Достапни линкови

Построги мерки за „големите загадувачи“


РЕК Битола
РЕК Битола

Индустријата се уште сериозно не ги исполнува обврските во инсталирање на најдобра технологија за спречување на загадувањето. Државата треба да направи чекор напред со тоа што ќе почне да го решава проблемот во своите инсталации.

Големите индустриски енергетски компании во Македонија во претстојниот период ќе се соочат со построги мерки за намалување и спречување на загадувањето, со тоа што ќе треба да инвестираат повеќе финансиски средства за унапредување на нивната технологија, во услови кога голем дел од нив и натаму сериозно назадуваат во исполнувањето на досегашните обврски од процесот за обезбедување на најдобрите достапни техники за добивање на „А интегрирани еколошки дозволи“, велат претставници на граѓанските организации.

Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42“ вели дека во услови кога големите индустриски капацитети се далеку од исполнување на старите обврски, новата верзијата на законот за животна средина е изработена и се чека негово процесирање во Собранието.

„Законот е сега во нацрт фаза, беше закажан за усвојување во 2017 година, но имајќи ја предвид политичката криза тој се одложи, така што се претпоставува дека во 2018 година ќе следи неговото усвојување“, вели Бујароска.

Во моментов, Министерството за животна средина и просторно планирање има издадено само 26 „А интегрирани еколошки дозволи“, од доставени вкупно 159 барања.

Од Министерството наведуваат дека 15 компании се во процес на добивање на „А - интегрирани еколошки дозволи“, на 68 им се издадени „А - дозволи за усогласување со оперативни планови, односно се во процес на обезбедување на технологијата за спречување на загадувањето, 23 барања со во фаза на нацрт-дозвола, а 27 воопшто не се процесуираат или не работат од други причини.

Април 2014 година беше крајниот рок за таканаречените „големи загадувачи“ да ја обезбедат филтри за спречување на загадувањето.

Бујароска вели дека во со цел да се стигне рокот, во периодот меѓу почетокот на 2013 година и април 2014 година, Министерството набрзина и без учество на јавноста издало голем број дозволи за усогласување со оперативни планови.

„До ден денес се останати над 20-тина барања кои не се завршени. Во оваа група на инсталации влегуваат најклучните: двете термоелектрани на „РЕК Битола“ и „РЕК Осломеј“ чијашто фаза на издавање на овие дозволи се уште е во нацрт, односно немаат финален план за намалувањето на загадувањето, што значи дека кога ќе се земе предвид дека треба да се менува законот за животна средина, може да се каже дека се уште сме далеку од исполнување на обврските“, вели Бујароска.

Државата да стави филтри на своите инсталации

Во случајот со „РЕК Битола“, АД ЕЛЕМ која управува со инсталацијата е во државна сопственост и реално ако државата сака да направи чекор напред можеби прво треба да почне од своите инсталации, односно да го реши проблемот со РЕК Битола, вели Ана Чоловиќ - Лешоска од граѓанската организација „Еко-свест.“

„Соодветното управување со прашината со цел таа да не се емитува надвор е еден од погорливите проблеми кои досега не беа решени. Воедно има и проблеми во однос на недостиг од пошумување и други останати мерки кои „РЕК Битола“ требале да ги имплементираат во изминатите години, но тоа не го правеле и сето тоа сега треба да се интензивира. Јас мислам дека до крајот на 2018 година доколку се направат соодветни напори „РЕК Битола“ ќе има соодветни филтри“, вели Чоловиќ - Лешоска.

Во однос на Југохром како поголем загадувач, Чоловиќ - Лешоска додава дека од Министерството за животна средина добиле информации дека компанијата е во процес на поставување филтри и оти нема да добие дозвола додека тоа не го направи.

Активистите од граѓанската организација „Фронт 21/42“ пред неколку години заедно со други граѓански организации, изработи истражување во кое го анализираат спроведувањето на законските обврски на компаниите за инсталирање на технологијата за спречување на загадувањето.

Во истражувањето се оценува дека спречувањето на индустриското загадување во Македонија е „невозможна мисија“ поради сериозни пропусти во процесот на издавање на А дозволите со прекршување на Законот за животна средина.

Бујароска вели дека моменталната ситуација делумно е променета, но оти и натаму останува констатацијата дека индустријата се уште сериозно назадува во однос на инсталирањето на најдобрите достапни техники за спречување на загадувањето.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG