Достапни линкови

Заев: Јавноста да ја види целосната снимка за да ми се врати честа


Премиерот Зоран Заев пред Основниот суд Скопје 1
Премиерот Зоран Заев пред Основниот суд Скопје 1

Скопскиот кривичен суд прифати јавноста да ги следи доказите од предистражните мерки во случајот „Поткуп“, каде е обвинет премиерот Зоран Заев за мито. Но, судењето беше одложено поради техничката неопременост на судницата.

Судот го прифати барањето на одбраната за јавноста да биде присутна при презентација на видео и аудио материјалите добиени со предистражните мерки. По ова, судењето се одложи, бидејќи судницата каде денеска се одржа рочиште, не беше технички опремена.

„Имајќи ја предвид јавната функција која ја извршувам како претседател на Владата, знаејќи целата јавност дека снимките се објавени во прекини и нецелосно, би сакал да го замолам судот да биде вклучена и јавноста за да ми се врати дел од изгубената чест и углед“, побара премиерот Зоран Заев пред судот.

Неговиот бранител истакна дека видео снимката објавена на Јутуб е злоупотребена за да се претстави лажна слика за премиерот Заев. Од обвинителството, пак, не се согласија со ова барање, истакнувајќи дека доказите прибрани со предистражните мерки се со ограничена употреба, односно само за судски постапки. Но, и покрај тоа, судот одлучи јавноста да присуствува при презентирање на овие материјали.

Ниту на ова, како и на претходното рочиште, не се појави струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев, кој е сведок во случајот.

Претходно, Заев истакна дека со разгледувањето на доказите јавноста ќе види дека станува збор за организирање донација за изградба на Соборен храм во Струмица. Тој на последното рочише изрази уверување дека преку снимката која не била целосно прикажана во јавноста ќе се види дека тој немал намера да прими поткуп. Според обвинителниот акт, премиерот се товари дека барал околу 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен за легализација на градежно земјиште додека беше градоначалник на општина Струмица.

Инаку, одговарајќи на новинарски прашања, премиерот Заев рече дека сака решение за проблемот за името со Грција до летото.

„Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но исчекор да се направи како би се приближувале заради тоа што и деновите и месеците се трошат, одминуваат, а ние сакаме до летото да биде решен овој проблем, гледам дека и грчката страна сака овој проблем да биде решен“, изјави премиерот Заев.

Заев верува дека е можен исчекор во спорот со името
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Исто така, тој апелираше и да се имплементира Законот за употреба на јазиците за да се увери јавноста дека не е проблематичен.

„Она што е важно и треба да го сфатат сите, ние сме мултиетничка земја. Многу е лесно да го посеете семето на национализмот во мултиетничка земја, прашањето е како да изградите општество во коешто секој ќе се чувствува рамноправен. Апелирам, нека се пушти законот, нека заживее, нека го види светлото на денот и ќе видат сите дека не е болка за умирање“, рече Заев.

Тој дополни и дека нема да има огромни промени, дека се лаже кога се вели дека некој во источна Македонија ќе биде казнет ако не знае албански јазик и дека може да донесе само придобивки за општеството.

XS
SM
MD
LG