ниту на Турција на Балканот не се скриени. Двете земји преземаат политички чекори за да го оддалечат Балканот од Запад, без разлика дали тоа е од економски, стратешки или хегемонистички причини. Тие се немилосрдни и безобразни и ќе сторат сé што е во нивна моќ за да се зацврстат во регионот“, вели професорот Алон Бен Меир, кој важи за голем познавач на геостратешките политики на Западот на Балканот.

Сето тоа Москва го прави без прецизна локална стратегија, особено по поканата за Македонија во НАТО. Но, на глобален план, велат експертите, тактиката на Кремљ е јасна, а сега е уште повеќе засилена, откако Путин го зацврстува триаголникот Москва – Анкара – Пекинг, наспроти стратешките интереси на Брисел и на Вашингтон.

„Русија нема конкретна стратегија, но фактички присуствуваме во сферата на економијата, на културата, некаде на политичка интеракција со одделни земји, со одделни групи на сили. Ова не дозволува Русија да исчезне од регионот како таква. Имајќи предвид дека нашата соработка со Турција и Кина се засилува, тогаш во секој момент земјите од Балканот можат да станат и најверојатно ќе станат зона на интеракција во триаголникот Русија-Кина-Турција. Ова во голема мера ги зајакнува нашите позиции во споредба со оние на нашите евроатлантски партнери“, анализираше Екатерина Ентина, професорка и научен соработник во Институтот за Европа на Руската академија на науките, во интервју за БНР.

Со оглед на стратешките интереси на ЕУ и општата ориентација на балканските држави кон Западот, а за да се избегне економското влијание да се искористи за политика, аналитичарите велат дека ЕУ треба да инсистира на демократски реформи и придржување кон човековите права, против што ќе ги забрза своите напори за поддршка на социо-економските услови во балканските земји и забрзување на процесот на нивно зачленување во Унијата.

XS
SM
MD
LG