Достапни линкови

Одбраната на Груевски против СЈО чини ѓавол и пол


Архивска фотографија: Поранешниот премиер Никола Груевски на судење за случајот „Тенк“
Архивска фотографија: Поранешниот премиер Никола Груевски на судење за случајот „Тенк“

На судењето за Титаник, поранешниот премиер Никола Груевски дојде со шестмина адвокати, на кои според адвокатскиот тарифник, за секое доаѓање на суд треба да им плати по 15 илјади денари, односно самото доаѓање во суд го чини над 1.500 евра. Во случај да не се утврди вина, тие пари ќе ги плати државата.

Во наредните две недели, поранешниот премиер Никола Груевски пет пати треба да се појави на суд, и секое доаѓање го чини најмалку 100 евра за адвокатски трошоци, во зависност од адвокатот и од делото за кое е обвинет. Со оглед на тоа што во случајот Титаник, Груевски дојде со шестмина адвокати, едно доаѓање на суд може да го чини и над 1.500 евра. Во случајот ТНТ, Груевски, пак, дојде со тројца адвокати, а секој од нив чини по 7.000 денари, плус дополнителни трошоци.

Доколку судот не утврди вина, илјадниците евра адвокатски трошоци треба да ги плати државата. Цената на адвокатските трошоци се намалува ако еден бранител застапува повеќемина обвинети во ист случај. Адвокатите исто така може да го отпишат долгот, но мора да го фактурираат и да платат данок за таа сума.

Груевски денеска е на суд за случајот ТНТ, каде што е обвинет за уривањето на комплексот Космос на бизнисменот Фијат Цаноски, па на 10 април е на суд за случајот Тенк за набавката на луксузниот владин Мерцедес, на 12 април е закажано рочиште за случајот Титаник за изборни измами, на 17 април се одржува рочиште за случајот Траекторија за изградбата на кинеските автопати, а на 19 април продолжува судењето за насилствата во Општина Центар, каде што е обвинет дека ги организирал насилствата и нарачувал шамари за поранешниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски.

Во случајот Титаник, ако судот утврди вина, на Груевски му се заканува затворска казна над пет години. Според тарифникот на Адвокатската комора на Македонија, застапувањето од адвокат за вакво кривично дело е не помалку од 9.000 денари, плус 20 отсто од оваа сума за секој почнат час во судница, плус 30 отсто паушал и на сето тоа уште 18 проценти ДДВ. Тоа значи дека самото доаѓање во суд за еден адвокат, дури и ако рочиште се одложи, чини околу 15 илјади денари. Со оглед на тоа што Груевски имаше ангажирано шестмина адвокати, доаѓањето во суд него го чинело над 1.500 евра. За овој случај се закажани четири рочишта овој месец и уште пет рочишта за наредниот.

Во случајот ТНТ, каде што Груевски е обвинет за дела за кои му се заканува затворска казна над 3 години, доаѓањето на адвокат чини 7.000 денари плус 20 отсто за секој час, 30 отсто паушал плус ДДВ. Со оглед на тоа што го бранат тројца адвокати, денеска ќе треба да плати скоро 600 евра. По 7.000 денари се и трошоците за адвокат во случајот Насилство во Центар, додека во случаите Тенк и Траекторија, каде што му се заканува затворска казна меѓу една и три години, адвокатите чинат по 6.000 денари.

По претходното рочиште за случајот ТНТ, минатиот месец, поранешниот премиер се пожали дека судењата му ги закажуваат многу често и оти од осум дена, шест дена е на суд. Го обвини судот за двојни аршини.

„Истовремено гледаме како, не само што други предмети се одлагаат за да нашите предмети бидат на брза лента, туку во случајот на Зоран Заев се закажуваат на месец и пол, на два, некогаш и подолго и завршуваат за 15-тина минути“, рече Груевски.

Премиерот Зоран Заев, пак, кој е обвинет во случајот Поткуп, има тројца адвокати. Со оглед дека нему за ова дело му се заканува затворска казна од над 5 години, и доаѓањето на неговите адвокати во суд чини по 9 илјади денари, плус 20 отсто за секој час во судница, 30 отсто паушал и 18 отсто ДДВ. Еден од неговите адвокати е од Струмица, па нему му следуваат и патни трошоци за доаѓањето во Скопје во иста сума која ја добиваат пратениците. Тоа значи дека ако дојдат сите тројца адвокати, за секој ден на суд Заев треба да плати по околу 1000 евра. Сепак, неговите рочишта не се закажуваат толку често.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG