Достапни линкови

Руските лажни вести во ТОП-3 трендови за 2018 година


Руски дезинформации пропаганден белег на 2018 година
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:07 0:00

Руски дезинформации пропаганден белег на 2018 година

Покрај манипулацијата со гласачите во САД и дезинформациите за вакцинацијата, во ТОП-3 трендовите во областа на дезинформирањето во 2018 година влегле и руските лажни вести за омаловажување на НАТО во очите на земјите аспиранти за членство, покажува кампањата „ЕУ против дезинформациите“.

Ширењето лаги и дезинформирањето во 2018 година, во светот, а особено на Балканот и во Украина, драстично е проширено со активноста на руските тролови и медиуми, покажува извештајот од кампањата „Европската унија против дезинформациите“, која ги објави ТОП-3 трендовите за 2018 година во областа на дезинформирањето.

Според извештајот, главен играч била руската компанија „Интернет рисрч ејџенси“ (ИРА), која служи како фабрика за тролови на Кремљ. Таа лани имала три клучни цели кои и биле трите топ трендови во областа на дезинформирањето лани: Манипулација со гласачите во САД, дезинформирање во врска со вакцинирањето и, најново, дискредитација на НАТО, особено во државите кои сакаат да станат негови членки, меѓу кои е и Македонија.

Потврда на предупредувањата

Ова истражување доаѓа како потврда на она за што при нивната посета на Западен Балкан, предупредуваа десетици дипломати, аналитичари и политиколози.

„Гледаме дека Русија игра сè подеструктивна улога во поголемиот дел од Балканот во ширењето на дезинформации и така ги поткопува демократските институции. Ние бевме јасни во разговорите со Русите дека тоа не е ниту во нивен интерес, ниту во интерес на народите од овој регион“, рече американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, за време на неговата балканска турнеја.

Во однос на обидите да се поткопаат позициите и ширењето на НАТО, прегледот укажува дека освен интернет-троловите активна улога имале и руските медиуми, но и политички партии, активисти, дипломати и поединци, што од официјална Москва речиси секогаш беше негирано со контраобвинувања дека тоа „не е нејзина политика, туку политика на Западот“.

Реакции од Западот и во Македонија

Како реакција на овие влијанија, институциите од земјите на НАТО презеле низа мерки, почнувајќи од САД, со покренување обвиненија против ИРА и 13 руски државјани. Според истражувањето на „Базфид њуз“ и балканскиот проект за известување за организиран криминал и корупција, една од обвинетите, Марија Богачова, работела и во Македонија во 2015 година. Реакција за мешање и надминување на овластувањата од страна на руски дипломати или активисти имаше и во Македонија, кога „поради шпионски дејности“ беа протерани двајца руски дипломати, за што според шефот на македонската дипломатија Никола Димитров имало цврсти докази.

„Се работи за лице кое излегло вон својот мандат и ова беше наш акт за заштита на државниот интерес и интегритет. Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, изјави Димитров.

Ригорозни казни

За што поефикасна борба со дезинформациите, ботовите и троловите, западните држави направија драстично зголемување на казните за компаниите кои во рок од 24 часа нема да ги отстранат дезинформациите, па така, на пример, таквите компании во Германија можат да добијат казна и до 50 милиони евра.

Како реакција, Фејсбук во 2018 го зголеми бројот на вработените задолжени за откривање и отстранување нелегални содржини, а само во текот на мај и јуни лани, Твитер затвори 70 милиони сомнителни профили.

XS
SM
MD
LG