Достапни линкови

Партиски натегања за неизградената пречистителна станица во Битола


Реката Драгор.

Во Битола допрва треба да се гради пречистителна станица. Се очекува до 2021 да профункционира. Проектот е започнат во 2013 и ќе чини 30 милиони евра, од кои 85 проценти се средства од ИПА фондовите.

И покрај долговите, Општина Битола од својот буџет за 2018 година издвои пари за реализација на проектот за изградба на пречистителна станица. Експропријацијата на земјиште во атарот на селото Долно Оризари, каде ќе биде сместена станицата, треба да заврши за два месеца, по што ќе следува тендер за избор на изведувач. Според планираното, станицата ќе се гради следните две години, а до 2021-ва треба да биде комплетно ставена во функција.

„Предвидено е да се обезбедат и 17 милиони денари за експропријација на земјиштето за пречистителната станица. Изградбата на пречистителната станица ќе биде еден голем предизвик за сите нас и за мене како градоначалник“, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

Со пречистителната станица се предвидува да се реши долгогодишниот проблем со канализационата мрежа во градот и загаденоста на реката Драгор и Петтиот канал, каде што се влева отпадната канализациона и индустриска вода без претходен третман. Во моментот два пати е поголема канализациона вода од чистата во реката.

Пречистителната станица допрва ќе се гради, а во изминатиот период се изработи само физибилити студија, поради што советниците од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е нивен проект кој го започнале додека биле на власт.

Мислам дека крајно несериозно е проекти кои наназад ги работеше ВМРО-ДПМНЕ да ги претставувате како ваша заслуга“, рече Иванчо Тошевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Реализацијата на проектот започна во 2013 година. Се распиша меѓународен тендер за фирма која изработи физибилити студија. Се заврши тоа во ноември 2017 година и сега треба да заврши последната фаза од проектот, односно да се распише тендер за изградба на станицата“, рече советничката Олга Лозановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Советникот од СДСМ, Борче Корлевски, возврати дека на терен не е направено ништо.

Во минатиот период во два мандати ветуваа пречистителна станица, нити во едниот мандат не го реализираа, нити во другиот. Потврда даде известителот од Општината кој рече дека студијата беше завршена во 2016 година, па прашање е зошто Советот кој беше на власт од ВМРО-ДПМНЕ не изгласа согласност за изградба на пречистителна станица“, рече Корлевски.

Проектот вкупно ќе чини 30 милиони евра, 85 проценти се средства од ИПА фондовите, а останатите 7,5 милиони евра се од Владата, за што општината веќе добила согласност.

Екс градоначалникот Владимир Талески дури пред крајот на третиот мандатот пред новинарите најави дека овој крупен проект ќе се реализира во 2018 година. Одолговлекувањето го образложи со незгодната конфигурација на Битола. Рече: „иако одзеде многу време, не значи дека нашите вработени и останатите не вложија максимално напори сето ова да се заврши. Општина Битола има многу незгодна конфигурација, зборувам географски, па беше многу тешко да се направи, проект за да ги собере максимално водите од целата површина. Во првата фаза беа шест, а сега се осум колектори кои ќе ја собираат водата од цела површина на општина Битола и ќе ја носат во пречистителната станица“, рече Талески.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG