Достапни линкови

Нема кворум за времен наследник на Зврлевски


Петар Аневски, Претседател на Советот на јавни обвинители
Петар Аневски, Претседател на Советот на јавни обвинители

Одложена е седницата на која требаше да се избере времен наследник на Зврлевски. Постапката пак, за избор на нов обвинител ќе се одолговлечи по локалните избори, со оглед дека се поклопува со кампањата. На сето ова претходеше маратонско разрешување на Зврлевски.

Кој обвинител времено ќе го менува разрешниот Марко Зврлевски најверојатно ќе се знае во вторник (29 август), оти е одложена денешната седница на Советот на јавни обвинители. Претседателот на Советот, Петар Аневски, рече дека немало кворум за оваа седница. Советот треба да определи обвинител кој времено ќе биде на местото на разрешниот Марко Зврлевски, се додека не се избере нов јавен обвинител. Аневски вели дека за таа функција ќе изберат човек кој доаѓа од редовите на обвинители од Републичкото јавно обвинителство.

„Има кандидати, веројатно, седум - осум има сега. На поголем дел од обвинителите во Републичкото обвинителство им мирува функцијата, знаете Јован Илиевски е во Меѓународниот суд, потоа Гордана Гешковска е во Основното јавно обвинителство, во Советот на јавни обвинители е обвинителот Љубомир Јовевски, обвинителот Марко Зврлевски е веќе разрешен. Од тие постојните обвинители ќе определиме јавен обвинител кој ќе ја врши таа функција. Во Републичко обвинителство имаме доволен број на кандидати кои ќе можат да ја вршат таа функција“, рече Аневски.

Во меѓувреме разрешениот државен обвинител Марко Зврлевски го менува Лилјана Спасовска, која го менува државниот обвинител во случај на спреченост или отсуство. До изборот на вршител на должноста таа има целосни ингеренции за спроведување на работни задачи.

Владата во вторникот(22 август) му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител. Собранието по предлог на Владата го огласува именувањето на јавниот обвинител во Службен весник и во најмалку два дневни весника, по што заинтересираните кандидати имаат рок за пријавување од 15 дена од објавување на огласот. Советот на јавни обвинители има рок од 15 дена да се изјасни за пријавени кандидати. По што Владата ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот и треба да донесе одлука за еден од кандидатите. Одлуката на Владата потоа оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.

Со оглед дека временската рамка од оваа постапка се поклопува со кампањата за локалните избори, се очекува конечната одлука од Владата да пристигне во Собранието по одржувањето на изборите.

Постапката на разрешување за досегашниот обвинител Марко Зврлевски беше одолговлекувана од пратениците од опозицијата. Според нив постапката за негово решение била целосно незаконска. Тие се повикуваат на потврдата од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), според која не можат да се разрешуваат и именуваат носители на јавни функции откако се распишани изборите. Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека единствен надлежен за автентичнио толкување е Собранието, односно Законодавно правната комисија. За владејачката СДСМ разрешувањето на Зврлевски е прв чекор кон независно судство.

Власта го обвини Зврлевски за нестручно и несовесно работење, за непостапување и за постапување спротивно на законот. Тие ги наведуваат случаите Македонска банка, случајот со Аква, протекувањето на снимките во медиумите за ПИ мерките од кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски, укинувањето на притворот за Сеад Кочан и за непостапување за крвавите настани во Собранието од 27 април, како и за кривичните прогони и истраги насочени кон неистомисленици на Груевски, кривично гонење во однос на изборни измами насочени само кон општините каде што градоначалниците беа од редот на тогашната опозиција.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, повикувајќи се на извештаите за работата на Јавното обвинителство од Советот на јавни обвинители од претходните неколку години, смета дека Зврлевски ја извршувал работата чесно, совесно и професионално. Тие сметаат дека неговата смена е партиски реваншизам и оти премиерот Зоран Заев го менува за да се спаси од обвинението за Поткуп, за кое е на суд.

Зврлевски, во своја одбрана рече дека со мирна совест може да каже дека работел одговорно и совесно, само врз основа на законот, Уставот и правилата во Јавното обвинителство.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG