Достапни линкови

Хачисон: Прашањето за името е голема пречка за членство во НАТО


Архивска фотографија-постојаната претставничка на САД во НАТО Кеј Бејли Хачисон
Архивска фотографија-постојаната претставничка на САД во НАТО Кеј Бејли Хачисон

Во брифинг со новинари денеска пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата што ќе се одржи на 14 и 15 февруари амбасадорката на САД во НАТО Кеј Бејли Хачисон рече дека Соединетите Американски Држави многу ја поддржуваат Македонија да стане членка на НАТО.

Македонија е една од потенцијално најподготвените земји да стане следна членка на НАТО, рече амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Алијансата Кеј Бејли Хачисон во телефонскиот брифинг со новинари пред состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата што ќе се одржи на 14 и 15 февруари.

„Соединетите Американски Држави многу ја поддржуваат Македонија да стане членка на НАТО“, рече Хачинсон.

На прашањето на Радио Слободна Европа, што ако Скопје и Атина не успеат да дојдат до решение, дали има план Б за Македонија и дали е реално да се очекува помош во процесот од високи дипломати од Вашингтон, таа одговори дека прашањето за името е голема пречка.

„Знам дека ние во САД работевме да има посредник. Обединетите нации работеа да има посредник посветен на прашањето за името и кога тоа е јасно, тогаш мислам дека Македонија е поддржана. И откако ќе се расчисти патот, секако ќе очекуваме да ги разгледаме сите реформи кои се преземани во Македонија. Таа е една од потенцијално најподготвените земји да стане следна членка на НАТО и знам дека САД многу го поддржуваат тоа и се обидуваат да помогнат. Прашањето за името е голема пречка во овој момент“, рече Хачисон.

Очекувања на македонската влада делумно беа дека исчекор во спорот за разликите за името е можен периодов пред самитот на НАТО во првата половина на јули, за Македонија тогаш да може да ја добие поканата за зачленување во алијансата, стопирана пред девет години поради грчката блокада.

Неодамна на брифинг во Скопје високи владини извори наведоа дека ако запнат преговорите не се исклучува можноста за влегување во игра на таканаречени дипломатски тешкаши, не презирајќи кои и од каде.

Опцијата за план Б, односно влегување во НАТО без решен спор за името, при посетата во Скопје ја отфрли генералниот секретар на Алијасната Јенс Столтенберг. На новинарско прашање дали има друга опција тој децидно одговори дека „нема друг начин да се влезе во НАТО без решение на проблемот со името и тоа беше јасно кажано неколкупати“.

Периодов, пак, Британскиот дом на лордови побара од Владата во Лондон да се заложи Македонија да стане членка на НАТО, без оглед на тоа дали ќе биде решено прашањето за името.

Во извештајот „Велика Британија и иднината на Западен Балкан“ на Домот на лордовите усвоен во декември лани, објавен на 10 јануари годинава, се наведува дека Македонија треба да се приклучи на Северноатлантската алијанса заради мир и стабилност на регионот. Пристапувањето на земјата во НАТО не треба да зависи од решавањето на спорот за името меѓу Атина и Скопје, се наведува во документот.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG