Достапни линкови

Скопје и Атина меѓу дискрецијата и разногласието


Архивска фототографија- Министрите за надворешни работи со посредникот во спорот Метју Нимиц

Засега нема конкретен датум за посетата на министерот за надворешни работи на Грција на Македонија, ниту за средбата со посредникот Метју Нимиц која се очекува по доаѓањето на Никос Коѕијас во Скопје. Аналитичарите во последните изјави на политичарите не гледаат оддалечување на позициите.

Новата средба на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција со посредникот во спорот за името Метју Нимиц, неофицијално според дипломатски извори, би се одржала по доаѓањето на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас во Скопје. Но и датумот на неговото пристигнување се уште не е прецизиран, а очекувањата се дека тој најверојатно идната недела ќе пристигне во Македонија со нацрт-договорот кој го подготви.

Последната средба на министрите Никола Димитров и Коѕијас со Нимиц беше пред повеќе од две недели во Виена, а премиерот Зоран Заев најави дека откако ќе се извлече, како што кажа, сублимат од состанокот во австрискиот главен град веднаш ќе се закаже следна средба за преговорите.

Но, во меѓувреме почнаа зачестени изјави од високи претставници на официјални Скопје и Атина, кои за дел од јавноста изгледаат како оддалечување на позициите, впечаток кој не го дели Ана Чупеска Станишкоска од Правниот факултет Јустинијан Први.

Се очекува и нацрт спогодбата на Коѕијас во која веројатно учествувала и македонската страна, па не може да се зборува за разидување на двете страни, додава таа, нагласувајќи дека на изјавите на грчката страна гледа со поголема резерва.

Во владата на Ципрас е поголемо разногласието но уште повеќе и со грчката опозиција, а во поглед на самото име тие може да си дозволат поголема доза на популузам од нашата влада. Од друга страна кај нас и опозицијата и власта се доста повоздржани и дискретни за какви било квалитативни одредници поврзани со самите преговори“ вели Чупеска Станишкоска.

Заев деновиве во неколку интервјуа за странски медиуми рече дека е прифатливо име со географска одредница, дека не постои разговор за идентитетот, туку дека постои параграф за државјанството, дека нема промена на Уставот, а ја отфрли можноста новото сложено име да не биде преведено.

Неговиот грчки колега Алексис Ципрас, пак, повтори- името за кое што ќе се договориме ќе треба истовремено да биде и уставното име на соседната земја, за што предуслов е ревизија на Уставот.

Чупеска Станишкоска вели дека за Македонија е важно останувањето на позицијата дека за идентитетот не се преговара, но во грчките академски кругови тоа се чини невозможно.

Според Милитиадис Сарианидис, професор на одделот за меѓународни студии на Правниот факултет на Универзитетот Аристотел во Солун што се однесува до Грција и до чувствата на грчките граѓани прашањата на идентитетот и на народот се прашања што се поврзани.

Она што го велам е дека вашиот идентитет го дефинира вашето име и вашето име е поврзано со вашиот идентитет, па или ќе имате име во сооднос со идентитетот или обратно. Ако прашањето за идентитетот биде решено задоволително верувам дека нема да има проблеми или несогласувања меѓу двете земји“ вели Сарианидис.

Засега единствено што двете страни го потврдуваат е дека сакаат решение. Според Коѕијас, Скопје верува дека тоа треба да биде лесно, тие веруваат дека треба да е решение што ќе издржи низ времето и како што рече, ќе биде фер.



  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG