Достапни линкови

Истражување- огромно перење пари од руска инвестициска банка


Американскиот инвестициски банкар Рубен Варданјан

Шема за перење пари од речиси девет милијарди американски долари воспоставена и водена од најголемата руска приватна инвестициска банка која има блиски врски со владејачката елита откри Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) со седиште во Сараево.

Во истражувањето објавенo денеска се открива шема со која им се овозможува на корумпирани политичари и припадници на групи за организиран криминал да перат пари, да избегнуваат плаќање даноци, да го кријат имотот во странство и да преземаат други нелегални активности. Во текстот, како еден од оние што имале најголема придобивка од криминалната шема, се посочува Сергеј Ролдугин, руски виолончелист, еден од најстарите пријатели на рускиот претседател Владимир Путин.

ОЦЦРП кои претходно открија две слични шеми, познати како руска и азербејџанска пералница, наведуваат дека истражувањето е овозможено со протекувањето на една од најголемите банкарски трансакции кога било, добиенa заедно со литванскиот новински портал 18.min.lt.

Протекувањето кое е добиено од различни извори вклучува повеќе од 470 милијарди долари пратени во 1,3 милиони трансакции од повеќе од 238 000 компании и луѓе. ОЦЦРП наведува дека заедно со 22 партнери од целиот свет биле во можност не само да ги откриjат корисниците на пералницата на пари, туку исто така да ги идентификуваат и одговорните за формирањето и работата на приватната инвестициска банка Тројка Диалог, една од најголемите руски банки водена од американскиот инвестициски банкар Рубен Варданјан, кој од многумина се смета за прозападна и прогресивна личност.

Тројка Диалог, наведува ОЦЦРП, во средината на 2000-та година воспоставува мрежа на повеќе од 75 меѓусебно поврзани офшор компании. Најмалку 25 од нив имале отворено сметки во Укио Банкас, проблематична литванска банка која е затворена во 2013 година.

“По насоки од Тројка Диалог, милијарди долари од Русија биле префрлани на сметки во Укио Банкас”, пишува истражувачката мрежа.

Во текстот се наведува и дека парите биле префрлани меѓу компаниите пералници на пари пред да бидат пратени на разни примачи, познати и непознати. Трансакциите во најголем дел биле лажни, придружени со лажни документи во кои се опишувала трговија со непостоечки добра. На својот пат надвор од системот, наведува ОЦЦРП, парите поминувале низ разни сметки во западни банки, најчесто низ австриски и германски банки.

Во истражувањето се посочува Сергеј Ролдугин, руски музичар и еден од најстарите пријатели на Путин, како еден од главните корисници во пералницата на парите кој од таа шема добил 69 милиони американски долари. Не е првпат неговото име да се поврзува со истраги за перење пари. Во 2016 година, Ролдугин беше споменат во така наречените Панама документи дека е сопственик на офшор средства од две милијарди евра и дека има бизнис врски со тајкуни блиски до Путин. Тој негираше дека направил што било погрешно.

Според истражувањето на ОЦЦРП пералницата Тројка била повеќе од само шема за перење пари. Таа била користена и како скриен фонд на пари за подмитување, за неплаќање даноци и многу повеќе од тоа.

Во текстот се открива дека дел од парите доаѓале од високи шеми на финансиски измами, како откриените во случајот Магнитски. Адвокатот Сергеј Магнитски умре во затвор во Русија во 2009 година. Тој беше приведен откако ги обвини руските власти за кражба од 230 милиони американски долари.

Овој инвестициски фонд, според истражувањето на ОЦЦРП и овозможувал на руската бизнис и политичка елита тајно да се стекне со удели во државни компании или да купи недвижности во Русија и во странство, додека во официјалните документи сопствениците на офшор компаниите биле ерменски фармери кои живееле во село.

XS
SM
MD
LG