Достапни линкови

Проруски грчки бизнисмени финансирале немири во Македонија


Претседателот на проруската партија Единствена Македонија, Јанко Бачев ѝ се спротивстави на полицијата на насилните протести на 17 јуни, носејќи руско и македонско знаме
Претседателот на проруската партија Единствена Македонија, Јанко Бачев ѝ се спротивстави на полицијата на насилните протести на 17 јуни, носејќи руско и македонско знаме

Премиерот Зоран Заев рече дека припадници на навивачката група Комити, кои беа уапсени на насилните протести против промена на името минатиот месец, рекле дека грчки бизнисмени со проруски ставови плаќаат за насилствата.

Во МВР засега без одговор против колку луѓе е отворена истрага за сомнежите дека проруски грчки бизнисмени им плаќале на македонски државјани за „насилнички дејствија“ во пресрет на референдумот за Договорот за името кој треба да биде одржан на есен, ниту пак дали се води истрага против странски државјани.

Министерот Оливер Спасовски денеска рече дека не мисли да води истрага преку медиумите и оти сега не може да каже ништо.

„Што било да имаме и какви било информации да имаме што се однесуваат на сензитивни прашања, ниту ќе можеме, ниту смееме, ниту, пак, е потребно тоа да го водиме преку медиумите и како истрага да ја спроведуваме преку медиумите. Треба да знаете дека во секој момент кога ќе имаме што било да соопштиме, што е во фаза на можност да биде соопштено, тоа ќе го направиме“, рече Спасовски.

Премиерот Зоран Заев во интервју за Базфид претходно изјави дека „грчките бизнисмени“ им плаќале на македонски државјани меѓу 13 и 21 илјади долари за вршење „насилнички дејствија“ за да спречат промена на името и членство на Македонија во НАТО.

Заев не го открива името на бизнисмените кои давале пари поради истрагата која е во тек, но и поради чувствителноста на дипломатските односи. Тој вели дека полицијата дознала за исплатите по приведувањето на неколкумина учесници во насилните протести пред македонското Собрание минатиот месец.

Немири пред Собрание
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:47 0:00

Полицијата соопшти дека по протестите против промената на името пред Собранието во Скопје на 17 јуни, на кои учествуваа и членови на навивачката група Комити, биле приведени 26 лица.

„Јас зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добивам. Знаете, тие млади момчиња од Комити кои нападнаа полицајци беа повикани во полиција на исказ, на разговор, па споменуваа дека бизнисмени од Русија давале пари и поради тоа тие се тука, тие немаат ништо против и слично“, рече денеска Заев на почетокот на изградбата на фабриката на американската компанија „Дура аутомотив системс“ воТехнолошко-индустриската развојна зона Бунарџик.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов вели дека не е изненаден од ваквите информации. Подолго време има информации дека во Македонија е можно и црногорското сценарио, односно обиди за дестабилизација во пресрет на членството во НАТО.

„Се покажа дека се точни тие информации дека Русија, преку свои, условно кажано, инсталации, дали преку Србија, дали во овој случај преку Грција или директно во Република Македонија, ќе се обиде, ако не може да го спречи процесот на интеграција на Македонија во НАТО, барем да го одложи тој процес и овие информации не се изненадувачки“, вели Трајанов.

Тој посочува дека Русија отворено се противи на членство на Македонија во НАТО и очекува обидите на Москва за спречување на членството во Алијансата да продолжат, но оти македонските служби треба да работат да ги спречат таквите обиди.

Во меѓувреме, Грција протера двајца руски дипломати кои наводно, во соработка со бизнисмени, потплаќале грчки претставници на локалната власт, свештенството, членови на културни здруженија и крајно десничарски организации во северна Грција за да го засилат противењето на договорот за името меѓу Македонија и Грција, кој треба да ѝ го отвори патот на Македонија за членство во НАТО. Протераните руски дипломати се сомничат дека преку локални грчки бизнисмени им плаќале на крајно десничарските организации меѓу 20 и 30 илјади евра.

Западните медиуми коментираат дека ова е крајно невообичаен чекор од страна на Грција, која има многу блиски односи со Русија. Атина одби да протера руски дипломати дури и по скандалот со труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија, кога речиси сите земји од ЕУ протераа руски дипломати.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG