Достапни линкови

Заев - Приближување во три од седумте точки во преговорите за името


Премеирот Зоран Заев на закројување на лозје по повод Свети Трифун.

Од првичните седум појдовни позиции во преговарачкиот процес, приближување во ставовите има во три од нив, изјави премиерот Зоран Заев, кој денеска ја посети Тиквешијата. Тој вели дека на средбата во Виена всушност почнал преговарачкиот процес, а сè досега било презентирање на позициите на двете страни. Но вели Заев за деталите останува да информира Министерството за надворешни работи.

„Не очекувавме ние премногу, пред сè има образложување на суштините на позициите на двете страни, со обид за меѓусебно разбирање. Медијаторот Нимиц го води процесот, тој ги знае работите што може и што не може да поминат. Мене ми е драго што се разглобени сите отворени прашања. Ако тргнеме од некои седум позиции коишто беа појдовни точки на разговорите, знам дека тоа е веќе намалено на четири, значи три се отклонети“, рече премиерот Заев.

Тој вели дека веројатно тие беа најлесните точки, но дека тоа е сигнал и за двете страни дека може да се изнајде решение.

„Секако, суштинските позиции се многу значајни, името, уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои таму се спомнуваа. Тоа е суштината на самиот преговарачки процес и можноста за изнаоѓање на решение“, рече Заев.

Тој останува на ставот дека нема потреба од интервенции во Уставот и дека добро се знае до каде може да се направат отстапки, а доколку се најде решение граѓаните ќе го имаат последниот збор, преку референдум.

„Тоа значи за нас е прифатливо име со географска одредница, односно ги отклонуваме сите други кои беа временска одредница, или некои други укажувања кои беа како предлози“, рече Заев.

XS
SM
MD
LG