Достапни линкови

ЕУ прави буџет, а парите од ИПА во Македонија заробени


ЕУ, парите и демократијата
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:53 0:00

ЕУ, парите и демократијата

ЕУ има долгорочни планови за трошење. Македонија има добиено многу европски пари за реформи во владеење на правото, велат експерти кои посочуваат дека примената на дел од нив е дискутабилна.

Во Македонија има придвижување во организирањето и начинот на трошењето на парите од европската помош, но остануваат и хроничните проблеми за кои ни се упатуваа забелешки во континуитет со години наназад. Искористеноста на средствата што Македонија ги добива како помош за реформите е различна во повеќе области. Најмногу средства се искористени за помош во јакнење на институциите, а најмалку во ИПАРД, каде влегува и ресорот земјоделство.

Сумирано, искористеноста на ИПА е само 40 проценти. Александар Колекевски од Центарот за европски стратегии, вели дека показател за тоа колку парите од европските фондови наменети за зацврстување на демократијата и владеење на правото донеле вистински резултати или биле погрешно потрошени, може да се најде и во последниот европски ревизорски извештај во 2016 година, кога имаше конкретни забелешки дека нема ефекти, особено во делот на владеење на правото, а тоа е загрижувачки за држава која има аспирација да стана членка на ЕУ.

„Има различни проекти кои се создадоа, но како се применуваат е друго прашање. На пример, поддршка за Академијата за судии и обвинители ја имавме преку европски средства. Како функционира Академијата, тоа е сосема друго прашање во реалноста. Поддршка имаше за разни закони меѓу кои и за законот за заштитени сведоци, но што се случуваше натаму, општо е познато во јавноста. Едно е колку квантитативно се потрошени парате друго е квaлитативно“, вели Колекевски.

Во изминатите години, Македонија има добиено многу пари за реформи, во правни слободи и подобрување на демократските состојби од Европската унија и тие се користени за зајакнување на судството, обуки на судии и зајакнување на Јавното обвинителство, пред сè за зајакнување на капацитетот на истрагата, на испитување на борбата против организираниот криминал. Перо Димшовски, поранешен државен функционер, оценува дека еден од успешните проекти за кои беа вложени пари од европските фондови е во областа на форензиката. Според него, во Јавното обвинителство сè уште треба да се инвестира во истражната постапка за да се добие целосно независна Агенција за форензика во рамки на МВР, но со своја посебна зграда. Гледано од искуството на Македонија, тој вели дека прилично бавно одат реформите во судството и не се согласува со сугестиите дека извршната власт нема право подиректно да делува врз тие реформи. Според него, приоритет во наредниот период треба да бидат реформите во полицијата и тоа во насока на истражната постапка.

„Во правото многу е важно истражната постапка да биде поткрепена со релевантни и цврсти докази. А за тоа е одговорна Владата, за подигање на тие капацитети. Средствата таму треба повеќе да се насочат, не толку многу во судството, кое добива огромни средства, но реформите се бавни. И тука се сложувам дека тие средства се несоодветно искористени и не се потребни повеќе, но и тоа како се потребни средства за реформи во полицијата, пред сè за зацврстување на истражната постапка“, вели Димшовски.

Имајќи ги предвид претходните искуства со немање доволно ефект од парите што биле потрошени за реформи, особено во делот на владеење на правото, Колекевски посочува дека Европската комисија направи редизајн на целосното функционирање, во однос на тамошното искористување на парите од европските фондови. Тој вели дека концептот на работа е променет.

Александра Ивановска од Институтот за европски политики вели дека најголем дел од европските пари наменети за демократија и владеење на правото се наменети за јакнење на институциите и за поддршка на претпристапниот процес за интегрирање на Македонија во Европската унија. Таа посочува дека многу е тешко да се процени колку средства се искористени за потребната намера, затоа што Европската комисија престанала да објавува извештаи од 2013 година.

„Во услови во кои во Република Македонија ова второто недостасуваше долго време, за нас не беше изненадување фактот што резултатите не се идеални, односно се ниски, особено во поглед на искористување на средствата во областа демократија и право. За подобрување на резултатите треба да се направи среднорочно планирање и меѓуресорска координација, која во изминатиот период беше многу ниска. Комплицирано е искористувањето на фондовите и нивното планирање и целиот процес пред да се апсорбираат тие средства. Од 2015 година наваму, овие средства се планираат по т.н. секторски пристап зашто влегуваме конечно во ИПА2“, вели Ивановска.

За периодот 2007-2013 година, за Македонија имаше предвидено 615 милиони евра, но овие пари, според досегашните забелешки, не се употребувани како што било планирано. За 2014-2020 година, Брисел за Македонија предвиде 664 милиони евра за повеќе области, меѓу кои се јавната администрација, транспортот, борбата против корупцијата, владеење на правото или основните права. Колекевски вели дека клучни приоритети во наредниот период се демократија и владеење на правото.

„Има значително придвижување во однос на позитивно работење во однос на средствата на ИПА. Една работа е што ИПА повторно е ставена како владин приоритет, но тука е засилена и улогата на ЕУ во самиот процес. Во однос на овој сектор - демократија и владеење на правото, од целата ИПА има значителни средства кои се програмирани, што значи дека се алоцирани средства во износ од околу 200 милиони евра, зборуваме на ниво на 7 години“, вели Колекевски.

Помошта што нашата земја ја добива од Европската унија е од големо значење за спроведување на реформите и за приближување на Македонија кон ЕУ. Во изминатиот период, главни области кон кои беше насочена Владата, беа реформите во правосудството, јавната администрација и безбедносните служби, кои беа дел од планот 3-6-9, каде беа содржани барањата, чии исполнувања ги очекува и Брисел. Ивановска од Институтот од европски политики, очекува во наредниот период, средствата од ИПА2, да бидат насочени кон новата стратегија за правосудството.

Имаме потреба од унапредување на среднорочно планирање за да може навреме се искористат средствата. Ако се доцни со планирањето, нормално се доцни и со искористување на средствата, со тоа може многу средства да се вратат, како што имаше случај во минатото. Позитивно е што имаме нова стратегија за правосудни реформи, се очекува средствата од ИПА2 да се насочат кон поддршка на имплементација на истата. А што се однесува колку пари се одвоени за кој дел, немаме информации, ИПА мастер планот кој е најавен го немаме видено“, вели Ивановска.

Експертите велат дека капацитетот на јавната администрација на секоја земја кандидат, Европската унија го мери по искиристливоста на фондовите кои стојат на располагање. Но, од друга страна, Димшовски посочува дека Унијата, може некоја земја да ја издржува и со пари да ја поттикнува во процесите на реформирање, но оти има и граница до каде може да се очекува позитивен ефект. Според него, по надминување на тој лимит, понатаму трошењето на парите е неефективно и не дава резултат. Тој вели дека Македонија треба и со сопствени сили да гради демократски институции и дека тоа е најдобар начин земјата да се приклучи кон клубот на демократски држави. Димшовски посочува дека недостатоци има и во начинот на кои се искористени европските пари наменети за јакнење на демократијата.

„Индиректно се давани повеќе средства на невладини организации и тоа е тоа што го јакне граѓанското општество. Но и таму се чувствува еден вид многу формален пристап кога ги гледаме тие граѓански организации. Веќе е потребно и самото општество да почне да биде поразбудено и да ги следи процесите без на тоа некој да ги поттикнува. Често тие невладини организации се вклучуваат во политичкиот процес, заземаат страна и со тоа го губат својот кредибилитет. Таквата практика треба да се избегнува“, вели Димшовски.

Главните забелешки кои ѝ се упатуваа на Македонија во изминатиот период се однесуваа на немање капацитети на институциите, пробивање на рокови, доцнење во спроведување на проекти, несоодветен начин на организирање на јавни набавки, како и недостаток на кадар. Колекевски вели дека сега во тек се прегрупирања и се прават напори во експертизите да се вклучи поширокото општество за да се надоместат постојните недостатоци. Тој истакнува дека првично имало идеја секторските работни групи да станат место каде што ќе се програмираат средства за ИПА, но оти ЕУ, ја надоградува улогата на работните групи. Тие, како што посочува Колекевски, стануваат форуми за дебата на јавните политики и за координација на европската помош. Тој се надева дека ако Македонија успее да влезе во преговорите со ЕУ, овие форуми да добијат функција да ги подготвуваат некои од позициите во преговорите со Унијата.

„Нормално е дека по една деценија на едно прашање кое не е приоритетно и каде што луѓето не гледаат дека може да работат се осипуваат и дека ќе има и послаби кадри. Видете каква беше позицијата на Секретаријатот за европски прашања, беше лоциран во зградата на владата, а потоа беше преместен позади Комерцијална банка. На симболично ниво тоа дава порака. Сега има одредено прегрупирање, се прави напор цела експертиза да се собере, се вклучува и поширокото општество во овој процес за да се компензираат таквите недостатоци“, вели Колекевски.

Тој дополнува дека сега има придвижување во однос на организирање и следење на идните средства, но оти е потребно време за да се почувствува дека е подобрен начинот на планирање и користење на средствата од ЕУ фондовите.

„Мора да признаеме дека има и хронични болести во начинот на управување во смисла дека постојано се доцни, не се спроведуваат плановите навреме, се доцни со процесите на јавни набавки има институции кои се хронично слаби во тоа како се прави мониторинг на проектите. За да имаме драматично подобрување потребна е подолгорочна посветеност. Политички приоритет е дали ќе станеме членка на ЕУ и тука ако сте посветени да одите во таа насока ќе ги поставите и институциите. Имаме измешана реализација на средствата. Управувањето со ИПА средствата е комплицирано. Програмата е седумгодишна. Треба да се ставиме во позиција да определуваме приоритети од сега за седум години натаму. Ако денес работиме со одредници дадени пред четири години, реално дека треба нешто да се менува“, вели Колекевски.

Во јули 2016 година, Брисел одлучи да стопира 27,1 милиони евра од ИПА2 фондовите. Европската комисија одлучи да ги стопира пред да ѝ бидат доделени на Македонија, затоа што државата не ги спровела потребните реформи на кои Брисел постојано укажувал изминатите години. Паралелно со тоа, Европската комисија донесе и одлука за кратење на дополнителни 69 милиони евра од ИПА фондовите наменети за Коридорот 8. Со овој потег, меѓународната заедница, недвосмислено им кажа на тогашните македонски власти дека немаат политичка волја за спроведување на потребните реформи. Експертите сметаат дека една од основните причини за нискиот капацитет на државата за искористување на ИПА фондовите е во различната состојбата на административните капацитети.

Александра Ивановска укажува дека е потребно унапредување на меѓуинституционалната координација за да може поефикасно да се искористат парите од ЕУ фондовите кои се наменети за реформи во државата.

ЕУ почна со долгорочните планови за трошење

Европската унија деновиве го започна долгиот политички процес на изготвување на новите долгорочни планови за трошење. Предвидени се повеќе пари за финансирање нови приоритети, на пример одбраната и граничната контрола, како и за премостување на јазот по британското заминување од ЕУ. Од друга страна се намалува финансирањето на оние земји кои се оддалечуваат од поимот за демократија според европските стандарди.

Гоце Атанасов

Европската комисија пред извесно време го обелодени седумгодишниот пакет на финансиски трошоци за периодот од 2021 до 2027 година. (Буџетските обврски се проценуваат на над 1.135 трилиони евра, што е еднакво на околу 1,1 процент од вкупното производство на 27-те земји членки кои ќе останат по заминувањето на Британија.)

Трошоците за таканаречени големи работи, како на пример земјоделството и „кохезиските фондови“, кои ѝ помагаат на инфраструктурата на посиромашните членки да биде според европските стандарди, ќе се намалат за околу 5 отсто. Комисијата вели дека овие политики ќе бидат „модернизирани“ за да може да се постигне повеќе, со помалку пари. Според предлогот, повеќе пари ќе бидат инјектирани во безбедноста и одбраната, управувањето со границите, истражувањето, иновациите, интернетот и високотехнолошкиот развој; потег што Комисијата верува дека ќе донесе своевидна дивиденда во иднина.

Загрижена од потезите на владите во Полска и Унгарија, за кои Европската комисија смета дека ги поткопуваат нивните правосудни системи, Комисијата, исто така, бара овластување за суспендирање или ограничување на финансирањето на земји чии стандарди на владеење на правото се под ризик. Полска и Унгарија веќе ја осудија ваквата идеја.

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто изјави:

„Ние не сакаме да видиме никакви уценувачки капацитети да бидат изградени во рамките на разговорите за следната повеќегодишна финансиска рамка. Затоа, нашата позиција е дека кохезионите фондови и заедничката земјоделска политика треба да останат“, рече тој.

Финансискиот аналитичар Хорхе Нунез Ферер од Центарот за европски политички студии вели дека поврзувањето на финансирањето со владеењето на правото не е многу добар предлог.

„Па многу е полесно да се казни Полска од Франција или да се казни некоја сиромашна земја од една богата земја. Еден ден, можеби некоја многу богата земја ќе мора да биде казнета и да добива многу помалку пари. Што ќе стопирате во тој случај“, прашува тој.

Ферер вели дека треба да постојат други начини за казнување на земјите кои не ги исполнуваат критериумите на ЕУ.

„Ако не ги исполнувате критериумите за она што ЕУ ги дефинира како најосновни столбови на демократијата и владеењето на правото, тогаш всушност, искрено ќе биде прашањето, зошто не сте избркани од ЕУ? Да биде јасно. Но, не постои, да речеме, откако ќе влезе некоја земја-членка, а и никогаш не постоеше механизам кој има предвид случај кога една земја всушност започнува со кршење на демократските принципи“, вели тој.

Според него, единственото нешто што ЕУ го има во моментот освен Европскиот суд на правдата се парите. Проблемот е во тоа што сите земји-членки примаат различни количества пари.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Што треба да знаете

XS
SM
MD
LG