Достапни линкови

Спорот за името – главна тема во неделниот печат


Архива - Медијаторот Метју Нимиц во Скопје.

Анализите за можното решение на деценискиот спор за името се главна тема во неделните весници. Фокус се осврнува на писмото од 200 интелектуалци кои бараат прекин на преговорите за името, додека Капитал анализира дека спорот е дојден „до деталите“.

Фокус - Групен секс на интелектуалците со идентитет

Отвореното писмо од 200 интелектуалци „загрижени“ за Македонија и за националниот идентитет во контекст на преговорите за името со Грција предизвик за неколку текстови во најновиот број на неделникот Фокус. „Групен секс на интелектуалците со идентитет“ е насловена првата анализа во која авторот покрај другото вели дека без оглед што во таа група интелектуалци има и такви кои не можат да се поврзат со поранешната власт и со нејзините тврдокорни ставови, „барањето за повлекување од преговорите за името ја разоткрива нивната идеолошка матрица“. Со отвореното писмо, смета Фокус, тие всушност сакаат да ни соопштат дека нивниот колективен ум се определил Република Македонија да не се зачленува во НАТО и во Европската унија.

Другиот текст во неделникот е со наслов: „Оревот кој размислуваше стратешки“. Па авторот, настапувајќи со основната своја теза, вели дека ако потфрлиме на која било од двете точки, рамноправноста на народите или членството во евроатлантските сојузи, не ѝ се пишува арно ниту на нацијата ниту на државата. Тоа, вели авторот, треба да го знаат авторите на отвореното писмо. „Зашто, во ломот и кршот што би можел да настане, некој би можел да праша кои беа тие дома што од готово направија (национална) вересија?“ Оние кои беа горди и сакаа сè, па го оставија народот без ништо – би можел да одговори некој, поентира авторот на анализата во Фокус.

Капитал - Ќе дојде ли со Коѕијас нова клучна фаза на деталите во спорот за името? – Оптимизмот прилагоден на ’ѓаволот во деталите‘

„Ќе дојде ли со Коѕијас нова клучна фаза на деталите во спорот за името? – Оптимизмот прилагоден на ’ѓаволот во деталите‘“ - ја насловува Капитал анализата во која ги наведува изјавите на директните македонски и грчки актери во процесот во која основната теза дека е дојдено до деталите ја поткрепува со поместувањето на посетата на Коѕијас на Скопје од 19 февруари (како што најавуваа грчките медиуми) за крајот на месецов или почетокот на март. Коѕијас треба да донесе нацрт-спогодба што ќе се однесува на името и на нештата што произлегуваат – употребата на името, изведените зборови, вклучително и идентитетот и јазикот; прашањата за трговските имиња, акронимите, кратенките , што значи треба да се решат многу детали. Како поткрепа на тезата дека е дојдено до деталите, во текстот на Капитал се цитира грчкиот весник Та неа кој во текст под наслов „Заев открива дека за идентитетот не се преговара“, објавен по интервјуто на македонскиот премиер за австриската државна радио-телевизија ОРФ, напиша: „Ако Грција навистина не го покренува прашањето со државјанството, тогаш веројатно преговорите се понапреднати од тоа што се проценуваше и имаат за цел изнаоѓање заемно прифатливо име“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG