Достапни линкови

Гремингер - Новата влада мора да ја врати довербата во институциите


Со меѓународна поддршка, вклучувајќи го и ОБСЕ, новата влада мора да се концентрира на враќање на довербата во институциите и зајакнување на демократските процеси. Свесни сме дека значителни промени не можат да дојдат преку ноќ. Одржливите реформи бараат силна политичка волја и одлучност за решавање на недостатоците, вели генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Гремингер, вашата прва посета на регионов е во Македонија. Зошто?

Во основа, јас сум тука поради две причини. Да ги поздравам напорите на земјата во надминување на политичката криза и за продолжување, на она што изгледа како многу ветувачка реформска агенда. Исто така сакам да ги охрабрам сите оние во земјата кои ги поддржуваат реформите, ги зацврстуваат демократските процеси и ја враќаат довербата во институциите. Втората причина, која исто така е важна, тука сум да ја искажам подготвеноста на ОБСЕ, на институциите на ОБСЕ, но посебно на нашата Мисија тука во Скопје, да продолжиме да работиме во партнерство со институциите во поддршка на овие реформи.

Тука, особено сакам да ги нагласам реформите во судството, реформите со изборната администрација, професионализација на полицијата, зацврстување на медиумските слободи, како и зацврстување на улогата на парламентот. На крајот, но не помалку значајно, сакам исто така да кажам, тука сум да ја изразам својата благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје која одбележува 25 години од постоењето оваа година и работи посветено на напредокот на земјата.

ОБСЕ во македонската јавност генерално се поврзува со оценките за изборите кои ги дава мисијата на ОДИХР. Ги слушнавме оценките за последните локални избори, но ако треба да се спореди со изборните процеси со западните земји, до каде е Македонија?

Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР дава оценка за сите избори во контекст на задоволување на обврските кон ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и во поглед на националното законодавство.

Според изјавата на ОДИХР за првичните наоди, неодамнешните локални избори се одржаа во конкурентна средина и придонесоа за зајакнување на довербата во демократскиот процес.

ОДИХР ќе издаде сеопфатен финален извештај, вклучувајќи препораки чија цел е да ѝ помогнат на земјата и понатаму да го подобрува изборниот процес во насока на обврските кон ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди.

Ги охрабрувам властите да ги земат предвид овие препораки и да ги спроведат.

И ќе повторам, ние сме тука да и помогнеме на владата во тоа.

Со години ОБСЕ работи на реформи во правосудниот систем во земјава. Последните оценки на ЕУ сепак беа дека Македонија е заробена држава. Што клучно треба да се направи за да се излезе од ваквата ситуација?

Ќе се согласам дека земјата помина низ многу предизвици во последните неколку години, вклучувајќи ја и независноста на судството.

Со меѓународна поддршка, вклучувајќи го и ОБСЕ, новата влада мора да се концентрира на враќање на довербата во институциите и зајакнување на демократските процеси. Посебно внимание треба да се посвети на независноста на судството и владеењето на правото.

Ја поздравуваме обврската на владата да работи на реформите во оваа област, но исто така сме свесни дека значителни промени не можат да дојдат преку ноќ.

Одржливите реформи бараат силна политичка волја и одлучност за решавање на недостатоците.

Медиумите се дел од таа приказна на заробена држава, а проблеми имаат не само во Македонија туку и генерално на Балканот. Како ја оценувате состојбата со медиумите во регионов, каде е најлоша, а каде најдобра?

Во право сте, многу земји, вклучувајќи ги и земјите од Југоисточна Европа, сè уште се соочуваат со предизвици во врска со независноста и плурализмот на медиумите.

Земјите во регионот имаат заеднички проблеми кога станува збор за спроведување на постојните закони, самоцензура, медиумска етика и саморегулација, придржување кон професионалните стандарди, медиумска писменост и безбедноста на новинарите.

Понекогаш, постои и недоволна политичка волја за промовирање на медиумскиот плурализам и независност. Обидите медиумите да се стават под контрола се реални, и за жал, во некои случаи се успешни.

За време на мојата посета, ќе се сретнам со претставници на граѓанското општество и медиумските здруженија за да ја изразам мојата поддршка за слободата на здружување и слободата на медиумите кои се од клучно значење за демократскиот процес во оваа земја.

Претставникот за слобода на медиумите, Арлем Дезир, кој беше во посета на Скопје, дојде да понуди поддршка во овој процес.

Во Македонија се подготвува нов закон за медиуми кој веќе е во јавна дебата. Како ОБСЕ гледа на предложените законски решенија, може ли да се направи нешто повеќе?

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Арлем Дезир, нарача правна анализа на првиот нацрт на законот и Министерството за информатичко општество и администрација ја објави оваа правна анализа и подготви нацрт на Законот.

Се надеваме дека овие промени, откако ќе бидат усвоени, ќе придонесат за подобрување на медиумската ситуација во земјата и ќе бидат солидна основа за плуралистичко и слободно медиумско опкружување.

ОБСЕ, преку нашиот Претставник за слобода на медиумите и преку Мисијата во Скопје, ќе продолжи да соработува со Министерството и со медиумската заедница во поддршка на оваа клучна реформска област.

Каква е проценката на ОБСЕ, може ли да се наруши безбедноста на Балканот во услови на зголемен број мигранти?

Секако, големиот број луѓе кои транзитираат низ регионот е предизвик за сите засегнати земји, на повеќе начини, не еден. Сепак, не смееме да дозволиме миграцијата да стане уште една дефектна линија во светот, вклучително во Европа, а и помеѓу Европа и соседните региони.

Управувањето со миграциите е важна компонента на сеопфатниот пристап кон безбедноста на ОБСЕ. Веруваме дека управувањето со миграциите треба да биде катализатор за регионален дијалог и соработка помеѓу земјите на потекло, транзитните земји и земјите кои се финална дестинација.

Исто така, ни требаат долгорочни пристапи за решавање на основните причини за миграција. ОБСЕ е добро поставена за да одговори на некои од клучните двигатели на миграцијата и поместувањето, вклучувајќи ги конфликтите, еколошките предизвици и катастрофи предизвикани од човекот.

ОБСЕ е обвинето дека по 20 години посредување не успеало да најде решение за конфликтот во Нагорно Карабах. Може ли ОБСЕ да биде ефикасно во ваков случај, кога која било земја членка може да стави вето на одлуките што се носат?

Најпрвин ќе кажам дека ОБСЕ е успешен во спречувањето на понатамошна ескалација на овој конфликт. Вклученоста на ОБСЕ преку ко-претседавачите и специјалниот претставник Анджеј Каспжик, помогна да се стави крај на непријателствата од април 2016 година, ова мора да се признае.

Кога се работи за решавање на конфликтот, ќе кажам дека, исто како и со другите долгорочни конфликти, треба страните да се вратат на преговарачката маса со позитивен приод.

ОБСЕ обезбедува форум за дијалог и ги поддржува страните во работата кон траен мир. За ова, треба да постои вистинска политичка волја и заложба од страните. Само страните можат да постигнат мирно решение – ние од ОБСЕ не можеме да наметнеме решение.

Во оваа смисла, го поздравувам состанокот на 16-ти октомври во Женева помеѓу претседателите на Ерменија и Азербејџан, првите директни разговори на ова ниво за повеќе од една година. Особено, јас го поздравувам тоа што претседателите се согласија да преземат мерки за интензивирање на процесот на преговори и да преземат дополнителни чекори за намалување на тензиите на Линијата на контакти. Апсолутно е од суштинско значење за страните строго да се придржуваат до режимот на прекин на огнот воспоставен во 1994 година.

Рускиот претседател Владимир Путин во септември предложи распоредување мировници на ОН во Украина и тоа не само на линијата на разграничување меѓу украинските сили и проруските сепаратисти, туку и во другите области каде што има набљудувачи на ОБСЕ, токму за да ги заштитат вашите набљудувачи. Како ја коментирате оваа идеја?

Најпрвин, дозволете ми да кажам дека сите напори кои придонесуваат за стабилизирање на напнатата безбедносна ситуација во Донбас, како и создавање на погодна средина за спроведување на Минск-договорите, се добредојдени и вредни за внимателна проценка.

Има два мошне различни концепти за мировна операција, формално или неформално ставени на маса. Знаеме дека има напори за намалување на разликата меѓу двата концепти, да се дозволат преговори во мандат на Советот за безбедност на ОН и сé уште не можеме да зборуваме за планирање на тоа, но ако се дојде до такво планирање ние би сакале да бидеме дел од тој процес од почеток.

Дозволете ми да кажам една важна забелешка. Со или без мировна мисија на ОН, целта е спроведување на договорите од Минск, нема друг пат. Кога велам договорите од Минск, мислам и на безбедносните и на политичките клаузули. Мора паралелно да се спроведат ако сакаме прогрес.

Има многу повици за испраќање набљудувачка мисија на ОБСЕ на Крим, но Русија се противи. Сметате ли дека може да помогнете да се спречат прекршувањата на човековите права таму?

Во право сте, знаеме од претходните ситуации дека ако човековите права, вклучувајќи ги и малцинските права, не се почитуваат, постои зголемен ризик од меѓуетнички тензии, па дури и конфликт.

ОБСЕ е форум за континуиран дијалог за да се дискутираат сите прашања поврзани со безбедноста, вклучувајќи ги и прашањата поврзани со човековите права. За состојбата со човековите права на Крим редовно се зборува во Постојаниот совет. Имаме регуларни дискусии за ситуацијата со човековите права во Крим, и нашите институции продолжуваат да ја следат состојбата со човековите права во Крим во рамките на нивните надлежности.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG