Достапни линкови

Можни притисоци од Русија при влезот на Македонија во НАТО


По изјавата на премиерот Зоран Заев дека се веројатни жестоки реакции од Русија доколку Македонија стане членка на НАТО, упатените велат дека најверојатно сè ќе се сведе на краткорочни дипломатски тензии од руска страна.

Последици ќе има, но тие најверојатно ќе бидат дипломатски, а не драматични реакции, коментираат аналитичарите по изјавата на премиерот Зоран Заев во интервју за црногорското радио Антена-М, во која вели дека „веројатно Русија ќе реагира жестоко“ кога ќе дојде време Македонија да влезе во НАТО.

Исмет Рамадани, советник за евроатлантски интеграции на премиерот, вели дека во изминатиот период Русија покажала дека води непринципиелна политика кон Балканот и Македонија, но дека освен вербални, не очекува поголеми реакции или последици од руска страна кога земјава ќе стане членка на Алијансата.

„Ако споредуваме со реакцијата во Црна Гора кога таа беше примена во НАТО, тука има една разлика затоа што таму еден голем процент луѓе, во овој случај српскиот народ беше против членството на Црна Гора во НАТО, така што Црна Гора со години имаше проблеми со надминување на процентот од 50 отсто за про-НАТО. Таква ситуација нема во Република Македонија. Русија воопшто нема право да се меша во тоа што е определба, односно волја на граѓаните на Република Македонија“, изјави Рамадани.

Тој посочува дека во последно време Русија се однесува ирационално во надворешната политика и со тенденција за влијание во регионот.

„Дали тоа го прави од пркос кон Соединетите Држави поради санкциите не знам, но мислам дека ова е непринципиелно кон земјите од Балканот, чијашто определба е трасирана кон ЕУ и НАТО. Затоа мислам дека Русија не треба да ја спречи таа опција за која се определиле народите на Балканот, вклучително и Македонија“, заклучува Рамадани.

Поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин вели дека секое мало напредување кон одредени меѓународни институции како на пример НАТО, која Русија ја доживува како проамериканска воена организација, нема да наиде на симпатии и одобрување од официјална Москва.

„Ние не може да очекуваме дека Русија ќе покаже некоја „hard power“ сила, односно дека ќе покаже некаква реакција којашто би можела да го дестабилизира регионот и државата, но секако не можеме да исклучиме дека ќе има одредени дипломатски активности, или употреба на мали влијателни форми од економска или трговска природа или пак одредено неподдржување на меѓународни настани и слично,“ вели Ружин.

Тој уверува дека наш најголем адут е тоа што Македонија го држи гинисовиот рекорд во чекање пред вратите на Алијансата. Очекува Русија да се помири со нашата стратешка определба што поскоро.

Инаку, во интервју за црногорското радио Антена М, премиерот Заев изјави дека Македонија нема друга алтернатива освен влез во Алијансата.

„Како реагираа околу Црна Гора, веројатно ќе реагираат жестоко. Подготвени сме. Мојата земја нема друга алтернатива. Јас само велам вака: Ние сакаме да ја унапредиме нашата соработка со Русија, сакаме што повеќе домати да продадеме таму, и зелка и сите наши земјоделски производи што ги имаме. Но, ние немаме алтернатива за НАТО“, изјави Заев во интервју за „Антена М“, радио во Подгорица.

Во меѓувреме и претседателот на државата Ѓорге Иванов во интервју за британски „Телеграф“ изјави дека поради целосниот неуспех на ЕУ да се ангажира и да инвестира во регионот, таа ја отвора вратата за кинеско и руско влијание на Балканот.

Во изминатите неколку години руското влијание врз земјава е интензивирано, а за тоа сведочат бројните соопштенија и реакции од руското МНР за различни политички ситуации во земјава. Забележителна беше и руската пропагандна машинерија во регионот, па не ретко бевме сведоци и на лажни вести и лажна пропаганда.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG