Достапни линкови

ИПА за заеднички проекти за туризам и екологија меѓу Македонија и Бугарија


Бранкица Ристовска од Министерството за локална самоуправа и раководителот на бугарската програма за прекугранична соработка меѓу двете земји, Николај Дорчев

Европската унија преку ИПА фондовите намени околу седум милиони евра за Македонија и за Бугарија во областите за заштита на животната средина, туризмот и конкурентноста.

По објавување на вториот повик на Министерството за локална самоуправа за аплицирање со проекти за финансиска поддршка за меѓугранична соработка на Македонија и Бугарија, надлежните во Куманово одржаа информативен ден. На присутните од невладиниот сектор, организации за поддршка на бизнис секторот, образовни и научни, како и културни и непрофитни организации, им беа пренесени информациите како поуспешно да ги подготват своите апликации. За реализација на овие проекти, Европската унија наменила околу седум милиони евра за двете страни од границата во областите за заштита на животната средина, туризам, конкурентност или нејзино подобрување.

Бранкица Ристовска, програмски службеник за имплементирање на Интеррег ИПА Програмата од Министерството за локална самоуправа, вели дека информативниот ден е редовна пракса за потенцијалните корисници да можат поуспешно да ги изготват своите проекти.

„Овој информативен ден го организираме за сите општини, невладини организации и институции коишто не остваруваат профит. Тие се и подобни да аплицираат“, вели Ристовска, додавајќи дека искуството покажува дека има успешни проекти.

Бугарскиот раководител на програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји, Николај Дорчев, смета дека програмата е на добар пат, бидејќи по првиот повик, голем дел од имплементацијата на проектите е завршен, а финансирани се 48 проекти.

„Интересот е голем, во однос на претходниот период имаме двојно повеќе апликации, имавме по сто апликации“, вели Дорчев.

Тој се надева дека и по вториот повик ќе има квалитетни проекти.

Според градоначалникот Максим Димитриевски, ова е уште една можност за увидување на потенцијалите на Општината Куманово за користење на европските средства за реализација на прекугранични проекти, а таа како најголема локална самоуправа треба да е лидер во остварување на вакви проекти во североисточниот регион.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG