Достапни линкови

Неефикасност, изговори или пазарења ги кочат рочиштата на СЈО?


Поранешниот премиер Никола Груевски на судење за случајот „Тенк“.
Поранешниот премиер Никола Груевски на судење за случајот „Тенк“.

Се користат најразлични аргументи за одолговлекување на постапките на СЈО. Од една страна правниот систем не функционира, тука се и опструкциите, а може да има и спогодувања, велат познавачи. Сето тоа доведува до намален ентузијазам и недоверба дека виновниците некогаш ќе се казнат.

СЈО има набиена агенда од почетокот на годината, но за докажување на правдата е потребно време. И понатаму има одложување на рочишта, користење на изговори во постапките, сочни изјави на обвинетите, а јавноста чека на правна разврска. Неделава актуелни се рочиштата за случајот Тенк на СЈО за набавката на мерцедесот од речиси 600 илјади евра. Обвинетите бараа да ги добијат прислушуваните метеријали кои ќе се користат во овој предмет во аудио форма, но Судот ги одби. Одбиен е и приговорот со кој одбраната ги спори вештачењата на мерцедесот.

Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, вели дека сите процеси кои произлегоа од прислушуваните разговори, а за кои јавноста очекува пресуди се одвиваат бавно, се прават злоупотреби преку користење изговори во постапките, се менуваат судски состави, се менуваат судии, а сето тоа го отвара прашања - Дали судството си ја врши функцијата,

„Се чека сите странки во еден предмет да бидат присутни, па еден е болен, па следниот пат некој патува, па некој сака да настапи на концерти и какви ли се аргументи не се изнаоѓаат од страна на одбраната и нивните клиенти за да се одложат роковите. Судството со сето тоа поприма елементи на неефикасност“, вели Ивановски.

Тој вели дека од една страна судството е неефикасно, од друга страна СЈО функционираше со опструкции и некои како уште да чекаат да им престане мандатот, а, како што вели, се наоѓаме и во фаза на божемни судски реформи: Можеби има и некое пазарење, вели Ивановски.

Пазарење во смисла да нема одговорност за сторениот криминал, односно сите луѓе за коишто во добар дел во овие предмет се опсервира има очекувања дека некој ќе изврши притисок евентуално да ја симнат својата одговорност, дали тоа ќе биде со некаква злоупотреба на аболиции, амнестии или некои други спогодувања и пазарења, но ова не му оди во прилог на општеството“, вели Ивановски.

Тој додава дека ако нема одговорност, уште повеќе ќе се продлабочи корупцијата и криминалот уште повеќе ќе цвета.

За тоа на „М“, како што го нарекуваше тогашниот премиер Никола Груевски, обвинети се Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. И во овој случај таканаречените бомби може да се користат како доказ. Груевски е обвинет дека ги искористил влијанието и службената положба и побарал од Јанкулоска, Министерството да купи ново блиндирано возило „мерцедес“. Јанкулоска, пак, го поттикнала Поповски да ја злоупотреби службената положба и овластувањето за да го набави автомобилот. Возилото од министерството требало да се даде на користење и на Груевски кој сакал да користи, но за тоа не сакал во јавноста да се дознае.

По објавените прислушувани разговори, мерцедесот уште неколкупати беше во центарот на вниманието на јавноста. Тогаш опозициската СДСМ велеше дека власта тие пари требало да ги потроши за народот. Откако дојдоа на власт соопштија дека нема да го продаваат, туку ќе служи за превоз на странски делегации. Претседателот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, пред локалните избори рече дека ќе го продадат мерцедесот и со тие пари ќе купат амбулантни возила. Претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го извади од гаражите и го покажа извалканото возило, за кое рече дека е набавено во услови кога некои граѓани немале за леб, а и полицијата немала за опрема и за други услови за работа.

Последно на темата мерцедес е одлуката на Владата да го стави на аукција, преку системот за преку за јавно наддавање со кој управува и оперира Министерството за финансии. Во соопштението се наведува дека почетната проценета вредност на овој автомобил, согласно проценката на Бирото за судски вештачења, изнесува 230.000 евра, што е за речиси 400 илјади евра помалку од цената по која е купен автомобилот.

На 24 јануари минатата година СЈО на прес конференција најави дека отвара истражна постапка за набавката на мерцедесот и случајот го нарече Тенк. На 29 ноември 2017 Советот за утврдување на обвинителни акти го прифати обвинението на Специјалното јавно обвинителство за предметот „Тенк“. А оттогаш беа закажани неколку рочишта, меѓу кои три неделава.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека се гледа оти ентузијазмот и очекувањата спласнаа во последните месеци, бидејќи реформите во судството не се спроведени до крај и нема ефикасно процесуирање на случаите кои произлегоа од прислушуваните разговори. Сега приоритетни се некои други теми, па јавноста и како да не очекува правна држава, вели Незири.

„Не гледам дека во јавноста обвинителките од СЈО се толку присутни, не гледам дека нивната активност во правец на активност за откривање и гонење на организиран криминал и корупција зафаќаат место во медиумите, напротив има тенденција нивната работа да биде опсервирана од жолтиот печат, да пишуваат за чантата или за капутот на Фатиме Фетаи“, вели Незири.

Ваквиот развој на работите е пораз за процесот за враќање на правната држава, додава тој.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG