Достапни линкови

Вести

Јанкулоска побара изземање на судијката Кацарска во „Тенк“

Архива: Горднана Јанкулоска доаѓа на судење во Кривичниот суд во Скопје.
Архива: Горднана Јанкулоска доаѓа на судење во Кривичниот суд во Скопје.

На почетокот на денешното рочиште во раздвоената постапка во случајот на СЈО „Тенк“ за набавка на „мерцедесот“ од 600 илјади евра, одбраната на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска побара изземање на судијката Добрила Кацарска, која даде пауза од половина час за претседателот на судот Иван Џолев да се изјасни по барањето на адвокатите.

Адвокатите на одбраната појаснија дека барањето за изземање се однесува на мислење добиено од 27 август од седум члена Комисија за заштита од дискриминација, со кое таа го задолжува судот да ја отстрани веќе утврдената дискриминација во постапката.

За денешното рочиште е предвидено да бидат сослушани шест сведоци предложени од обвинителството. Судијката Кацарска за овој случај закажа 23 рочишта за помалку од 40 работни денови. На претходното рочиште беа сослушани вкупно седум сведоци предложени од обвинителството, кои на некој начин биле вклучени во набавката на возилото во 2012 година.

Случајот „Тенк“ на СЈО се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, случај во кој веќе е осуден поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски на шест години и шест месеци затвор и поранешниот премиер Никола Груевски осуден на две години затвор како поттикнувач за извршување на делото.

види ги сите денешни вести

Србија досега добила 220 милиони евра од ЕУ за миграцијата и граничната контрола

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Од 2015 година, Европската унија (ЕУ) ѝ даде на Србија повеќе од 220 милиони евра помош во областа на миграцијата и управувањето со границите, изјави Никола Бертолини - шеф на Одделот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Србија.

На крајот од петдневната обука на граничарите во Суботица, Бертолини рече дека Србија усвоила стратегија за интегрирано гранично управување, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Тој додаде дека парите од Брисел биле испратени во Србија за поголема безбедност на границите и помош во борбата против нелегалните прекугранични активности, шверцот на оружје, експлозиви и наркотици.

„Зголемувањето на капацитетот на граничните служби води и до поефикасно откривање на нерегуларна миграција, трговија со луѓе и криумчарење“, рече Бертолини.

Тој посочи дека ЕУ планира да продолжи да ја поддржува Србија за спроведување на поефективен надзор и софистицирани гранични проверки, како и да обезбеди модерна опрема за таа цел.

Тој потсети дека за зголемување на обемот на трговската, туризмот и културната размена потребни се поотворени граници, но истовремено и одржување на високо ниво на безбедност на границите.

„Затоа сите гранични агенции треба да воспостават рамнотежа помеѓу строгите контроли и отворените граници“, рече Бертолини.

Владата на Србија го усвои акциониот план на ЕУ за интегрирано гранично управување во 2022 година.

Од почетокот на светската мигрантска криза во 2015 година, преку таканаречената балканска рута низ Србија поминале повеќе од еден и пол милион бегалци и мигранти, покажуваат податоците на надлежните органи на Обединетите нации (ОН).

Засилени безбедносни мерки во Шведска по пукање во близина на израелската амбасада

Улицата Готгатан во Стокхолм, 14 април 2020 година. Илустративна фотографија
Улицата Готгатан во Стокхолм, 14 април 2020 година. Илустративна фотографија

Шведска ги засили безбедносните мерки во земјата по пукање во близина на израелската амбасада во Стокхолм, соопшти полицијата на 17 мај.

Полицијата ја опколи областа околу амбасадата и изврши претреси во неколку населби во Стокхолм откако во раните утрински часови се слушнаа истрели.

„Поради сомнителни пукотници во близина на израелската амбасада во Стокхолм, полицијата презема безбедносни мерки за заштита на имотот и интересите на Израел и Евреите низ целата земја“, соопшти полицискиот оддел на својата веб-страница.

Амбасадорот на Израел во Шведска, Жив Нево Кулман, им се заблагодари на властите на мрежата X „за нивната итна реакција и истрага, како и за зголемените безбедносни мерки околу нашата амбасада и околу еврејските заедници“.

Во февруари, полицијата на теренот на израелската амбасада пронајде уред за кој амбасадорот рече дека претставува обид за напад.

Шведските разузнавачки служби отворија истрага за „тероризам“.

Од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, властите и некои невладини организации во многу земји пријавија пораст на антисемитизмот, додека високиот број цивилни жртви во Газа предизвикани од одговорот на Израел дополнително ги зголеми тензиите.

ЕУ забрани уште четири руски медиуми поради ширење пропаганда

Европскиот парламент.
Европскиот парламент.

Европската унија на 17 мај забрани емитување на програми на уште четири руски медиуми во ЕУ поради, како што се наведува, ширење пропаганда за инвазијата врз Украина и за дезинформации.

Забраната за емитување се случува во пресрет на изборите за Европскиот парламент.

Последната група на медиуми кои се забранети ги вклучуваат веб-страницата Глас Европа, руската државна новинска агенција РИА Новости, весниците Известија и Росискаја газета, за кои ЕУ тврди дека се под контрола на Кремљ.

Официјалното соопштение за санкциите ја потврди одлуката на почетокот на неделава од страна на амбасадорите на 27-те земји-членки на блокот.

„Овие медиуми се под постојана директна или индиректна контрола на раководството на Руската Федерација и беа од суштинско значење и инструменти во започнувањето и поддршката на руската агресорска војна против Украина и дестабилизацијата на нејзините соседни земји“, се вели во соопштението на ЕУ.

Во соопштението се наведува дека овие медиуми конкретно ги таргетираат „европските политички партии, особено во изборните периоди“.

Забраните ги опфаќаат „сите средства за пренос и дистрибуција во ЕУ или насочени кон земјите-членки на ЕУ“, но не ги спречуваат новинарите да работат во медиумите во Европската унија.

Веќе минатиот месец, Белгија отвори истрага за сомнително руско мешање во јунските избори низ Европа, велејќи дека разузнавачката служба на нејзината земја го потврдила постоењето на мрежа која се обидува да ја поткопа поддршката за Украина.

Чешката влада воведе санкции за голем број луѓе откако таму беше откриена операција на проруско влијание. Според наводите, тие им обраќале на членовите на Европскиот парламент и им понудиле пари за промовирање на руската пропаганда.

Од почетокот на војната во февруари 2022 година, ЕУ веќе суспендираше неколку медиуми, вклучително и Русија денес (РТ) и Спутник.

ЕУ го истражува Мајкрософт за ризиците од вештачката интелигенција пред изборите

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Европската унија денеска (17 мај) му нареди на Мајкрософт да предаде внатрешни документи или дека пред изборите ќе се соочи со казни поврзани со ризиците од користење на вештачка интелигенција на својот пребарувач Бинг.

ЕУ ја идентификуваше генеративната вештачка интелигенција како една од главните закани за изборите што ќе се одржат во ЕУ од 6 до 9 јуни.

Во март, Брисел побара од Бинг, заедно со неколку големи дигитални платформи, вклучително Гугл, ТикТок и Јутуб, да обезбеди информации за активностите што ги презеле за да ги ублажат ризиците од користење на вештачка интелигенција.

Но, Мајкрософт не одговори на барањето за повеќе детали за „специфичните ризици кои произлегуваат од функциите на генеративната вештачка интелигенција на Бинг, особено „Копилот во Бинг“ и „Креатор на слики од дизајнер“, соопшти Европската комисија.

Американскиот технолошки гигант сега има рок до 27 мај да обезбеди „внатрешни документи и податоци“.

Доколку Мајкрософт не го стори тоа, ЕУ може да изрече казни до еден процент од вкупниот годишен приход или глобалниот промет на компанијата, како и периодични казни до пет проценти од просечниот дневен приход или дневен промет во светот.

Од минатата година, најголемите светски технолошки компании мораа да се усогласат со европскиот закон познат како Закон за дигитални услуги (DSA).

Комисијата соопшти дека се сомнева дека „Бинг можеби ја прекршил DSA“ во делот поврзан со „ризиците поврзани со генеративната вештачка интелигенција“.

Ова се однесува на можностите на вештачката интелигенција да обезбедува лажни информации и „вирално ширење на длабока лажна содржина“.

Мајкрософт соопшти дека е посветен на исполнување на барањата на комисијата.

„Целосно соработуваме со Европската комисија во рамките на Доброволното барање за информации и остануваме посветени да одговориме на нивните прашања и да споделуваме информации за нашиот пристап кон дигиталната безбедност и усогласеноста со DSA“, рече портпаролот на Microsoft.

Портпаролот рече дека Мајкрософт презел „чекори за мерење и ублажување на потенцијалните ризици“ на сите негови платформи.

Мајкрософт инвестираше милијарди во OpenAI, главен играч во вештачката интелигенција, особено откако се појави четботот ChatGPT кон крајот на 2022 година.

Таравари најави договор за влада, Османи дополнителни механизми за заштита

Изет Меџити и Арбен Таравари од коалицијата „Влен“.
Изет Меџити и Арбен Таравари од коалицијата „Влен“.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари денеска изјави дека очекува до крајот на идната недела да биде договор околу идната влада меѓу колицијата „Влен“ и ВМРО-ДПМНЕ.

Откако „Вреди“ и ВМРО-ДПМНЕ формираа работни групи за формирање на владина коалиција по парламентарните избори на 8 мај, Таравари денекса изјави дека меѓу работните групи „владее позитивна атмосфера.

„Се надевам дека до крајот на идната недела ќе имаме завршен договор со програма на Владата и со распределба на ресори, односно кој и каде ќе биде како министер“, рече Таравари.

По гласањето на двојните избори на 8 мај, претседателски и парламентрани, ВМРО-ДПМНЕ освои најмногу (58) мандати. Во албанскиот политички блок, Коалицијата „Влен“ освои 13 мандати, што е 6 помалку од коалицијата „Европски фронт“ која освои 19.

Но, ВМРО-ДПМНЕ и Влен се во преговори за состав на идната влада. Таравари рече дека со Христијан Мицкоски досега имале две средби, а дека понатаму интензивно работат работните групи.

„Се надевам до понеделник ќе излеземе со заедничка програма, а до петок ќе имаме завршен договор меѓу ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, практично договор за нова влада“, изјави Таравари.

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, чија партија е дел од коалицијата „Европски фронт“, денеска рече дека ако се прави владина коалиција без нивната партија, дека „тоа ќе ги разгневи сите Албанци кои ценат дека нивните гласови ќе бидат ништовни и потоа ќе бараат дополнителен механизам за заштита“, изјави Османи за приватната телевизија „Канал 5“.

„ДУИ е во постојано заседание, емоциите кај албанскиот народ се веќе вжештени и ние повеќе се обидуваме да менаџираме и да контролираме. Ќе сметаат дека Охридскиот рамковен договор не ги заштитува, не го заштитува нивниот глас, нивниот глас се игнорира, е ништовен за државата и дека ќе бараат дополнителен механизам за заштита“, рече Османи.

Управен суд ја одби тужбата на „Европскиот фронт“ за решението на ДИК за избирачкото место во Крушево

Управен суд Скопје
Управен суд Скопје

Управниот суд ja одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија" за избирачкото место 1194 во Општина Крушево на Парламентарните избори одржани на 8 мај 2024 година.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување во тоа избирачко место влијае на конечните изборни резултати, ДИК треба да спроведе повторено гласање 14 ден од Парламентарните избори кои беа одржани на 8 мај. Повтореното гласање според тоа треба да биде на 22 мај.

Претходно денеска во текот на расправата, застапникот на тужителот, Коалицијата „Европски фронт“, Ејуп Рустеми, посочи дека се оспорува решението на ДИК за прифаќање на приговорот за поништувње на гласањето на ИМ 1194 на Коалицијата „Твоја Македонија".

„Решението на ДИК е нејасно. Сумираниот износ на искористени гласачки ливчиња е нејасно како ДИК дошле до збирот од 377 гласачи, без притоа да се земе предвид бројот од 359 потпишани гласачи во избирачкиот список. Бројот од 17 болни и изнемоштени не треба да се додава во дел IV од записникот, бидејќи тие се веќе вброени во статистичкиот податок и се добива дупла бројка. Според Изборниот законик погрешно пополнување на записник не е основ за поништување на гласањето“, изјави Рустеми.

Дополнително, посочи Рустеми, во записникот нема заведено забелешки за евентуални неправилности.

Претставникот на ДИК, Катерина Василевска нагласи дека остануваат во целост на наводите од решението и одговорот на тужбата и предлагаат таа да се одбие како неоснована.

„ДИК постапи во законскиот рок и донесе одлука. По увидот во целосниот изборен материјал ДИК утврди дека бројот на идентификувани гласачи не се совпаѓа со бројот на потпишани гласачи во избирачкиот список и не соодветствува со бројот на искористени гласачки ливчиња на гласачкото место“, нагласи Василевска.

Управниот суд пресудата ќе ја објави за два часа.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите се оформени предмети и закажани во текот на денешниот ден.

ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај.

Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Загриженост во ДИК поради изјави на политичари по приговорите за изборите

Александар Даштевски - претседател на Државната изборна комисија (ДИК) .
Александар Даштевски - претседател на Државната изборна комисија (ДИК) .

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски и членовите на ДИК и уште неколку членови денеска изразија загриженост дека политички партии и високи владини функционери давале изјави за работата на ДИК за постапувањето по приговорите за парламентарните избори, кои според нив можат да бидат закана за нивната безбедност.

Во денешносто соопштение на ДИК, освен Даштевски, загриженост изразуваат и членовите на ДИК Радица Ристеска, Оливер Ристовски, Борис Кондарко, Бобан Стојаноски и Абдуш Демири.

„Ве известуваме дека покрај тоа што сме лично понижувани и навредувани, исто така како членови во највисоката институција за организирање и спроведување на изборите, сме изложени и на неосновани и непримерени јавни политички притисоци и на закани за кривична одговорност поради донесените одлуки на ДИК“, се вели во реакцијата.

Тие велат дека според „контекстот и интензитетот на нападите, прозивките и навредите“ загрижени се и дека е можно тие да преминат и во лични напади на нивната сигурност.

„Ве известуваме дека ДИК во целост професионално, транспаретно и само врз основа на закон ги спроведе изборите што е потврдено од сите домашни и меѓународни фактори. Исто така и покрај сите непријатности кои ги имаме, сепак со највисок степен на интегритет врз основа на јавна проверка на изборниот материјал ДИК ги утврди фактите и одлучуваше по приговори поднесени од различни учесници за 110 избирачки места, од кои врз основа на образложени докази усвои приговори за само 7 избирачки места за кои имаше правен основ, додека сите останати 103 избирачки места, беа одбиени како неосновани и за нив немаше поднесено тужби ниту еден учесник на изборите“, се вели во реакцијата.

Државната изборна комисија наведува дека е неприфатливо да има нападите, притисоци и мешање на одредени политички партии и на поединци од техничката Влада во изборните процедури и во работата и одлучувањето на ДИК и на Управниот суд.

Тие посочуваат дека за сето ова денеска на средба во ДИК била известена и амбасадорката на набљудувачката мисија на ОБСЕ-ОДИХР Џилијан Стирк.

Премиерот на техничката Влада Талат Џафери вчера на прес-конференција соопшти дека имало договор за надгласување во Државната изборна комисија за прифаќање на одредени приговори за изборните резултати и прегласување и оти на ваков начин се прави обид за изборен инженеринг за менување на бројките во Собранието и изигрување на волјата на граѓаните.

Изборниот процес кој беше оценет како кредибилен и демократски, сега е во рацете на Управниот суд, рече Џафери и повика сите институции да постапуваат согласно закон без партиски директиви од која било страна.

Управниот суд вчера одржа јавна седница по тужба на Коалицијата „Вреди“ по одлуката на ДИК за одбивање на нивниот приговор за избирачко место 0511, во Долна Бањица во Општина Гостивар на Парламентарните избори 2024 година.

Постапката беше прекината, откако претставникот на Коалицијата „Вреди“ изјави дека ја повлекува тужбата во целост.

До Државната изборна комисија беа поднесени вкупно 27 приговори за парламентарните избори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица.

Прифатени беа седум: шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Против одлуката на ДИК може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението.Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием. мд/дма/

Состојбата на словачкиот премиер Фицо „се уште многу сериозна“

Словачкиот премиер Роберт Фицо.
Словачкиот премиер Роберт Фицо.

Два дена по обидот за атентат, состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо на 17 мај „останува многу сериозна“, изјави неговиот заменик и близок соработник Роберт Калинак.

Фицо беше хоспитализиран по пукањето во средата, коешто се случи додека 59-годишниот премиер на Словачка разговараше со граѓаните по состанокот во централниот град Хандлова.

„Повторно беше опериран, имаше операција речиси два часа“, изјави за новинарите пред болницата во Банска Бистрица вицепремиерот Роберт Калинак.

Фицо претходно имаше петчасовна операција набргу откако од местото на нападот беше пренесен во болница со хеликоптер.

Директорот на болницата во Банска Бистрица рече дека Фицо останал „свесен“, иако е во „тешка“ состојба.

Претходно, на 17 мај, локалните медиуми објавија дека словачката полиција извршила претрес во домот на мажот кој е обвинет за пукањето.

Полициските службеници го донесоа наводниот вооружен напаѓач, кој носел панцир и шлем, во станот што го делел со неговата сопруга во западниот град Левице, беше прикажано во видео од телевизијата Маркиза.

„Полицијата остана во станот неколку часа... Од станот таа изнесе компјутер и документи“, вели приватниот радиодифузер.

Полицијата за АФП изјави дека нема да ја коментира тековната истрага. Полицијата не го именуваше осомничениот, но медиумите го идентификуваа како 71-годишниот писател Јурај Цинтулу.

Тој во четвртокот беше обвинет за обид за убиство од прв степен во, како што велат властите, политички мотивиран напад.

„Станува збор за „волк-самец“ кој се активирал по претседателските избори бидејќи не бил задоволен од нивниот исход“, изјави министерот за внатрешни работи Матус Сутај Есток.

Нападот ги поттикна стравувањата од натамошно насилство и нестабилност во политички поларизираната земја, само неколку недели пред изборите за Европскиот парламент, пренесува АФП.

Официјалните лица во Словачка ја повлекоа врската со политичката ситуација во земјата, со нејзината политичка сцена нарушена со дезинформации за време на неодамнешните изборни кампањи.

Фицо, четирикратен премиер и политички ветеран, се врати на функцијата во октомври.

Оттогаш тој даде серија изјави кои ги влошија врските меѓу Словачка и соседна Украина, откако го доведе во прашање суверенитетот на земјата.

Откако тој беше избран, Словачка престана да испраќа оружје во Украина, која Русија ја нападна во 2022 година.

Палевски ќе биде спроведен на распит во Кривичниот суд

Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Основниот кривичен суд Скопје денеска доби официјално известување од Истражниот затвор Скопје за екстрадицијата на Љупчо Палевски, којшто е првоосомничен за случајот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот фризер Панче Жежовски (74). Палевски прво ќе биде спроведен до Кривичниот суд за да се изјасни за мерката притвор која му беше веќе определена, откако на 5 мај со авион беше екстрадиран од Турција во Северна Македонија.

Од судот соопштуваат дека денеска добиле и известување и барање за ангажирање на адвокат кој ќе го застапува Палевски во текот на постапката. Според законите во Северна Македонија, судот ги издава сите дозволи поврзани со истражната постапка и ги доставува до предложените адвокати за нивно понатамошно постапување.

„Дополнително, судија на претходна постапка во координација со надлежниот Јавен обвинител, ќе издаде наредба за спровод на осомниченото лице за негово произнесување во однос на околностите во предлогот на Јавниот обвинител за определување на мерката притвор, а за донесеното решение јавноста ќе биде известена“, се вели во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.

Истрагата за случајот, кој што го води Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, е во завршна фаза. Палевски повеќе од пет месеци помина во екстрадициски притвор во Турција, откако беше фатен од турската полиција.

Палевски се гони за две грабнувања и две убиства на свиреп начин. Осомничени се и тројца соизвршители за овие дела, како и таткото на Вања Ѓорчевска кој се товари за помагање во грабнувањето на девојчето. За помагање во бегството, обвинителството сомничи уште едно лице.

Истрагата на Обвинителството беше отворена на 3 декември, откако случајот притви Палевски и останатите осомничени беше отворен по пријавата за исчезнувањето на малолетната Вања на 27 ноември, утрото кога таа не се појави на училиште.

Исчезнувањето со денови ја брануваше македонската, но и јавноста во регионот, а медиумите и социјалните мрежи беа преплавени со вести и апели се до 3 декември кога нејзиното тело беше пронајдено во околината на Скопје.

Истиот ден беше кобен и за семејството на Панче Жежовски бидејќи полицијата соопшти дека неговото тело го пронашле во близина на Велес. Тој бил пријавен за исчезнат три дена пред Вања – на 24 ноември.

Палевски беше во бегство во Турција, а избегал во таа земја преку Србија и Бугарија, избега во Турција. Турската полиција успеа да го фати кај градот Балибекир на 5 декември 2023 година. Тој на 15 мај годинава беше екстрадиран во Северна Македонија.

Пред затворање на истрагата и поднесување на обвинение, Палевски треба да биде сослушан и во обвинителството. По евентуалното обвинение, тоа ќе оди на оценка во судот и ако добие зелено светло, ќе стартува судски процес. Во меѓувреме тој во притвор се чува под посебни безбедносни мерки.

Познат политички аналитичар бега од Русија поради обвинувања за антируски активности

Александар Сунгуров, претседател на Хуманитарно-политички центар „Стратегија“
Александар Сунгуров, претседател на Хуманитарно-политички центар „Стратегија“

Александар Сунгуров, руски политички аналитичар и професор на Високата школа за економија, побегна од Русија откако про-Кремљ режисерот Никита Михалков го обвини за антируски активности, изјави еден од студентите на Сунгуров на 17 мај.

Михалков неодамна во својата ТВ емисија изјави дека фондацијата „Стратегија“ предводена од Сунгуров добила финансиска поддршка од странство и мора да биде означена како „странски агент“.

Сунгуров поднесе оставка од Вишата економска школа во Санкт Петербург.

Неговата страница е отстранета од веб-страницата на универзитетот.

Тој од 2005 година е раководител на Катедрата за применети политички науки на тој факултет.

Од 1994 година, Сунгуров ја води „Стратегија“ - либерален аналитички центар во Санкт Петербург.

Тој работеше и како експерт за Советот на Европа и Европската Унија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG