Достапни линкови

Решавањето на спорот со Грција ќе ја заживее економијата


Илустрација: Работнички во текстилна фабрика

Членството во НАТО ја гарантира безбедноста на една земја, а тоа ги поттикнува инвеститорите, велат економистите.

Евентуалното решавање на спорот за името, зачленувањето во НАТО и почнувањето преговори за членство во ЕУ ќе има позитивни ефекти за македонската економија. Членството во НАТО ја гарантира безбедноста, а зголемувањето на сигурноста повлекува инвестиции, и домашни, и странски, велат економистите. Во однос на ЕУ, пак, тие посочуваат дека отворањето на земјата кон европскиот пазар го поттикнува бизнисот.

Економскиот аналитичар, кој сега и советник во владата, Фатмир Битиќи, вели дека членството во НАТО и почнувањето на преговори со ЕУ несомнено ќе имаат позитивни ефекти врз економијата.

„Членството во НАТО значи дека и странските и домашните инвеститори ја гледаат земјата како стабилна земја каде што секоја нивна инвестиција е загарантирана од какви било други влијанија и тоа не треба да се занемари“, вели Битиќи.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, очекува продлабочување на соработката со НАТО, зашто македонски фирми и досега соработувале со Алијансата. Тој посочува дека Македонија и Грција и досега имаат добра економска соработка, но оти за големите компании кои ги претставува неговата комора е клучен непречениот пристап до Солунското пристаниште.

„Многу битна работа што би дошла по таква позитивна разврска е потпишување на договорите за избегнување на двојно оданочување и за заштита на инвестициите. Тоа веројатно во делот на инвестиционата активност би ја поттикнала работата и на нашите и на нивните компании во другата земја, односно нашите во Грција, а грчките кај нас“, вели тој.

Азески посочува дека трговската размена на Македонија со ЕУ е 75 проценти и над таа бројка Македонија мора да бара алтернатива на други пазари.

Битиќи вели дека е тешко да се прогнозира кои сектори најмногу би профитирале од членство во НАТО и преговори со ЕУ, но искуството од соседните земји кои влегле во Алијансата покажуваат дека има раст во секторот на недвижнини и во градежништвото. Во текстилната и кожарската индустрија на пример нема да можеме да се носиме со поголемите економии, но како и досега ќе бидеме дел од ланецот на набавки, вели Битиќи, посочувајќи го примерот на Албанија каде што лон производството има огромен раст.

„Од друга страна, гранката на логистика и дистрибуција секако дека нема да може да се носи на глобалниот пазар, затоа што вие имате големи центри за логистика и дистрибуција коишто најверојатно ќе ги преземат нашите капацитети затоа што на глобалниот пазар ние секако се гледаме како мали“, вели тој.

Дел од договорот за спорот за името, кој го прифатија премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, се однесува и на економската соработка. Во него, меѓу другото се наведува дека имајќи предвид оти Македонија нема излез на море, „страните ќе се раководат од релевантните одредби од Конвенцијата на ОН за поморско право, колку што е применливо“.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG