Достапни линкови

Може ли да се донесе Законот за јазици без разгледување на амандманите?


Зоран Заев во Собрание на седница за пратенички прашања
Зоран Заев во Собрание на седница за пратенички прашања

Претседателот на Собранието им дал една недела на политичките партии да најдат решение за Законот за јазиците. И покрај несогласувањето околу решението за амандманите, вледејачката коалиција не е загрозена, велат експертите.

По продолжението на седницата на која требаше да се расправа за Законот за јазици, нема договор во однос на проблемот со над 35 илјади амандмани поднесени од опозицијата, а претседателот на Собранието Талат Џафери им дал една недела на политичките партии да најдат решение, затоа што можностите што тој ги имал како претседател се исцрпени.

Партиски извори од СДСМ велат дека работни групи на политичките партии ќе работат за наоѓање решение и додаваат дека поради одложување на решението за Законот за јазиците засега е извесно дека до крајот на неделата нема да има пленарни седници во Собранието.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека Законот за јазици во следните денови ќе биде усвоен и оти од процесот нема враќање. Прашање се само финалните координации со политичките партии, на кој начин и во каква форма ќе биде усвоен законот, рече Османи.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за медиумите изјави дека на седницата не дошло до решение поради немање доволно гласови за да продолжи постапката зашто некои од пратениците на СДСМ се изјасниле дека нема да гласаат за законот. И покрај несогласувањата околу решението за над 35 илјади амандмани, Џафери рече дека владејачката коалиција не е загрозена и ќе продолжат сите процеси кои парламентарното мнозинство ги има во Собранието, а од кои зависи и функционирањето и поддршката за самата Влада на премиерот Зоран Заев.

Партиски извори од СДСМ велат дека му даваат шанси на дијалогот со цел наоѓање решение за проблемот со илјадниците амандмани и оти сакаат ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера посочија дека било побарано да ги повлечат амандмани и оти тие одбиле, и дополнија дека проблемот за непочнување на седницата настанал помеѓу ДУИ и СДСМ зашто немало договор дали седницата да започне со амандманите или таа точка да се прескокне и да се гласа и за останатите закони.

Пратениците од СДСМ рекоа дека сакаат решение кое ќе биде деловничко, односно да се отвори дебата за амандманите, а не онака како што предложиле од ДУИ. Џафери за медиумите објасни дека е подготвен да закаже уште една седница на која директно ќе се гласа за донесување на Законот за употреба на јазиците без притоа да се прифати разгледување на 35-те илјади амандмани кои опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе, а ВМРО-ДПМНЕ ќе има право на процедурална забелешка. Тој предупреди дека Собранието не смее да биде заложник за никого.

Поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, вели дека треба да се постапи во согласност со Деловникот и дополнува дека може да се направи селекција на амандманите по пат на разумен договор меѓу политичките партии и со тоа во што покус рок проблемот да се надмине.

„Доколку се оди на варијанта да се почитува наводно Уставот и да не се оди на повторен претрес за Законот за јазиците туку само на гласање ќе се прекрши деловникот. Јас мислам деловнички треба да се постапи. Многу се амандмани, но ако се направи договор кој нема да се сфати како опструкција, туку разумен договор, би било добро за државата“, изјави Петковски.

И покрај несогласувањата околу решението за над 35 илјади амандмани, Петковски не очекува дека владејачката коалиција може да биде загрозена.

„Дали ова може да доведе до криза меѓу коалициските партнери, не верувам. Не само домашната, туку и меѓународната заедница знае дека овој закон не е на европската агенда, па да се бара поддршка, туку ова е пред сè приоритет за ДУИ која е разнишана по изборите и бара начин како повторно да си го врати кредибилитетот меѓу електоратот кај Албанците“, вели Петковски.

Аналитичарот Арсим Синани вели дека треба да дојде до решение за Законот за јазиците со кој се унапредува употребата на албанскиот јазик и оти тоа ќе биде добар знак дека Македонија продолжува по интегративниот пат кон ЕУ и НАТО.

„Тоа треба да се реши зашто е добар знак дека Албанците и Македонците ќе се почитуваат меѓу себе и е добар знак дека Македонија оди натаму кон стремежите кон ЕУ и НАТО. Нема да влијае врз владината коалиција бидејки законот ќе помине во Парламентот. Тоа што може да се случи најлошо за ВМРО-ДПМНЕ е јазикот да помине и тие да протестираат по улици и тоа е граѓанско право, но владините институции ќе го решат тоа и коалицијата ќе оди понатаму“, вели Синани.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG