Достапни линкови

Случај „Поткуп“ - серијал без почеток


Изјава на лидерот на СДСМ Зоран Заев по одложувањето на судското рочиште за

Повеќе од една година Судот не може да го стартува судското рочиште за предметот „Поткуп“ во кој е осомничен лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Последен проблем зошто не стартува судењето е што одбраната добила листа на докази, но не и докази, па денеска во Судот се пожали дека цела година бара од Основното јавно обвинителство да им ги достави доказите врз кои се темели обвинението против Заев, за да можат да подготват стратегија со која ќе настапат на суд. Токму ова и беше денешната причина за повторното одложување на рочиштето. Станува збор за двесте страници писмени докази и транскрипти од аудио и видео снимки кои се добиени со тајно снимање како дел од посебните истражни мерки.

Според она што можеше да се слушне во судницата денеска, спорни се два сегмента, првиот е недоставувањето на доказите на одбраната , а вториот е конкретен доказ односно наредбата за следење на Заев, која не ја издало Основното јавно обвинителство и која не спаѓа во листата на докази.

Одбраната се сомнева дека доказите се незаконски прибавени и дека обвинителството намерно не им ги доставува.

Заев во изјава за медиумите посочи дека неговата одбрана ги бара наредбите за следење уште додека предметот бил во истражна постапка и откако е покренато обвинението за да ја увидат законитоста на посебните истражни мерки и телефонско прислушување на двата телефонски броеви.

„Во другите случаи, на пример во „Пуч“ тоа ни беше овозможено. Тоа е право на одбраната да има свој увид. Во овој случај тоа не е овозможено, ние искрено се сомневаме во незаконитоста на постапката, на обезбедувањето на посебните истражни мерки, имајќи во предвид дека државното Јавно обвинителство токму овие прислушкувани разговори си ги разгледува секојдневно, си создава нови предмети, си шири нови истраги, си отвора нови предистражни постапки, сосема различни од оваа. Сето ова ни индицира сериозно сомневање за законитоста во постапката на посебните истражни мерки коишто се составен дел од самото темелење на докази за обвинението, кадешто се работи точно за следење на моите телефонски разговори“, изјави Заев.

Во судницата јавниот обвинител Владимир Милошески од Одделот за организиран криминал, чиј мандат во меѓувреме е продолжен и останува на овој предмет, појасни дека не може да го исполни барањето на одбраната, затоа што доказите не се повеќе во Обвинителството, туку се наоѓаат во Судот.

„Доказите им се дадени на увид на одбраната и во прилог е заведен и посебен извештај во кој е наведено по кој закон и по која наредба е постапено за доаѓање до доказите. Но таа наредба не може да ја добие одбраната затоа што не е доказ во предметот по кој се темели обвинението и ОЈО не е изготвувач на наредбата“, истакна Милошески.

Наумов на ваквиот коментар рече дека Јавното обвинителство го мести овој предмет и се обиде да цитира дел од извештајот на Стејт Департментот, но судијката Дијана Илиевски Груевска не го дозволи тоа.

Истрагата за овој предмет ја најави Заев во еден од своите говори во март 2015 во Универзалната сала каде беа објавени и дел од таканаречените бомби.

Првото рочиште за случајот „Поткуп“ беше закажано за 25 јануари минатата година, а оттогаш имаше речиси десетина одложувања за старт на процесот.

Според Обвинителството, Заев во својство на градоначалник на Општина Струмица од струмичкиот бизнисмен побарал поткуп од 160 илјади евра, за градежно земјиште во Струмица. Следното рочиште е закажано за 4 мај.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG