Достапни линкови

Има волја и желба за помирување


Премиерот Зоран Заев
Премиерот Зоран Заев

Предлог законот за амнестија кој ќе го изготви собраниското тело за помирување ќе направи разграничување меѓу организаторите и учесниците во насилството на 27 април со учесниците во толпата, најави премиерот Зоран Заев по денешната средба со ова собраниско тело.

Интерпатиската парламентарна група за интеграција, реформи и помирување ќе подготви предлог- закон, а за тоа каков концепт на амнестија ќе биде предложен ќе одлучуваат правните тимови под раководство на собраниското тело, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Тој по средбата со членовите на oва собраниско тело рече дека она што досега може да го каже е дека волја и желба за помирување има, но црвените линии не смеат да се поминат и нема да им падне на памет да влијаат врз правосудниот систем. Според него, треба да се разграничи што е насилство, организација и осмислување, а што е учество во толпа.

„Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам дека имаме потреба да направиме јасна дистинкција и разграничување. Пораката на помирување и подавање рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои“, рече Заев.

Заев: Помирување до црвените линии
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и копретседавач со собраниското тело рече дека дебата во групата била конструктивна и биле формирани трите групи кои ќе се фокусираат на интеграцијата на Македонија, реформите и помирувањето.

„Овие три процеси се поврзани интеграцијата, реформите и помирувањето и знаеме дека еден без друг нема да го дадат конечното решение, а тоа е да застанеме на вистинскиот пат и еднаш засекогаш како свесни граѓани и политичари мора да дадеме шанса за нашата држава да се движи напред“, порача Александрова.

Потпретседателката на Собранието и ,исто така, копретседавачот на телото, Фросина Ташевска Ременски посочи дека примарниот дух на дебата која се води во групата се стратешките интереси на Македонија.

„Широк е фронтот за дебата. Важно е сите ние кои учествуваме и претставуваме политички партии во интерпатиската парламентарна група имаме јасно изразен консензус дека патот на Република Македонија кон помирувањето и релаксирањето на општествено политичката реторика мора да почне од Собранието за да може да рефлектира позитивна атмосфера за процесите кои ќе обезбедат иднина на Република Македонија“, истакна Ременски.

До вторник трите подгрупи на собраниското тело треба да се состанат и да ги разгледаат своите области на делување и да излезат со предлози.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG