Достапни линкови

Владите градат доверба, преговарачите бараат решение за името


Средба на премиерот на Македонија Зоран Заев работи со министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕијас на 31 август 2017
Средба на премиерот на Македонија Зоран Заев работи со министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕијас на 31 август 2017

Македонските власти постојано изразуваат оптимизам дека спорот за името може да се реши во првата половина од годинава, а од друга страна велат дека не се преговара за конкретно решение, туку оти градат доверба со Атина.

Новата рунда разговори меѓу посредникот на ОН Метју Нимиц и преговарачите од Македонија и од Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис ќе се одржи на 17 јануари во Њујорк, дознаваме од македонски дипломатски извори.

По тригодишен застој, минатиот месец во Брисел се одржаа разговори меѓу Нимиц и претставниците на Македонија и на Грција. Беше најавено дека средби на преговарачите со Нимиц ќе има секој месец.

please wait

No media source currently available

0:00 0:03:04 0:00
Директен линк

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, пак, денеска е во посета на Атина, каде што се среќава со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас. Во пресрет на посетата, Османи, во интервју за Независната балканска новинска агенција - ИБНА, вели дека нема предлог за името, туку сè уште се гради доверба меѓу двете страни за да може да се создаде атмосфера да се направи обид за изнаоѓање на заедничко прифатливо решение за спорот. Во интервју за Независен весник, тој вели дека во овој момент прашањето за референдум за евентуално решение само го оптоварува и онака компликуваниот процес.

Македонските власти постојано изразуваат оптимизам, а од друга страна велат дека не се преговара за конкретно решение, туку се градат мерки за доверба. Аналитичарите велат дека оптимизмот и смирувањето на страстите се пат кон евентуален компромис.

Претседателот на Евроатлантскиот совет на Македонија, Исмет Рамадани, вели дека заедно со мерките за доверба траат и преговорите со посредникот на ОН Метју Нимиц. Со зачестените средби се создава позитивна атмосфера, вели тој.

„Во исто време во јануари доаѓа генералниот секретар на НАТО, што многу ќе ни значи, затоа што не е само симболика, туку најверојатно ќе има многу јасни пораки како да се приоѓа кон решавање на проблемите и исполнување на условите за добивање на поканата за членство во НАТО“, вели Рамадани.

Поранешниот дипломат Благој Зашов вели дека без оптимизам не се решава ниедно прашање.

„Шест месеци не се малку за да може да се направи нешто во оваа смисла во којашто ете и Ципрас, а и Заев најавуваат дека ќе сторат сè што е можно за да може да дојдеме до некаков резултат“, вели тој.

Премиерот Заев во неколку наврати изразува оптимизам дека Македонија би можела да добие покана за членство во НАТО во првата половина од годинава. Во интервју за Независен весник, објавено денеска, вели дека оптимизмот го темели на подготвеноста од двете страни без предрасуди да разговараат за сите прашања. Во интервју за грчките медиуми, и премиерот Алексис Ципрас изјави дека е оптимист во однос на решение на спорот за името.

Грчките медиуми пишуваат дека се очекува средба Заев-Ципрас овој месец во Давос, каде што двајцата треба да присуствуваат на Светскиот економски форум.

Заев за новогодишните празници го посети Солун, каде што вечераше со солунскиот градоначалник Јанис Бутарис. По Нова година Бутарис изјави дека Заев рекол дека дека ќе го смени името на аеродромот и таблите на улиците.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по мини министерскиот состанок во премиерската палата во Атина, кој го закажа грчкиот премиер Алексис Ципрас минатата недела, рече дека Атина останува на позициите од Букурешт и како решение бара сложено име за севкупна употреба.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG