Достапни линкови

Конструиран Поткуп за да се спречат „бомбите“?


Премиерот Зоран Заев пред Основен суд Скопје 1, на судење за случајот „Поткуп“.

Премиерот Зоран Заев на рочиштето за случајот „Поткуп“ изјави дека обвинението било конструирано за да биде спречен политички да дејствува додека беше лидер на опозицијата. Заев изјави дека преку снимката која не била целосно прикажана ќе се докаже дека тој немал намера да прими поткуп.

Не се чувствувам виновен и убеден сум дека во судската постапка ќе се разобличи обвинението конструирано против мене во периодот кога како лидер на опозицијата се обидував да се спротивставам на политиките на претходната власт, изјави премиерот Зоран Заев на судењето за случајот „Поткуп“, кое почна денеска по повеќе одложувања.

Тој пред Судот изјави дека обвинението е конструирано со злобни намери со цел да биде спречен за политичко дејствување. Според него, постои целосно осмислена акција преку таен агент во организација на МВР и лица од Јавното обвинителство да се постигне целта, а тоа е лидерот на опозицијата да престане со проектот на т.н политички бомби. Заев очекува со разгледувањето на доказите јавноста да види дека станува збор за организирање донација за изградба на Соборен храм во Струмица и за повици на Заев упатени до бизнисмените доброволно да издвојат пари за изградба на верскиот објект, што било прифатено од нив како и од семејството на Заев кое донирало 50 илјади евра за црквата. Заев изрази уверување дека преку снимката која не била целосно прикажана во јавноста ќе се види дека тој немал намера да прими поткуп од струмичкиот бизнисмен во висина од 160 илјади евра, како што се товари во обвинението. Тој побара и што е можно побргу да се закажуваат судските рочишта.

Јас го квалификувам како политички процес уште на самиот почеток. За мене ова е одлична можност дa се докаже правдата, ќе го разобличиме обвинението кое вака се конструира кога Заев го води процесот со т.н бомби за да биде спречен зашто постоеше решителност за разобличување на криминалот и спрегите на власта со обвинителството“, изјави Заев.

Инаку, претходно Судот денеска ја прифати како доказ снимката објавена на Јутјуб во случајот „Поткуп“. Судијата Дарко Тодоровски го одби барањето на одбраната на Заев да бидат отфрлени ПИ-мерките и посочи дека снимката била прибавена на законит начин и може да се користи како доказ во случајот.

„Ние веројатно во постапката ќе побараме снимката јавно да се објави. Право е на Судот. Јас сакам граѓаните конечно да ја видат целата снимка и со двата прекини за кои бев јавно шиканиран. Продолжуваме со процесот, ова останува дел од доказите, верувам дека може да биде добар дел во тргање на обидите на власта да го извалка моето лице“, рече Заев.

Струмички бизнисмен, кој во предметот е сведок, бил запознаен дека станува збор за донација за црква, а не за поткуп и со ова, како што рече Заев, тој сакал да создаде лажна слика дека градоначалникот бара подарок за себе.

Претходно одбраната тврдеше дека Заев немал причина да прими поткуп и дека тој не примил ниту едно евро од струмичкиот бизнисмен кој од него како градоначалник барал легализација на градежно земјиште, ниту пак тој дал пари за изградба на црква. Одбраната исто така тврдеше дека земјиштето не било незаконски легализирано од општината во Струмица.

Обвинителот кој го изнесе обвинението, пак, рече дека ќе ја докаже вината на Заев.

Во „Поткуп“ Заев се товари дека барал околу 160 илјади евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.

Струмичкиот бизнисмен не се појави во Судот, а новото рочиште е закажано за 19 и 26 март со прегледување на доказите.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG