Достапни линкови

Зврлевски, за владата нестручен, за ВМРО-ДПМНЕ без вина


Јавниот обвинител Марко Зврлевски на собраниска седница за негово разрешување, 12.07.2017.

Со препукувања, најмногу меѓу пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Собранието Талат Џафери за процедурата, се одвива седницата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски. За власта тој работел нестручно, за опозицијата не биле понудени докази за таквите тврдења.

Владата му забележува за предметите што не ги отворил и не ги доработил професионално, опозицијата, пак, го брани со тоа дека владата сакала да го разреши поради тоа што го преземал предметот „Поткуп“ во кој беше осомничен поранешниот струмички градоначалник, а сегашен премиер Зоран Заев.

Со одолжување, пауза по барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, меѓусебни препукувања поради деловничките процедури почна седницата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Заменик министерот за правда Оливер Ристовски во образложението за разрешувањето на обвинителот наведе неколку случаи, во кои според владата, тој бил инволвиран со непостапување или постапување спротивно на законот.

Ристовски во тој контекст ги спомена случаите Македонска банка, Актор, барањето за заштита на законитоста во случајот на СЈО во кој е обвинет Сеад Кочан, потоа постапувањето за настаните од 27 април во Собранието.

„Марко Зврлевски како републички јавен обвинител потфрли во името на својот партиски старешина и неговата фамилија и наместо без пардон во духот на правдата да се грижи за човековите права и слободи го претставуваше јавното обвинителство со молчење, односно непреземање никакви дејствија против криминалот во врвот на ВМРО-ДПМНЕ“ рече Ристовски.

Не е точно дека јавниот обвинител работел нестручно, а процесот е политички мотивиран, реплицираа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Тие забележуваат дека образложението на заменик министерот било кратко, партиско, без никакви докази за нестручност и недоволно за разрешување на јавен обвинител.

„Неговата најголема вина и нестручност во наводници е што стручно го фатил градоначалникот на Струмица во барање на поткуп “ рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

Откако претседателот на Собранието Талат Џафери влезе во расправа со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски дали прво пратениците да имаат право на реплика, или да се изјасни јавниот обвинител, самиот Зврлевски од собраниската говорница кратко рече дека тој би сакал прво да ги ислуша сите реплики и контрареплики.

„По моја логика секоја реплика и контрареплика ќе биде дел од експозето на претставникот на владата против мене, јас сакам да го слушнам одговорот на претставникот на владата, па потоа да го дадам своето експозе“ рече Зврлевски.

Инаку речиси сите јавни обвинители во независна Македонија се разрешувани кога дошла нова владејачка гарнитура. По само еден месец откога првпат дојде на власт во 2006 година, владата на премиерот Никола Груевски поведе постапка пред Собранието за разрешување на тогашниот обвинител Александар Прчевски. Истото се случуваше и во 2002 година, кога власта од ВМРО-ДПМНЕ ја презема СДСМ па беше разрешен и тогашниот јавен обвинител Ставре Џиков.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG