Достапни линкови

Македонија не сака слеано име, Грција бара промена на Уставот


Прес-конференција на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров во Скопје - 23Mar2018
Прес-конференција на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коѕијас и Никола Димитров во Скопје - 23Mar2018

Македонија ја отфрла идејата за слеано и непреведено име, a Грција инсистира на промена на Уставот. Ова се дел од поентите на шефовите на дипломатиите на двете земји, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Скопје.

Има многу аргументи зошто не е добро решението на спорот за името да биде напишано слеано, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров, по средбата со грчкиот колега Никос Коѕијас, кој е во дводневна посета на Македонија. Димитров вели дека би било тешко да му се каже на македонскиот народ дека такво име е прифатливо и оти и во привремената референца – поранешна југословенска Република Македонија, се содржи името на земјата и тоа се преведува на официјалните јазици во ОН.

„Не може да се каже дека сложено име со некаква одредница, која што го содржи зборот Македонија, малку е тешко да се аргументира дека тоа е, ако имаме еден збор. Може ако се каже набрзина може и да се подизгуби, да не звучи како Македонија. Мислам дека тоа е тежок аргумент. И јас можам многу аргументи да најдам да објаснам зошто тоа веројатно не е најдобриот правец“, рече Димитров.

Според него, со филигранска прецизност се работи на овој процес, за да произлезе нешто добро за двете страни. Како што рече, ова е втора вистинска средба за името на која се разговарало за суштинските елементи, а по средбата со Нимиц следната недела, ако има потреба ќе се видат пак.

Со филигранска прецизност до решение за името
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:28 0:00

Двајцата министри се изјаснија дека е потребно решение кое ќе биде достоинствено и чесно за сите и не само што ќе ги решава проблемите од минатото, туку ќе придонесе и за подобра иднина.

Коѕијас вели дека како политичари се должни да ги решаваат проблемите земајќи примери од реалниот живот, а во реалниот живот граѓаните на двете земји имаат добри односи. Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека нацрт- договорите што си ги разменија двете земји се само разјаснување на позициите, а крајниот збор ќе го има медијаторот Метју Нимиц со кого се среќаваат за една недела во Виена.

Во однос на тоа зошто Грција инсистира на промена на Уставот на Македонија, грчкиот министер вели дека на тоа ги натерало искуството од ЕУ, кога се покажало дека одлуките на некои уставни судови биле над европското и меѓународното право.

И ние во Грција правиме разни уставни промени, тоа не е нешто страшно. Законите, уставите, менталитетот со текот на времето се менуваат. Морална промена е таа што ќе ги задоволни двете страни, не зборувам за екстремистите во двете земји, зборувам за тие што размислуваат за една заедничка иднина. Не бараме едната страна да се уништи, а другата да се радува“, вели Коѕијас.

Заев - Коѕијас: Потребна е одлучност и чекори кои водат поблиску до решение

Иднината на Македонија и Грција треба да биде во фокусот на преговорите на двете земји за решавање на спорот за името, му порача денеска премиерот Зоран Заев на грчкиот министер за надворешни работи Коѕијас. Како што се наведува во владиното соопштение испратено по средбата, Заев рекол дека треба да се одлучни и да прават чекори кои водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу двете земји.

„Уверен сум дека овој пристап ќе доведе до решение кое ќе им даде доволно прифатливи аргументи на институциите во двете земји, како и на опозицијата, да прифатат дека тоа ќе биде достоинствено и за Република Македонија и за Република Грција“, нагласи Заев на средбата со Коѕијас.

Заев, кој на средбата беше придружуван од министерот за надворешни работи Димитров, истакна дека и оваа средба го зазема своето место како значајна во разговорите за проблемот што Република Грција го има со уставното име на Македонија.

Додаде дека таа се совпаѓа со еден исклучително позитивен момент кога се очекуваат трајни решенија за билатералните прашања во регионот во перспектива на очекувањата на ЕУ.

Заев, се наведува во соопштението, нагласил дека и двете земји за време на процесот практикуваат и негуваат една заедничка, европска вредност, а тоа е взаемното градење на подобри билатерални односи и релации на доверба.

„Останува и понатаму да ги усовршуваме билатералните односи, да ги негуваме и да ги направиме уште подобри откако прашање за името ќе биде решено, бидејќи граѓаните во нашите земји, нашите пријатели во ЕУ и меѓународната заедница, очекуваат решение на ова прашање“, додаде Заев.

Коѕијас потенцираше дека сегашноста и иднината бараат одговорност за решение на отвореното прашање. Тој истакна дека Грција, како земја членка во НАТО и ЕУ со најстара демократска традиција во регионот, има голема одговорност за решавање на ова прашање и дека мора да се најде компромис прифатлив за двете страни.

Мицкоски: Решението да ги запазува државните и национални интереси

Решението за кое преговара македонската влада треба да ги запазува државните и националните интереси, истакнал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на попладневната средба со Коѕијас.

Како што соопшти опозициската партија, Мицкоски истакнал дека ВМРО-ДПМНЕ е за развивање на добрососедски односи, базирани на искрено пријателство и меѓусебно почитување.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски посочи дека Република Македонија мора да продолжи со својата евроатланска агенда и процесот да биде одблокиран. Тоа ќе придонесе и за интеграција и стабилизирање на регионот преку засилена соработка во рамките на глобалните структури кон кои тежнее Република Македонија и природно припаѓа“, се наведува во партиското соопштение.

На средбата, како што пишува, Мицкоски ги афирмирал официјалните ставови и позиции на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со спорт за името.

„Oд ВМРО-ДПМНЕ беше изразена загриженост за одредени чекори во грчкото општество кои иритираат и поттикнуваат негативи чувства кон Република Македонија и истите не се од помош на целокупниот процес“, се наведува во соопштението.

Ахмети не се согласува со името Славомакедонија

Претседателот на ДУИ Али Ахмети по средбата со министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас денеска рече дека биле споделени заедничките ставови дека Западен Балкан треба да живее во мир и стабилност и дека овие земји имаат ист интерес, а тоа е напредок и влегување во ЕУ и НАТО.

„Нашите ставови беа јавни, ние не се согласуваме името Славомакедонија да биде решение во преговорите со Грција. Јас лично не сум дел од преговарачкиот тим, но прифатливо решение е она со кое двете страни ќе бидат задоволни“, рече Ахмети.

Тој додаде дека кај Коѕијас забележал добра волја за решавање на спорот за името, со што се потврдила изјавата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг дадена при неговата посета пред неколку месеци дека во НАТО има место и за знамето на оваа држава.

Покрај со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и другите владини претставници, Коѕијас се сретна и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи.

Џафери, како што се наведува во соопштението од собраниските служби, ги охрабрил министрите во нивните идни чекори за изнаоѓање на решение и ја искажал подготвеноста на Собранието да го поддржи таквото решение.

Османи, пак, на средбата со Коѕијас оценил дека има голем напредок во комуникацијата меѓу Македонија и Грција.

Додека грчкиот министер е во, како што вели, посета на северна пријателска земја, граѓани протестираат против промена на името и против преговори меѓу двете земји.

Разговори Димитров и Коѕијас - пред МНР протест
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:52 0:00

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG