Достапни линкови

Мислењето за рудниците во владино-собраниските лавиринти


Мапа на концесии за рудници во источна Македонија. Извор „Еко-свест.“
Мапа на концесии за рудници во источна Македонија. Извор „Еко-свест.“

Активистите велат дека атмосферата во Валандово „врие“ поради наводно носење цистерни во рударскиот локалитет „Казандол“, веројaтно полни со сулфурна киселина. Од Владата велат дека сè уште го немаат процесирано барањето за мислење за рудниците од страна на Собраниската комисија за економски прашања.

Владата не дава одговор на прашањето дали има информации дека во рудникот Казандол во Валандово се донесени цистерни со сулфурна киселина. Оттаму велат дека одговор ќе добиеме кога ќе направат дополнителни проверки и кога ќе имаат веродостојни податоци.

Активисти од граѓанската организација „Спас за Валандово“ велат дека пред една недела граѓаните забележале како покрај Валандово поминуваат камиони со опрема.

„Неофицијално се тврди дека имало цистерни со сулфурна киселина, но тоа не ни е потврдено, бидејќи не потврдуваат ниту од компанијата, ниту од МВР кои што ја придружуваа композицијата од овие камиони, дека имало сулфурна киселина. Не знаеме дали тоа биле цистерни за складирање или веќе е донесена сулфурна киселина“, вели Роберт Марков од „Спас за Валандово.“

Од Владата велат дека сè уште го немаат процесирано ниту барањето за мислење на собраниската Комисија за економски прашања, која го побара по завршувањето на дебатата кон крајот на минатиот месец, за предложените измени и дополнување на Законот за минерални суровини. Граѓаните на Валандово со нетрпение го очекуваат ставот на институциите.

Од Владата велат дека јавноста ќе биде детално запознаена кога барањето ќе влезе во постапка.

„Владата ќе ја следи јавната расправа и целата постапка, по што, водејќи се од интересот на граѓаните на земјава, ќе ги дефинира своите позиции“, велат во владата.

За потсетување, на почетокот на месецов Комисијата за економски прашања во Собранието одржа дебата по предложените измени на Законот за минерални суровини од страна на група пратеници.

На дебатата се обратија 28 говорници, пратеници, граѓани, експерти, претставници на рударската заедница, а по завршувањето претседателот на Комисијата Горан Милевски рече дека говорите ќе бидат испратени во Владата за таа да даде мислење и потоа да биде одржана седница.

Собраниската комисија за економски прашања исто така требаше да излезе со заклучок по завршувањето на дебатата за предложените измени и дополнувања на Законот.

Одговор на ова прашање преку електронска пошта побаравме и од пратеникот и претседател на Комисијата Горан Милевски, но до објавувањето на текстот одговор не добивме.

Зовриена атмосфера во Валандово

Од граѓанската организација „Здрава котлина“ која со бори за заштита на Струмичката котлина од отворањето рудници кои ќе користат опасни хемикалии, велат дека не е јасно кога Владата ќе даде мислење, потенцирајќи дека и самата собраниска Комисија за економски прашања сè уште нема излезено со заклучок од седницата.

Оттаму наведуваат дека во моментов, поради „носење на цистерни за сулфурна киселина“ во рудникот „Казандол“, атмосферата врие во Валандово и со нетрпение се очекуваат овие вести.

Минатата година шест општини организираа референдуми и протести за стопирање, на како што ги нарекуваат, „рудниците на смртта“, кои сметаат дека се закана за нивното здравје и за земјоделските површини во источна Македонија.

Ветувањата на Заев

Во однос на прашањето испратено до Владата дали премиерот Зоран Заев останува на ставовите изнесени во Валандово во предизборната кампања, кога изјави дека нивниот официјален став е да престане изградбата на рудници, оттаму даваат неодреден одговор:

„Здравјето на граѓаните и здравата животна средина се во врвните приоритети на Владата на Република Македонија. Владата интензивно работи на изнаоѓање правно-формални аргументи и механизми за решавање на проблемот со рудниците со што пред сè ќе се заштитат здравјето на граѓаните и животната средина, а во исто време ќе се обезбеди интересот на државата“, велат во владата.

Заев во Валандово пред одржувањето на последните Локални избори изјави дека треба да престанат сите постапки околу рудниците, бидејќи, како што рече, „тоа не е иднината на овој бисер на земјоделието во Република Македонија.“

„Македонија мора да внимава со какви постапки се соочува. Овие концесии за експлоатации и дел за геолошки истражувања се дадени од претходната власт. Ние ќе водиме мудри постапки да не нанесеме милионски штети на државата, но едно да знаете - рудниците ќе застанат“, рече тогаш Заев.

Тој исто така на 15 ноември 2017 година, на прашање за рудникот Казандол, изјави дека се против рудници кои користат цијанид и сулфурна киселина и рудници кои немаат заокружен еколошки проект.

„Македонија не сака да биде земја без рудници нормално, но пред сè и над сè здравјето на граѓаните е императив. Овие рудници во своите студии во лачење на рудата го имаат тоа. Посебно драматургијата е уште поголема што од првиот момент тоа не било така. Било без користење на овие отровни средства. Така што, во правна процедура, во сите постапки ние ќе постапиме согласно нашите ставови за коишто транспарентно зборуваме“, рече Заев.

Во меѓувреме, компанијата „Сардич МЦ ДООЕЛ“ во декември минатата година започна со минирање на локалитетот Казандол, а претставници на менаџментот во пресрет на дебатата во Собранието изјавија дека рудникот е подготвен да почне со работа.

Загриженост кај граѓаните во источна Македонија постои и за планот за отворање на рудникот за бакар и злато Иловица во Босилово, но и за други издадени концесии за површински копови.

Во моментов на локалитетот Иловица е исечена шумата каде концесионерот „Еуромакс Рисорсис“ освен рудник планира да изгради и брана висока 276 метри за складирање на јаловината од преработената руда, податоци кои се објавени во официјалните документи на компанијата.

Графички приказ на рудникот Иловица-Штука. Извор: „Здрава котлина.“
Графички приказ на рудникот Иловица-Штука. Извор: „Здрава котлина.“

Референдум да биде услов за нови рудници

Во Предлог-законот, пратениците предлагачи наведуваат дека потенцијална опасност за животната средина во Македонија се 86 издадени концесии за геолошки истражувања за рудници за метали од страна на претходната власт, по чие завршување може да се очекуваат исто толку барања за концесии за експлоатација.

Пратениците истакнаа дека со измените на законот нема да бидат засегнати постоечките рудници, откако Македонската асоцијација за рударство излезе со став дека измените на законот ќе предизвикаат затворање на рудниците и блокирање на целата индустрија.

Во меѓувреме над 30 граѓански организации за заштита на животната средина побараа изјаснувањето на граѓаните на референдум да биде услов за доделување на концесија за есплоатација на минерални суровини.

Додека расте загриженоста за отворањето на нови рудници во источна Македонија, во земјата постои сериозен проблем со над 19 милиони тони индустриски отпад што на годишно ниво го создаваат постоечките рудници, металургијата и термоелектраните, со што големи површини од почвите, водите, воздухот и храната во Македонија во континуитет се загадуваат со тешки метали, податоци научно докажани од страна на префесор Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Во земјава се дефинирани 16 таканаречени еколошки жешки точки во кои, според научните истражувања, сериозно ја загрозуваат животната средина и за чие отстранување се потребни стотици милиони евра.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG