Достапни линкови

ИПА фондовите пропаѓаат бидејќи нема проекти и стручњаци


Капацитетот на државната администрација на секоја земја кандидат, ЕУ го мери по искористливоста на фондовите кои и стојат на располагање. Македонија користи само 40 отсто од ИПА фондовите кои и стојат на располагање.

Македонија во изминатиот период не сакаше да го сфати сериозно потенцијалот на ИПА фондовите кои служат за помош да се спроведат реформите потребни за влез во ЕУ, велат упатените по објавувањето на податоците дека дури 60 проценти од парите предвидени во фондовите ИПА останале неискористени. Тие, откако беше кажано дека од вкупно 660 милиони евра, останале неискористени 400 милиони, оценуваат дека досега поголем дел од институциите немале желба и капацитет да се „мачат со овие фондови“.

Укажувајќи дека капацитетот на државната администрација на секоја земја кандидат, ЕУ го мери по искористливоста на фондовите кои и стојат на располагање, професор Перо Димшовски, кој беше поранешен државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, укажува дека трошењето на парите од фондовите од европската програма наменета за Македонија е во рацете на политичарите.

„За да може да се трошат парите наменски потребна е добро организирана работа што ја имавме во еден период, добар кадар, што исто така го имавме, за кој се инвестирани многу средства да се образуваат во странство, но сега е прилично намален тој капацитет зашто јас лично што ги познавам луѓето, многумина ја напуштија земјата или работат во приватниот сектор. И потребно е најважно е политичка волја. Тоа да биде главен приоритет на Владата“, изјави Димшовски.

Во изминатиот период Владата, наместо во поголем степен да ги апсорбира овие странски пари наменети за зголемување на капацитетите на администрацијата и одредени инфраструктурни и други проекти за кои парите не треба да се враќаат, повеќе преферираше кредити кои се штетни за државата на подолг рок. Димшовски вели дека прашање е зошто владите досега ја испуштаа шансата да бидат ефикасни во трошењето на големите суми што земјите кандидати за ЕУ ги добиваат од странската помош и се концентрираа само на трошење на буџетските средства.

„Веројатно таму имаат поголема слобода како да ги трошат овие средства со оглед дека сета друга билатералната странска помош и ИПА кои се некаде 3,7 милијарди за еден четиригодишен период. Отприлика владата доколку е ефикасна во трошењето на тие пари, значи 1 милијарда директни инвестиции во државата ќе влезат“, вели Димшовски.

Упатените порачуваат дека приоритет на новата влада треба да и биде трошењето на странската помош, додавајќи дека за зголемување на ефикасноста на искористеноста неопходно е координирање на активностите.

„Тука првиот чекор најнапред мора да се направи од Владата и Европската комисија. Приоритети за трошење ги соопштува владата. Постојат јасни процедури и правила по кои се трошат. Мислам дека внесувањето на граѓанските организации и бизнисот во оваа равенка е неопходно за сите да ја сфатат важноста. Она што е неопходно е да има труд во развивање на капацитети кои досега недостасуваа“, изјави Бојан Маричиќ од Центарот за европско образование.

Упатените го пренесоа нивното мислење дека меѓу другото потребна е помош во надлежната комисија и во знаење и во суми за некои програми, додавајќи дека на редовните седници на Владата треба повторно да има една личност која ќе биде одговорна за искористување на ИПА средствата. Еден дел од активностите за подобра искористеност на ИПА, според познавачите, треба да биде и дерегулацијата на општеството, укажувајќи дека имаме многу закони кои ги бирократизираат процесите. Тие укажуваат и на недоволниот тренинг на бизнис секторот како компонента која е исто така слаба.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG