Достапни линкови

Очекувана лоша кохабитација меѓу Иванов и Владата


Архивска фотографија- Владата на премиерот Зоран Заев на прием кај претседателот Ѓорге Иванов по изборот, 01.06.2017

Последниве недели преку Законот за употреба на јазиците, разговорите за името и протерувањето на рускиот дипломат, на површина излегоа несогласувањата меѓу Владата и Претседателот. Аналитичарите велат дека тоа е очекувано, земајќи ги предвид претходните релации.

Очекувана беше лошата кохабитација меѓу претседателот Ѓорге Иванов и Владата предводена од Зоран Заев, ако се земат предвид претходните потези, кои сериозно ја разнишаа довербата меѓу двете страни, коментираат експертите.

Но, слабата соработка за крупни прашања дојде до израз особено последниве десетина дена. Прво, од Кабинетот на претседателот реагираа дека тој не бил информиран, ниту вклучен во формулирањето на нацрт-договор што Скопје го испрати до Атина за името, а не бил запознаен и со оној кој стигна од таму во Македонија.

Сега, реакција на несогласување има и за одлуката за протерување на рускиот дипломат, па претседателот преку неговиот Кабинет соопшти оти смета дека таа е избрзана и повика на воздржаност.

По давањето на мандатот и гаранциите што ги даде тогаш Заев како мандатар се очекуваше помирна соработка и тоа релативно и беше така, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Но со донесувањето на Законот за употреба на јазиците, кој претседателот одби да го потпише, односите повторно се заострија, додава тој.

„Ако се земат предвид залагањата на Владата во планот 3-6-9 за вклученост на претседателот во сите процеси од државен интерес за Република Македонија, тоа со последните неколку постапки не се покажа“, вели Трошановски.

Односите меѓу Иванов како претседател и Заев како опозиционер, беа неколкупати бурни, особено по одлуката на шефот на државата за аболиција на осомничените од Специјалното јавно обвинителство по што се појави и Шарената револуција. Потоа следуваа недавањето на мандатот за состав на нова влада и барањето дополнителни услови, па настаните на 27 април во Собранието.

Според Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи, за добра кохабитација потребни се двете страни. Тој вината за ваквата состојба ја гледа кај претседателот.

Мислам дека ова е повеќе терање политика отколку извршување на ингеренциите што ги има претседателот. На пример во случајот со рускиот дипломат, изјавите на министерот се дека тој ги надминал своите овластувања и тука нема што да се внимава и да се воздржува“, вели Муслиу.

Тој додава дека владини претставници досега повеќепати кажале дека претседателот е информиран за текот на разговорите за името, а и дека самиот преговарач Васко Наумовски е поставен од него.

Наумовски, кој е амбасадор на Македонија во САД, сега не е конкретно вклучен во разговорите, бидејќи нив ги водат министрите за надворешни работи. По средбата со посредникот Метју Нимиц во јануари, тој без да се консултира со Владата излезе и оцени дека предлозите на Нимиц се далеку од достоинствено решение, што ги остави затечени владините претставници.

Нова можност за несогласување меѓу двете страни е назначувањето на нов гувернер на Народната банка. Мандатот на актуелниот Димитар Богов истекува за околу еден месец, а според ингеренциите претседателот го предлага гувернерот, кој потоа го именува Собранието, што упатува повторно на неопходна соработка со мнозинството.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG