Достапни линкови

Клучна недела во разговорите за името


Архивска фотографија - изјави на медијаторот Метју Нимиц со министерот за надворешни работи, Никола Димитров
Архивска фотографија - изјави на медијаторот Метју Нимиц со министерот за надворешни работи, Никола Димитров

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, синоќа во Виена се сретна со неговиот грчки колега Никос Коѕијас. Денеска двајцата министри на заедничка средба со посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц.

Димитров и Коѕијас оваа недела ќе разговараат и во Софија. Средбата се очекува по минатонеделната најава од неофицијални извори во Скопје дека со тоа ќе се означи почетокот на клучната фаза на преговорите за решавање на спорот со името.

В четврток и петок во Софија, Бугарија како претседавач со Европската унија во овие шест месеци организира неформален состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки, т.н. Гимних, на кој е поканет и македонскиот министер Димитров, а ќе биде и грчкиот Коѕијас.

Во меѓувреме, додека официјалните грчки владини претставници секојдневно инстистираат на ерга омнес, односно едно име за севкупна употреба, македонскиот владин врв стои на ставот дека за Македонија е прифатлива географска одредница, но без да навлага во детали околу опсегот на употреба.

Кој што подразбира под ерга омнес?

Но, истите владини извори од Скопје минатата недела брифираа дека сметаат дека ерга омнес не треба да значи промена на името внатре во земјата, дека не може да им се каже на земјите кои не признале да не нарекуваат поинаку, а дека ерга омнес би било име за сите меѓународни организации и институции.

Ставот на актуелната грчка влада на Алексис Ципрас за ерга омнес е всушност преземен од позицијата на претходната влада на Неа демократија вели поранешниот македонски амбасадор во Грција Љупчо Арсовски.

Но се ова излегува од рамките на времената согласност ако се прави нов договор. За тоа треба поинакви преговори и размислувања оти за ваков врел проблем требаат ладни глави“, вели Арсовски.

Грција, пак, ја одбива двојната формула со години. Во 2008 година непосредно по самитот на НАТО во Букурешт на кој Атина под раководството на Неа демократија ја испорача блокадата за членство, грчкиот преговарач Адамантиос Василакис рече дека ако Македонија продолжи да зборува за двојната формула, нема надеж дека наскоро може да биде решен спорот меѓу Скопје и Атина.

Најави за протести, партиите воздржани

И додека се очекува раздвижување на работите околу спорот за името и според најавата можно вклучување на дипломатски „тешкаши“ во процесот, низ земјава, а и во дијаспората почнаа да се организираат протести за прекин на преговорите.

Според политиколот Митко Гаџовски, земајќи предвид дека сите поголеми партии даваат поддршка на процесот на преговори, не би требало да се очекува голема масовност.

„Мислам дека нема да има голем одзив, дека ќе се сведат на неколку стотици граѓани кои секако имаат право на протест ако не се согласуваат со нешто“, вели Гаџовски.

За на 27 месецов, како што е најавено, македонските заедници во светот по повод годишнината од движењето „За заедничка Македонија“ организираат Семакедонски протест за одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата во Скопје во 18 часот. Од најголемите партии пак вкучувајќи ја и опозициската ВМРО-ДПМНЕ засега не даваат јавна поддршка на на ваквите собирања.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG