Достапни линкови

Економскиот раст во Македонија, заложник на светските услови?


Архивска фотографија - Градежни активности на автопатот Миладиновци - Штип
Архивска фотографија - Градежни активности на автопатот Миладиновци - Штип

Дел од економистите велат дека е прерано да се носат заклучоци за какво било ревидирање на економскиот раст, откако ММФ и Светска Банка ја намалија проекцијата од почетните 3,2 на 2,8 проценти. Други сметаат дека нивните прогнози се поврзани со случувањата во светската економија.

Условите во економијата во светот ќе го забават економскиот раст и во Македонија, па затоа проекцијата од почетните 3,2 проценти е намалена на 2,8 проценти, вели поранешниот гувернер на НБРМ Љубе Трпевски. До неговиот коментар доаѓа откако деновиве ММФ и Светска Банка излегоа со проекција во која ја намалија прогнозата за економски раст во Македонија.

„За цел свет се намалени проeкциите заради трговскaтa војнa која започна меѓу Америка и Европа и Кина. Мислам дека како последица на тоа ќе има забавен раст во цел свет, па и во Македонија“, вели Трпевски.

Дел од економистите, пак, велат дека е прерано да се носат проекции за какво било ревидирање на економскиот раст. Имајќи ја предвид политичката криза од минатата година и краткиот период од новата влада, економистот Слободан Најдовски вели дека не знае со кои параметри располагаат ММФ и СБ за да дојдат до податоците што ги објавија, но дополнува дека намалувањето на проекцијата за економски раст може да ја соочи Владата со потребата веднаш да реагира во однос на буџетот.

„Се уште е рано да се ревидира стапката. Но, ако навистина се дојде до тие податоци веднаш треба да се размислува во насока да се прилагоди трошењето на буџетот на тој раст. За да имаме целосна слика треба да помине половина од годината, па врз основа на тие податоци да донесеме правилни заклучоци“, вели Најдовски.

Од друга страна, коментирајќи ги критиките на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ дека странските инвеститори ја заобиколуваат Македонија, економистите сметаат дека инвестирањето продолжува. Можеби во градежништво инвестирањето е позабавено од изминатите години, вели Трепевски, но сепак тој во претстојниот период очекува забрзување.

„Во изминатите години растот главно се должеше на високите вложувања во градежништвото од кои добар дел беа непродуктивни, така што, тоа не беше здрав економски раст. На крајот од минатата година и првите неколку месеци годинава настана и одреден застој во градежништвото поради ова што се случуваше со автопатите, но сега верувам дека се решени некои од тие проблеми и дека ќе почне во полн ек градежништвото и не очекувам потфрлања“, вели Трпевски.

Тој оценува дека по минатогодишното стагнирање на економијата поради политичката криза годинава полека почнува да се создава поволна бизнис клима. Според него, оптимизмот во врска со тоа што Македонија може да добие датум за преговори со ЕУ може да влијае позитивно и врз домашните инвеститори во наредниот период и тие да се охрабрат и да почнат да инвестираат.

Деновиве гувернерот на НБРМ Димитар Богов изјави дека по стагнацијата во 2017 година владините предвидувања за раст од 3,2 проценти се остварливи, но под одредени услови. Меѓу нив се целосна стабилизација на политичката ситуација, да продолжи текот на странски инвестиции и да продолжи економскиот раст во Европа. НБРМ своите проекции за економскиот раст ќе ги објави на 3 мај.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG