Достапни линкови

Кој е рускиот бизнисмен Савидис сопственик на грчкиот Етнос?


Грчкиот премиер Алексис Ципрас

Зошто грчкиот весник Етнос на богатиот руско-грчки бизнисмен Иван Савидис во чувствителен период на преговорите за името на Македонија си „поигра“ со изјавата на грчкиот премиер Ципрас? Савидис, кој се смета за близок човек до рускиот претседател Владимир Путин во Грција поседува медиуми, меѓу кои и е весникот Етнос. Тој е еден од сопствениците и на солунското пристаниште.

Дневниот весник Етнос, неделникот Етнос, дневниот весник Имерсија, солунскиот фудбалски клуб ПАОК, дел од солунското пристаниште се неколку од крупните инвестиции во Грција на грчко-рускиот бизнисмен Иван Игњатевич Савидис. Тој стана интересен за македонската јавност по интервјуто на грчкиот премиер Алексис Ципрас за грчкиот весник Етнос, кој од 26 јули 2017 година е во сопственост на неговата компанија Димера. Лани летото Савидис на аукција во грчки суд ги купува трите печатени медиуми.

Викендов турбуленција во македонската јавност предизвика насловот на интервјуто на Ципрас „Македонска нација никогаш не постоела“ со кое Етнос го најави разговорот објавен во целост наредниот ден.

Во меѓувреме, по жестоките реакции во Македонија, дневниот весник Независен дојде до целосната изјава на грчкиот премиер во која тој појаснува дека „Македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците“.

Спорна изјава во тек на преговори

Дел од јавноста ова го припиша на сопствеништвото на Етнос, односно на рускиот бизнисмен, имајќи предвид дека политиката на официјална Москва не гледа со сипматии на проширувањето на НАТО кон нови балкански земји. Оваа изјава дојде и во во време на интензивирање на преговорите за името меѓу Атина и Скопје, изјавите за позитивна клима меѓу двете земји, но и пораката од генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој рече дека нема план Б за Македонија да влезе во алијансата, освен решение за името.

Но, ако Савидис станува интересен за овдешната јавност периодов, во Грција и во странските медиуми е интересен одамна пред се заради неговата политичка влијателност и блискост со рускиот претседател Владимир Путин.

Медиумскиот бизнис всушност е и поновиот сектор во кој влегува Савидис. Тој од претходно е сопственик и на солунскиот фудбалски клуб ПАОК. Клубот во пресрет на протестите против употребата на терминот Македонија кои се одржаа во неделата во Солун соопшти дека Македонија е нивниот дом и историја и е историски една и грчка. Од клубот наведоа и дека „ПАОК го обединува својот глас со „милионите граѓани што го делат истото мислење“.

Покрај овие бизниси, Савидис е еден од сопствениците и на солунското пристаниште. Лани во април неговиот инвестициски фонд заедно со фондови од Германија и Франција откупија 67 отсто од акциите на пристаништето.

Богатиот Грк, роден во Грузија во 1959 година, кога таа била дел од Советскиот Сојуз, всушност е политичар близок од партијата на Путин Единствена Русија. Во опозициската грчка јавност тој се посочува и како линкот што наводно го поврзувал премиерот Ципрас со рускиот претседател.

Обвинувања од опозицијата

Путин беше во Грција пролетта 2016 година кога ја посети и Света Гора. Во Атина се сретна со Ципрас, а на Света Гора замина со претседателот Прокопис Павлопулос. Со нив тогаш беше и Савидис.

Лани во мај, како што објавуваат грчките медиуми Савидис го фалеше грчкиот премиер Ципрас и го поистовети со рускиот претседател Владимир Путин.

Слушајќи го говорот на Ципрас ме потсети на силен лидер каков што е рускиот претседател“, рече Савидис во интервју за грчкиот весник Прототема.

Ова интервју следуваше по несогласувањата меѓу власта на СИРИЗА и опозицијата поврзана со законот кој го протурка владиното мнозинство, со кој, меѓу другото, му се прости долгот на Савин кон државата во износ од 28 милиони евра.

Опозицијата ја обвини тогаш власта дека законот е напишан земајќи ги предвид интересите на Савидис. Тој, пак, ја обвини опозициската Нова Демократија и нејзиниот лидер Кирјакос Мицокатис велејќи дека никогаш нема да биде премиер и дека неговите ставови ги протеруваат странските инвеститори од Грција. Сепак, бизнисменот нагласи дека со поранешниот претседател на Нова демократија Костас Караманлис имал прекрасно пријателство, го почитувал и го сакал.

Пратеник од Единствена Русија

Политичката кариера Савидис ја почнува во 1998 година кога првпат е избран за пратеник во локалното собрание во регионот Ростов, а потоа повторно е избран во 2003 година. Во 2007 година е избран за пратеник во думата како дел од партијата на Путин, Единствена Русија. Таа функција ја извршува до 2011 година, а од 2012 е член на претседателскиот совет за меѓународни односи.

Неговиот основен и главен бизнис кој го почнува во 2004 година е компанијата Агроком која е со седиште во Ростов на Дон. Компанијата се занимава со прозводство на месо, цигари, земјоделски производи, минерална вода и друго.

Савидис не е богат само во балкански рамки, туку, според магазинот Форбс, тој е еден триесетте најбогати Руси во светот. Своите пари тој ги вложува и во грчкото општество преку добротворна фондација. Таа, како што пишува на неговата интернет страница, е формирана во 2000 година, а главни цели на нејзините активности се финансиска поддршка на традиционалните релиогиозни заедници, како реконструкција и изградба на цркви, организирање на аџилак и финансиска поддршка на православни образовни институции. Во 2013 година е прогласен за почесен граѓанин на Грција.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG