Достапни линкови

Николовски - Запоставени системите за наводнување


Николовски - Поправање на политиките за зголемување на земјоделството производство
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:32 0:00

Николовски - Поправање на политиките за зголемување на земјоделството производство

Системите за наводнување со години биле запоставени и затоа има и намалување на земјоделството производство и намалување на квалитетот. Оваа година ќе исплатиме 12 милиони евра за водоснабдувањето, а следува и сеопфатна реорганизација, вели министерот за земјоделство Љупчо Николовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Николовски, во изминативе десет години за субвенции во земјоделството државата има издвоено над милијарда евра, односно по над 100 милиони евра годишно. Какви резултати според вас постигнаа земјоделците со овие пари?

Првата работа што ја побаравме на почетоткот на нашиот мандат од Делегацијата на Европската унија беше изработка на една сеопфатна и длабинска анализа за влијанието токму на субвенциите на целокупниот развој. За да може прецизно да знаеме во кој правец треба да одиме, мора да има анализа којашто не постоеше во рамки на Министерството, како и многу други работи кои ги нема и денес и одредени системи започнуваме да ги градиме од нула. Пред само два дена, после една година детална работа, ЕУ заедно со нивните меѓународни консултанти пред Министерството и пред јавноста ја презентираше анализата за влијанието на ИПА и националните фондови за развојот на земјоделството. За да не зборуваме за нашите впечатоци и согледувања за претходниот период и за начинот на исплата на субвенции, за начинот на доделување на земјиште и за сите погрешни политики кои се водеа, а сега едно по едно ги доведуваме во ред, за нередовните субвенции, за селективниот пристап и многу други работи, еве анализата која ЕУ на наше барање ја презентираше како прв проект, ги покажува сите слабости. Оваа анализа ќе биде предмет на опсежна работа во рамки на Министерството и институциите и таа покажува дека всушност нашиот систем не е компатибилен со политиките за земјоделство на ЕУ.

Климатските промени, според Министерствтото за животна средина, се третата најсериозна закана за македонското општество. Се забележуваат екстремните температури и неправилности во менувањето на годишните времиња и врнежите. Што прави Министерството за земјоделство во однос на овој проблем?

Во однос на климатските промени, секогаш почнуваме со заостанатите проблеми. Имаме неисплатени штети од 2015 и 2016 година кои се работени по погрешен закон. Мака мачиме како сега тоа да го доведеме во ред, иницираме и законски измени. Од 2017 до денес се исплатени околу четири милиони евра штета кои се за 2017 година. Очигледно е дека климатските промени си го прават своето, а ние мора да носиме адаптивни мерки и тоа не може со една мерка да кажеме дека може да ги решиме проблемите. Затоа отворивме неколку концепти на кои сме посветени. Еден е земјоделското осигурување и поддршката на државата во делот на зголемување на осигурувањето кај земјоделците. Од година во година тоа паѓа и и довербата во осигурителните компании, во системот е целосно намалена. Затоа отворивме дебата со земјоделците, со осигурителните компании, со Агенцијата за супервизија и интензивно работиме на стратегија на среден и на долг рок.

Сушите се исто така проблем за земјоделството. Според податоци од Земјоделскиоит факултет, во Македонија се изградени системи за наводнување под околу 120 илјади хектари, до крајот на 80-тите години наводнувани се 80 до 90 илјади, а сега од 20 до 30 илјади хектари од изградените системи. Зошто се намалува употребата на системите за наводнување?

Затоа што во претходниот период ова воопшто не била значајна работа за државата. Не знам како може да бидат до толку запоставени системите за наводнување и воопшто државата да не инвестира, да не ги реконструира и не се насочи кон изградба на нови системи. Она што ние го потенциравме и што го ветивме пред граѓаните и е дел од нашата владина програма, е дека десет милиони евра годишно ќе даваме за системите за наводнување. Можам да кажам дека оваа година, само преку програмата за рурален развој, ќе испратиме 12 милиони евра кои се наменети за делот за водоснабдувањето. Ние започнуваме крупна реформа за реорганизација и трансформација на А.Д Водостопанство и се трудевме во оваа година да ги санираме сите проблеми кои ги имаме на терен. Имавме блокади, опструкции, нефункционални системи токму во екот на земјоделското производство. Тоа доведе до намалување на производството и намален квалитет на производството.

Целото интервју со министерот за земјоделство Љупчо Николовски може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG