Достапни линкови

Кои се спорните точки во преговорите за името?


Архивска фотографија- Средба на министрите на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров со посредникот Метју Нимиц.
Архивска фотографија- Средба на министрите на Грција и на Македонија Никос Коѕијас и Никола Димитров со посредникот Метју Нимиц.

Извесно е дека Македонија и Грција во спорот за името преговараат за седум точки. Според аналитичарите, можноста за доближување на позициите зависи од добрата волја на двете страни, а не од тежината на самите точки.

Сите седум точки кои се разгледуваат во процесот за решавање на проблемот со името може да бидат и едноставни, но и премногу коплицирани, а приближувањето зависи од добрата волја на Скопје и Атина, сметаат аналитичарите. Водејќи се, како што вели, од изјавите и на македонската и на грчката страна, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека не е песимист за можно решение.

„Мислам дека темпото на средби и разговори е доста добро, па за неполн месец точки за кои се разговарало 25 години се надминати, има за тоа договор. Од енергијата на македонската влада може да заклучам дека работите одат релативно во ред, а не верувам и дека грчката влада ќе инсистира на парадоксални решенија“, вели Муслиу.

Инаку дека постојат седум точки за кои се разговара спомена премиерот Зоран Заев. Тој рече дека министрите за надворешни работи на Македонија и Грција на состанокот во Виена со посредникот во спорот Метју Нимиц, успеале да постигнат приближување во ставовите за три од седум точки.

Седумте точки ги најави Коѕијас

Минатиот месец, пак, истата бројка ја спомена грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас. Тој во интервјуто за грчката државната телевизија ЕРТ, тогаш рече дека проблемот вклучува седум прашања набројувајќи ги: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците.

Идентитетот, јазикот, употребата на името, сепак се очекува да бидат најспорните од седумте точки за кои се разговара во процесот за името меѓу Македонија и Грција.

За името македонската влада веќе се изјасни дека е прифатлива географска одредница, а од досега споменуваните во јавноста најверојатно се работи за Горна Македонија, Северна Македонија, Вардарска Македонија или Република Македонија (Скопје).

Но, според политикологот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, ниту ова не значи дека точката за името е полесна за приближување, бидејќи и таа може да се усложни.

„Прашање е на што се инсистира, дали ќе има превод на англиски или не, оти не е исто дали ќе бидеме Република Северна Македонија или Republic of North Macedonia“, вели Божиновски.

Опсегот на употреба и идентитетот најспорни прашања

За опсегот на употребата, пак, официјална Атина постојано инсистира на ерга омнес, но неофицијално македонските власти сметаат дека ерга омнес не треба да значи промена на името внатре во земјата, дека не може да им се каже на земјите кои не признале да не нарекуваат поинаку, а дека тоа ќе биде име за сите меѓународни организации и институции.

Од условно прашања полесни за приближување ставови може да спаднат и знаците. Заев неодмана рече и дека се „поприлично“ решени и „симболите МК и МКД“.

Идентитетот, пак, е црвената линија на македонската влада. Заев минатата недела рече дека решението на спорот со името мора да го гарантира и идентитетот и достоинството, а претходно министерот за надворешни работи Димитров одговарајќи на новинарско прашање поврзано со идентитетот и јазикот децидно рече “ ако дојдеме до таа точка за решение да треба да се допира идентитетот за жал нема да има решение“.

Во меѓувреме се очекува закажување на нова средба во процесот што го води Нимиц. И премиерот Заев најави дека откако ќе се извлече како што кажа сублимат од средбата во Виена веднаш ќе се закаже следна средба за преговорите.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG