Достапни линкови

Командниот штаб за насилствата на 27 април бил во ВМРО-ДПМНЕ


Александар Василевски Нинџа на судењето за 27 април
Александар Василевски Нинџа на судењето за 27 април

Александар Василевски – Нинџа, обвинет за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, рече дека насилствата биле организирани од ВМРО-ДПМНЕ и дека тој работел по налог на УБК.

Митко Чавков, Билјана Бришковска – Бошковски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски биле дел од „парамилитарниот, односно командно-оперативен штаб“ кој ги организирал насилствата во Собранието на 27 април минатата година, сведочеше денеска пред судот еден од обвинетите, Александар Василевски – Нинџа.

Тој рече дека неполн час пред упадот во Собранието во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ бил одржан состанок на „парамилитарниот, односно командно-оперативен штаб“, а подоцна дошол и директорот на УБК, Владимир Атанасовски.

Според него, Бришковска комуницирала со претседавачот на седницата Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески со еден од водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски Бетмен, а Митко Чавков со Митко Пешов и со друг началник во СВР Скопје.

„Бришковска кажуваше дека пратениците не си ја завршиле работата, односно не предизвикале инцидент и не направиле тепачка внатре во Собранието како што било договорено во првото сценарио“, рече Нинџа пред судот, по што таа му се јавила на Вељаноски да се отворат вратите од Собранието.

Александар Василевски Нинџа рече дека на состанокот бил до 19:15, а после добил наредба од УБК да ја следи ситуацијата и да известува што се случува, но дека не влегол во Собрание.

Насилства во Собранието
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Тој пред судот призна дека бил ангажиран од УБК во 2015 година од поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски. Пред судот рече дека добил пиштол, значка и бил задолжен за оперативно-технички и прикриени операции во Управата.

Василевски додаде дека имал задача да биде „очи и уши“ на Никола Бошковски од УБК, кој заедно со Грујевски избега од Македонија и беше уапсен во Грција.

Нинџа рече дека Борис Јосифовски од Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов му рекол на Никола Бошковски дека во секое време може да биде прогласена воена состојба.

Според Василевски, зад протестите „За заедничка Македонија“ стои ВМРО-ДПМНЕ, реквизитите биле носени со пикапи од партијата, „фиктивните водачи“ на движењето ги има гледано на средби со поранешниот генерален секретар на партијата Кире Божиновски, кој во партијата бил познат како благајник и оти имал оперативни сознанија дека добивале пари од Божиновски.

Тој рече дека по налог на УБК контактирал со обвинетите Игор Југ и Јане Ченто за да „испита дали имаат проруски или прозападни ставови“ и оти на средбите со нив имало и прикриен агент на УБК.

Василевски наведе дека и претходно, на протестите пред ДИК по изборите во декември 2016 година од штабот на ВМРО-ДПМНЕ имало налог за насилни протести и упад во ДИК ако приговорите се во корист на СДСМ, но тоа не се случило зашто ДИК призна дека ВМРО-ДПМНЕ освоиле 51 пратеници.

Тој рече дека од 2015 година учествувал во следење на функционери на СДСМ.

Братот на Нинџа му беше телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски и во време на насилствата, заедно со Груевски беше во Виена. Според обвинителството, непосредно пред почетокот на насилствата, имало телефонски разговор меѓу браќата Василевски.

Претходно, дел од обвинетите од групата на Нинџа, кои со фантомки упаднаа во Собранието, пред судот рекоа дека насилствата во Собранието на 27 април минатата година биле креирани од структури во Управата за безбедност и контраразузнавање со цел некои луѓе да си ги задржат своите функции, без разлика на жртвите и рекоа дека наредбите ги добивале токму од обвинетиот Александар Василевски – Нинџа, кој бил нивната врска со оперативци на УБК.

Обвинетиот Стефан Младеновски, на рочиштето пред три дена, рече дека добивал наредби од Нинџа, кој им рекол дека тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски, бил негов човек и затоа можел да прави што сака. Според него, упадот во Собранието бил договорен два месеца претходно на состанок на кој присуствувале дел од обвинетите, како и вработени во МВР и во УБК.

Неговиот брат Михаил Младеновски, кој исто така е обвинет, пред судот рече дека Нинџа на свое располагање имал две возила од УБК, моторола за следење на целата комуникација на СВР Скопје и полициски значки. Според него, во организацијата на насилствата учествувал и Никола Бошковски од УБК, кој заедно со началникот на Петтата управа Горан Грујевски, пребега во Грција. Михаил Младеновски рече дека советникот за национална безбедност на претседателот Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски им кажал дека претседателот ќе прогласи воена состојба и со воена полиција ќе се апси новото парламентарно мнозинството за државен упад, но тоа не се случи и претседателот вечерта излезе со повици на смиреност.

Михаил Младеновски е поранешен генерален секретар на подмладокот на СДСМ. По излегувањето од партијата, тој организираше протести против СДСМ, а низ Скопје можеше да се забележи во друштво на Јордан Мијалков, синот на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

По неговото сведочење, со реакција излезе и Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, во која ги отфрла обвинувањата, како „лаги, измислени настани и непостоечка комуникација за вмешување на советникот Синиша Алексоски во случајот од 27-ми април“. Кабинетот реагира дека „давањето лажен исказ е кривично дело“.

Обвинетиот Захарие Симовски, кој пред судот рече дека му бил телохранител на Нинџа, сведочеше дека Александар Василевски-Нинџа примал наредби од поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски и од началникот во Управата Никола Бошковски, кои биле во постојана комуникација со него. Тој тврдеше дека многу често неговиот шеф Нинџа влегувал во зградата на ВМРО-ДПМНЕ на средба со функционери, а имал сознание дека се сретнувал и со тогашниот премиер Никола Груевски.

По нивните сведочења беше уапсен и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, на кого му беше одреден 30-дневен притвор. Тој во моментов не е меѓу обвинетите за насилствата. Обвинителството сега го сомничи за „здружување заради непријателска дејност“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG